Aвстралиско-англиски збор на годината: милкшејк патка

Не е некој нов начин на подготвување патка. Се работи за интернет меме и термин кој Оксфордските речници го вклучија во најтесниот избор за збор на изминатата година. Но сега оваа престижна титула му ја додели Мекгајр, речник на австралиско-англискиот.

„Милкшејк патка“ опишува феномени кои првично се промовираат како позитивни, за преку ноќ целиот јавен дискурс во однос на нив да се промени, и тие одеднаш жестоко да бидат критикувани.

Изразот почна да се шири преку Твитер, со пост на Бен Вард (@pixelatedboat), австралиски илустратор, кој во јуни 2016 го употреби за да опише фиктивна патка која во прв момент на сите им е симпатична, додека не се открие дека таа е расист(ка). Така сиротото пајче стана симбол на нестабилната интернет слава, која како што некому му е доделена, така многу бргу и сурово може да му биде одземена.

Денес, 15.1, речникот Мекгвајер, воспоставен во 1981 како референтен за австралиско-англискиот, соопшти дека го прогласил токму овој збор за збор на годината. Во финалето влегле и „фремили“, кој се однесува на група луѓе кои не се крвно поврзани но претставуваат интимно поврзана мрежа од луѓе, како и „ендлинг“ - последен преживеан член на одреден (животински, растителен или човечки) вид.

„Милкшејк патка сепак беше еден чекор пред другите бидејќи опишува феномен со кого сè почесто се среќаваме, не само на интернет, туку и во сите видови медиуми. Тој отсликува истовремена желба некој да биде уништен, но и надежта дека тоа сепак нема да се случи“, изјавиле од речникот.

15 јануари 2018 - 15:44