Aроганцијата на терминот „антропоцен“

Постоењето на геолошка епоха во која доминира човекот, и која е наречена според него, дава погрешен впечаток за нејзиното значење во големата слика на историјата на планетата.

Додека некои епохи во земјината историја се протегаат на повеќе од 40 милиони години, таканаречениот „антропоцен“ започнал пред неколку векови, а можеби, како што изгласа панел научници на почетокот на годинава, и пред само 75 години, некаде на средината на 20 век. Тогаш растечката маса население го забрзала развојот на индустриското производство, почнала да употребува земјоделски хемикалии, и на куп други начини инициралa значајни промени во животната средина.

Геологијата како наука се занимава со карпи таложени со милениуми, периоди кога се појавуваат цели планински синџири, за потоа некои од нив да се претворат во прашина, и каде наодите „од длабокото“ можат да се датираат со грешка од околу 50,000 години. Што се 75 години па и неколку векови во однос на ваквите епохи? Дали воопшто антропоценот заслужува да се нарекува така?

Идејата за антропоценот oттаму е повеќе интересен мисловен експеримент. За оние кои водат сметка што сè се случило во текот на овој период, кој во геолошко време е како трепнување, станува збор главно за список на нашите утки, ѓубре и глупости. Кои, за среќа, откако нас ќе нè нема, многу бргу ќе бидат покриени со нови слоеви, и најверојатно никогаш веќе нема да ја видат светлината на денот. Затоа што нашиот стратум, слојот кој ќе ги содржи и нашите најдоблесни креации, и нашите промашувања, е толку тенок што лесно ќе може да се промаши. А она што можеби сепак ќе се најде ќе сведочи за неверојатниот антропоцентризам на нашиот вид, кој ете, се огледува и во името на „епохата“ која и не е тоа.

Геолошкото време е концепт кој е тешко разбирлив за човечки ум, а фактот дека сета запишана човечка историја низ таквата, геолошка призма е тотално небитна, за многумина е неприфатлив. Ако се спореди нашето геолошкото наследство со она на еден диносаурус, чие владеење покрива повеќе епохи и функционирало (од човечки аспект) вечни 180 милиони години, тогаш математиката покажува дека тоа е 36,000 пати долга запишана човечка историја. Додуша нивни остатоци од длабоката историја има толку малку што дури и во последните 7000 години од нивното владеење тие да станале хиперинтелигентни и да создале цивлизација пред да ги удрил тој проклет астероид, тоа никогаш нема да го дознаеме. Ете, тоа е резултатот на нивните 180 милиони години доминација во смисла на фосилни остатоци.

А што е со нашите неколку децении индустриска цивилизација? Дали нашето влијание врз геолошкиот состав на земјата е веќе толку големо (или ќе стане, ако поживееме како вид) за геолозите 100 милиони години од сега, кои и да бидат тие, кога ќе погледнат наназад да можат да речат „Да, препознаваме дека овие остатоци се од посебен период кој мора да е поврзан со човекот“? Накратко, за идните геолози, модерната дебата за тоа дали антропоценот почнал пред 10 минути или пред 10,000 години ќе изгледа како домашна расправија на 50-та годишнина од брак, за тоа тоа во која наносекунда сте се зеле.

А сега може да продолжиме да се занесуваме со идејата за таа посебна епоха, која им ветува вечен живот на нашите креации.

извор

14 август 2019 - 14:50