Aна Каренина во Сомалија

Мoхамед Баруд имал 31 година и само што се оженил, кога бил осуден на доживотен затвор, само затоа што се осудил да напише поплака до властите. Една книга му го спасила животот.

Годината е 1981, а Сомалија во тоа време е под власта на воениот диктатор Сиад Баре. „Злосторот“ на Мохамед се состоел во тоа што напишал писмо со поплаки во врска со условите во локалната болница, што од страна на властите било оценето како предавство.

Во самицата во која бил затворен мислел на својата 20-годишна невеста и дали таа ќе го остави, како што тоа им го советувала владата на сите сопруги на затвореници. Никој не смеел да го посетува, а во затворот немало никакви активности кои би можеле да му го окупираат вниманието.

Конечно, по осум месеци во самица, затвореник до него му предложил да научи тајна азбука, со удирање по ѕидот. Човекот бил доктор Адан Абокор, директор на болницата за којашто Мохамед го имал напишано писмото и кое било причината за тоа што се обајцата во затвор. Тие почнале да комуницираат, и докторот направил сè што можел во такви околности да го спречи Мохамед да изврши самоубиство.

По две години, Абокор бил повикан во канцеларијата на чуварот за неговата прва промена на облека. Го фатил во добро расположение, и овој му дозволил да земе книга во ќелијата, скапоцен предмет во самица. Докторот ја одбрал најдебелата.

„Ана Каренина“ има повеќе од 800 страници, околу 350.000 зборови, 2 милиони букви, а за секоја од нив бил потребен таен код од неколку удари. Докторот почнал да му ја „чита“ книгата на Мохамед, покривајќи си го прстот со чаршаф за да не го раскрвари тропкајќи по ѕидот.

Двете приказни - онаа на благородничката Ана и на затвореникот Мохамед на прв поглед се многу различни. Но обете се за некакво страдање заради социјалните норми, зборуваат за осаменост и за суицидни мисли. Ова многу му помогнало на Мохамед, да ја спореди својата со ситуацијата на другите, и по негови зборови му помогнала да опстане. Она што тој всушност го научил е дека емпатијата не треба да важи само за нашиот однос кон другите, туку и за нашиот однос кон самите себе.

Додека тој бил во ќелијата, Сомалија минала низ граѓанска војна. Неговата жена, Исмаан, станала бегалец, но го издржала притисокот да се разведе од него. Потоа политичките ветришта се промениле, и Мохамед бил пуштен осум години подоцна. Во 1989 тие повторно се нашле. Денес тој работи како консултант за Сомалиската комисија за човеков права, и има објавено мемоар, под наслов „Дрвото кое тажи“.

30 март 2019 - 09:47