70-то издание на Kaнскиот фестивал - контроверзи и очекувања

Вчера се отвори Канскиот филмски фестивал, кој ќе се одржи од 17-28 мај. Претседател на жирито оваа година е Алмодовар, а во него, соочен со презир на европските филмофили, членува и Вил Смит. Моника Белучи го водеше отварањето, а дел од нејзиниот настап беше залапувањето на сцена со францускиот колега, комичарот Алекс Луц. И ова е само почеток.

Всушност контроверзите во врска со овогодишното издание на славниот фестивал почнаа уште во март, кога беќе објавен официјалниот постер, на кој младата Клаудија Кардинале е фотошопирана така за да има потенок струк и послаби нозе. „Ако Кардинале не може да ја претставува убавината без да биде ретуширана, тогаш што да кажеме ние, останатите“, беше една од реакциите на Твитер. Сепак актерката, која денес има 78 години, беше поумерена: „На филмски постер нема место за реализам, а јас, како посветена феминистка, не гледам тука навреда за женското тело. Има многу поважни нешта за дискусија во светот. Ова е само кино“, изјави таа тогаш.

Втората контроверзна тема беше прифаќањето од страна на фестивалот на два нови наслова продуцирани од Нетфликс во официјалната програма, драмата „Приказните на Мејеровиц“ на Ноа Баумбах со Дастин Хофман и Адам Сендлер, и „Окџа“ на Бон Џун Хо, фантастичен еп со Тилда Свинтон. Иако многумина го прифатија ова како признавање на иднината на филмот, на ваквиот чекор на организаторите жестоко реагираше Федерацијата на француските кино-оператори, бидејќи ниту еден од спомнатите филмови не е во план за прикажување во француските кина.

Работата дојде до таму што минатата недела фестивалот издаде официјално соопштение, дека за следната година во трка за наградата ќе прифаќа исклучиво филмови кои се дистрибуирани во француските кина, „како поддршка на традиционалниот начин на прикажување во кино салите во Франција и во светот“, а оние кои се прикажуваат преку директен стриминг без да поминат низ кино-прикажување нема да можат да се кандидираат.

Сепак, телевизиски настан број 1 на фестивалот е долгоочекуваното враќање на „Твин Пикс“, чие продолжение раскажува што се случувало во последните 25 години откако жителите на истоименото гратче беа вознемирени од мистериозното убиство на Лара Палмер.

Најмногу проекти оваа година - дури четири - има Никол Кидман, меѓу кои и еден од најочекуваните овогодишни изданија, филмот The Beguiled (Заведениот) на Софија Копола, љубовна приказна која се случува во текот на Граѓанската војна во САД, во кој партнер на Кидман е Колин Фарел. Необично, но Кидман и Фарел се партнери во уште еден филм на Кан, „Убиството на светиот елен“ на Гркот Јоргос Лантимос (за неговиот „Јастог“ тука)

Оваа година има и неколку филмови режирани од актери, како оној на Кристен Стујард (Come Swim), и на Ванеса Редгрејв (Sea Sorrow), документарец за бегалската криза, кој како што вели авторката бил инспириран од фотографијата со безживотното тело на момчето Алан Курди.

Од раните фаворити за Златната палма се издвојуваат Wonderstruck na Toд Хајнс, режисерот на „Керол“, во кој глумат Џулијан Мур и Мајкл Вилијамс, а ја раскажува приказната за момче и девојка разделени со 50 години чии приказни се спојуваат, како и филмовите на досегашни добитници на наградата. Такви се „Ти никогаш не беше вистински тука“ на Лин Рамси (режисерката на „Треба да зборуваме за Кевин“), со Жоакин Феникс во улога на воен ветеран кој се обидува да спаси девојка од проституција, и Мајкл Ханеке, кој е двоен добитник на Палмата, а оваа година настапува со „Хепи енд“ со Изабел Ипер, семејна драма која се одвива во Кале среде бегалската криза.

Со оглед на тоа што фестивалот прославува јубилејни 70 години од постоењето, организаторите за оваа година креирале специјална прва награда. Таа не само што ќе се состои од досегашните 118 грама чисто злато, туку ќе биде украсена и со 167 дијаманти, вредни околу 20,000 евра.

Голем број филмови кои денес се сметаат за класици ја доживеале својата премиера токму во Кан во текот на последните седум децении, а некои од нив ја добиле и Палмата - „Третиот човек“, „Долче Вита“, „Јол“, „Париз-Тексас“ и „Таксист“. Овогодишниот победник ќе биде објавен на 28 мај.

 

18 мај 2017 - 08:42