8-мартовска Букбокс читанка

50 нијанси македонска книжевност

5 секси сцени од македонската современа книжевност, по избор на Taтјана Б. Ефтимоска. Сите автори се мажи, но го величаат женскиот принцип, низ метафори кои се бесценети: зајрести гради, дабести дипли, орхидеја-месојатка, мускулести сапи. Да, да, за македонски жени се работи.

Тања е професорка по македонски, лектор, пријателка на Букбокс од неговите почетоци, и некој на кого човек може да се потпре за креативно-стручна соработка. Како на пример оваа: 5 секси сцени од македонската современа книжевност, по избор на гостинката.

Сите автори се мажи, но го величаат женскиот принцип и тело, за што сме им бескрајно благодарни. Истовремено, метафорите и јазикот низ кои тоа го остваруваат се бесценети. Зајрести гради, дабести дипли, орхидеја-месојатка, мускулести сапи – македонската жена е Амазонка, страсна „до бессопир", во одлична физичка кондиција, и прилично вербална дури (или особено) во миговите на љубовна наслада. Oној кој денес ќе ви купи нешто за празникот, можете да го наградите со антологиското: Те љубам, дабе мој стогодишен!

Уживајте! 

Сè што сте сакале да знаете за сексот, а сте мислеле дека не можете да прочитате
од Татјана Б. Ефтимоска

Кога разговарам со луѓе кои од македонската литература ја знаат само онаа дисциплинирано сервирана во вид на „лектири и дела" низ образованието, честопати го слушам нивното запомагање: „Аман веќе од македонскиве писатели! Само за војни, ропства и сиромаштија пишуваат. Никако да се спасиме од тешкиот живот на македонскиот народ."

Да, македонските автори се обременети со историски и културно-општествени, контекстуални теми, да не речам – клишеа. Врежани им се во културната меморија ли, во хромозомот за книжевност ли, некако како да не можат да избегаат од нив. Ако сакаат да ги запише Друговац во својата книжевна историја, темите што ги третираат мора да се национално апокалиптични.

Но, дали пишуваат за сексот? Ја изгубиле ли македонските писатели својата невиност? Какви се во кревет? Што знаат за оваа тема? Имаат ли секс со библиско значење – нема уживање, само продолжување на родот! – или сепак...начуле нешто и за Кама Сутра?

Македонската книжевност, начелно, стенка под јаремот на конзервативниот морал. Голотијата речиси и да ја нема. Јон и Велика во романот-парадигма на сè што е македонско, „Пиреј", ги раѓаат своите пет деца (а веројатно и шестото) без да се видат голи еден со друг. Јон гледа силувана, мртва жена на фронтот и тоа е неговoто прво соочување со естетиката на голото женско тело, од која останува по малку некрофилски фасциниран.

Ама, сепак, ако се заслушате, во македонските романи не одекнува само стенкање под нечија окупаторска чизма. Среде тие историски лелеци, како да се слуша и малку поинакво стенкање... Еве неколку од тие сцени. Во нив страста е дива, лексиката полна со сокови, зборовите се жешки до избезумување, а сексот е најчесто валкан, животински. И токму таков, единствено можен. Што би рекол Вуди Ален: Is sex dirty? Only if it's being done right.

Три од сцениве подолу се меѓу Македонци/Македонки и припадници/-чки на други националности. Тоа зборува дека преку универзалниот јазик на сексот се надминуваат дури и меѓунационалните бариери, едни од највкоренетите ограничувања во македонската национална свест, полузаспана или подразбудена. Секоја почит за тоа.

Еве го мојот избор:

1. „Небеска Тимјановна" – Петре М. Андреевски

Се сретнавме на едно празно место кај што дуваше од вратата. Таму немаше луѓе. Му се расчекорив, со проштение, му се дадов. И после не знам што стана... Ни се измешаа нозете, ни се прелија телата. Студи, а мене капки пот да ми се тркалаат по слабините. Ко зрна пченица ми капат под мишките. Неговите прсти ми жежат и преку алишта. Ме палат и не знам кај ме водат. Ме крева во некои височини, што се вели, јас претам и летам нагоре. Не ми втасува небото. Крцкаат коските, пршлените, се шират ципите, се оптегнуваат жилите, ќе пукнат ко јажиња. Збиваме и си го преземаме дишењето. Нозете ни потклекнуваат, ни се тресат колената. Се давиме ко кучиња, а и ноктите ни растат ко на кучиња. Си ги вкопуваме во месата, се кинеме. И ништо да си речеш, да проговориш. Сè е без збор, без одговор. А ти се вика, ти се рика, што се вели, ама си го прекасуваш и гласот, не го пушташ. Си го слушаш само безгласното плачење од радост дека пак си се вратил меѓу живите. Осеќаш дека слободата е некаде блиску до тебе и не знаеш што да направиш. Само забрзаниот пулс те потсетува дека солзите ти се на крајот.

2. „Зоја" – Паскал Гилевски

Собичката набргу се стопли од нивното дишење. Али почна алчно да ја соблекува. Кога го виде нејзиното бело и сјајно месо, тој уште повеќе здиве; незасито ѝ ги смукаше јадрите, зајрести гради, што се стврднаа како мазни камени беленки, жената офкаше тивко, придушено, за да не се разбудат нејзините, но наеднаш почна да сеќава таква наслада што ѝ доаѓаше силно да крикне и да умре. Повеќе од три години ја немаше допрено машка рака; на телото немаше ниедна модрина, ни од машки фат, ни од машки заб; тоа беше чисто и бело како незгазнат блештукав снег. Во слатка замајаност чувствуваше како Али ја вденува во неа сета своја трескавична набрекнатост и силовито, длабоко ја клоца, како со копито на тежок ат. Во тој момент таа посака вечно да остане во неа и грчевито, непопустливо ги држеше неговите колкови, неговите космести и мускулести сапи, кои рамномерно се креваа и спуштаа во вртоглавиот понор на љубовната наслада.

3. „Разбој" – Владо Малески

Тој ја зграпчи со рачиштата влакнести и испреплетени со жили и како секогаш, лесно ја крена на раце. Тогаш Митанка навчас заборави сè: и улавиот во него го заборави и убивањето. Припадна, се втресуваше до бессопир, како пиле заклано се прпелаше, не пиле, рече, глувци се гонат во мене, се закикоти отшто ѝ беше убаво, преубаво... На замин, тој дувна во ламбата, на ѕидовите и насекаде се излепи невиделица, а собата замириса на газјен чад. Миризбата од чадот доопиваше.
Кога ја спружи на креветот, тој ѝ ги изу чевлите. Потоа симнуваше дел по дел од облеката и пушташе некакви исконски крикови од кои Митанка придушено јачеше, јачеше и го чувствуваше гонењето на глувците. Сега таа му го соблече палтото и кошулата му ја соблече, ги бацуваше космите на неговите гради и, како да бладаше, велеше: Ме љубиш ли, дабе мој стогодишен?
Тој, голоград, безумствуваше на неа, се слизгаше низ белите врлежи нејзини, ќе потраеше малу под облите завети и пак ќе тргнеше низ некои длабести дипли што се собираа по прстите и едностојно пушташе неразбирливи крикови...
А таа се вотинаше во него козинав и мускулест и жилест и не знаеше дека збори а збореше:
‒ Сè е твое, дабе мој, браненици нема, погали ги пупкиве со рачиштето моќно... така... еве, сега не се веќе пупки а буклинки, гледаш? Не гледаш... Кажи барем малу дека ме љубиш, малу-од-малу, кажи, чинару мој стогодишен...

4. „Дива лига" – Влада Урошевиќ

Таа ги рашири нозете гледајќи го Бојана в очи. Потоа, покажувајќи дека нема да му дозволи да ѝ се доближи, таа ги отвори усните на својата школка, и со средниот прст од десната рака премина преку веќе навлажнетата пукнатинка.
Бојан лежеше наспроти неа, на другиот крај од креветот, и гледаше како нејзините прсти – прво полека, а потоа сè позабрзано – преминуваат преку розовата слузокожа. Школката на Ирена се отвораше како некој цвет, како орхидеја-месојатка од тропските шуми: латиците на цветот светкаа од навлажнетост, мовлестиот густеж наоколу стануваше маслест. Прстите на Ирена свиреа врз тој чудесен инструмент, изведувајќи врз него некаква грчовита, синкопирана мелодија. Ритамот стануваше сè понервозен, со своето повторување како да бараше некаков одговор скриен длабоко во телото; тој одговор не доаѓаше и неговото барање стануваше сè поупорно, сè пораздразнето, сè поочајничко. Прстот на Ирена се лизгаше меѓу усните, запирајќи врз некои места како да насетува дека е тука тоа што го бара. За сето време таа втренчено го следеше погледот на Бојан и неговата насоченост кон она што таа го прави – тоа како да му даваше вистинска вредност на секој нејзин потег. Ирена се отвораше кон Бојан со предизвикувачка безобѕирност: тие раширени неми усни, обрабени со испотени кадрици, како да сакаа да искажат некој свој крик, некој свој длабински вресок.
‒ Гледај, шепотеше Ирена, гледај, гледај што правам. Гледај, тука, тука, тука, гледај, нели е убаво, види.
Нејзините потези стануваа сè поиспрекинати, таа како да губеше некои стапки во освоениот ритам; во еден миг нејзините нозе се исправија, се затегнаа, низ нејзиното тело помина долготраен струен удар, устата ѝ се извитка, целото лице ѝ се искриви во грч. Таа остана така – неподвижна, замрзната во некаква бескрајна ужаснатост или вознесеност.

5. „Папокот на светот" – Венко Андоновски

Ја зграпчив за косата и ја повлеков назад; таа офна и падна; јас го фрлив шишето во ѕидот, тоа се скрши, и јас веќе следниот миг се нафрлив врз неа. Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините мали гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сè е готово после ова, дека сум уништил сè, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини; „Што правиш тоа?", ме праша, очигледно изненадена од таа игра, од таа неочекувана и за неа непозната нежност после гризењето по целото тело; „Го барам папокот на вселената", реков; и кога продолжив со таа игра со папокот, таа се смири; престана да ме удира, рацете ѝ тргнаа кон моето лице, ме повлече кон своето лице, кон устата, и веќе следниот миг, според начинот на којшто ме прими и се отвори, јас знаев (тоа движење ми беше сосема непознато, како на маж кој не преспал со жена): тоа не беше онаа Луција што доскокна од вратилото во мојата прегратка.

8 март 2013 - 10:09