400 години Сирано: кој бил вистинскиот де Бержерак?

Бунтовник со голем нос, но и со широк и слободарски дух, кој бил многу пред своето време. За жал потиснат од она што од неговиот лик го направила книжевноста и популарната култура. 

Ликот и делото на „нослестиот“ Сирано во 1897 е „украден“ од Едмонд Ростан за истоимената, мега-популарна драма во стихови. Оттогаш, силуетата со пердувеста шапка, меч и нос кои покажуваат кон небесата, се препознатливи дури и од оние кои никогаш не ја читале драмата, ниту пак знаат дека постоел реален лик под истото име. Втора кражба се случила од град во југо-западна Франција, кој заради тоа што се вика Бержерак си го присвоил, поставувајќи дури две статуи во негова чест.

Вистинскиот Сирано од 17-тиот век навистина бил чувствителен во врска со својот голем нос, кого го бранел и со острица и со мастилница. „Голем нос е знак на умен, благороден, великодушен и либерален маж; мал нос укажува на спротивното“. Сепак, тоа на „н“ што не смеело да се спомне во негово присуство не било ни од далеку толку импресивно и во форма на ски скокалница како што тоа го замислиле шминкерите на филмовите за Сирано со, помеѓу другите, Дерек Џејкоби и Жерар Депардје.

Се родил во Париз во март 1619, што значи дека оваа година се одбележуваат 4 века од неговото раѓање. Неговото презиме Сирано било надополнето кога семејството се преселило на скромниот имот Бержерак близу Рамбује. Бил бунтовен кон татка си, не си ги сакал сестрите и браќата и ги мразел свештениците кои истовремено му биле и професори. Како тинејџер пиел, се тепал и бркал девојки. Кога неговиот пријател Андри Ле Брет отишол во војна, тој заминал со него, се борел во две опсади, два пати бил ранет и на возраст од 21 година ја напуштил војската.

Бил многу љубопитен, многу читал, и бил крајно скептичен кон влијанието на Црквата врз човечкиот ум. Ги познавал астрономијата и филозофијата, и се залагал за слобода на духот. Пишувал и сатирични текстови, сите против власта, и световната и онаа религиската. Обидувајќи се да заработи со пишување, напишал една комедија која никогаш не била изведена, и трагедија која била забранета по првата претстава.

Но неговите авантури на месечината и на сонцето го направиле славен.Како стигнал до нив? Со фрлање моќни магнети во висина, кои потоа го кренале металниот кафез - неговото летало. Сирано го замислувал падобранот, грамофонот и гравитацијата (пред Њутн), а детално ги опишал и жителите на Месечината, во кои веројатно не верувал но кои требало да ја промовираат понизноста на Земјаните во космички рамки - дека тие не се сами.

Умрел на само 36 години од треска. Или можеби бил убиен, од фрлена дрвена греда кои наводно му ја сместиле езуитите. И повторно, постхумно бил ограбен - неговиот пријател Ле Брет ги објавил сирановите вселенски приказни под свое име, бришејќи ги идеолошки неподобните делови. Дури во 1921 одземеното авторство му било вратено, кога овие раскази биле објавени интегрално. Но до тогаш многумина веќе заборавиле дека некогаш постоел ваков реален човек, со реално голем нос но и со голем и слободарски дух.

9 март 2019 - 12:13