Затоа што сите сме виновни

Не еден ден, туку 21 година на жалоста

Не се споија во саботата небото и земјата. Не се отвори небото над Скопска Црна Гора.

Се спои расипништвото со реалноста. Гласот на граѓанинот со Коце. Со Тони. Со Ајвази. Сите тие се споија пред телевизија, а ние се споивме со полудената природа која реши да се пресмета со нас за целата наша сервилност.

Тажни денови за мојата држава. Ужасни слики по социјалните мрежи. Смрт, расфрлани тела, мачни човечки судбини по телевизиите. Многу ни се насобра за четири часа дожд. 

Ни испукаа над глава 900 грмотевици во саботата. И ветришта нè одуваа, и ерозија собра све пред себе, и течеа 93 литри дождовни реки по улици, Мајка Тереза се покажа како немилосрдна, а ние у меѓувреме, дрш - недај по Фејсбуци за тоа кој е крив, кој е прав, и чија е вината за оној голем број жртви покосени со давење.

Деца ни се исподавија, ни се исподавија мајки и баби, дедовци и татковци, а ние пак и пак...

Коце, да си лежиш. Еве ти ги бе панорамските тркала, еве ти ги бе кафезите за мајмуните, еве ти она, еве ти ова, цркни Коце, уа Грујо. Фејсбук ќе прегори од клетви, плукање, ржење, барање вина и оправдување за сите жртви, должни и недолжни. 

А мене не ме засега дали Коце ќе лежи. После ставање у гроб на 21 жртва досега избројани, за мене Коце само уште еднаш докажа дека е мртва политичка фигура. Тој после сè е поголема човечка трагедија од сите загинати. Мислам дека и тој е свесен дека е така. И тој вчера увиде дека нејќе само гумени чизми и мантил, па по вода небаре е Исус да оди и прескокнува. И Коце знае дека веќе ништо не знае. 

Нит лежење, нит оставка, нит ништо не го пере за земање на врат онолку судбини. Не ги спасува од одговорност ниту оној анонимусот Тони, градоначалник на Гази Баба, а ни оној уште поголем анонимус, Ајвази, градоначалник на Арачиново. Стоејќи како свеќа што гори до Коце целиот како од восок да е направен, од Тони едно нешто умно не слушнавме, наспроти преносот на ТВ Нова од тоа како Груевски се надмудрува со Емил за помошта која треба да се донесе. Телефонски. Како претседател на партија.

Да му се згади на човекот животот насушен овде во Македонија. Иванов нешто пелтечи за учество на АРМ, зад него стои Началникот на ГШ исунчан скроз, Коце у Ченто добива клоца од народот, наслови по медиуми како Албанец спасил Македонка, а надвор народ се дави, Ноева арка у реално издание.

Ова е таа Македонија.

Во време на општа државна трагедија, ние слушаме што допрва треба да се направи, а ваму, примај по службите партиски војници, трпај по Единици за противпожарна заштита партиски членови и нивни роднини, гурај со сила во Центар за управување со кризи неквалификувани кадри, троши на гипс и галии басносновни суми наместо за опрема за спасување и одводни системи, врбувај народ за политичка борба наместо за волонтирање и солидарност, сечи дрва и шуми и кај не никнало, и после, седни на Фејсбук и пишувај кој требало да лежи, за да на прва потреба да се спречи власта во создавање сопствена иконографија, да кажеш дека тебе политика не те занима и да апелираш да не се мешало политика со смртта на луѓето? Да фрлаш анатема на МПЦ оти не донирале? 

Па што нè занима сега бе, Македонци?

Вака ли ќе ја докажуваме општествената одговорност? На социјални мрежи, со лајкови, дислајкови и смајлиња со очи насолзени? 

Тука ли сме ние херои? Со отворени броеви за донација? Со пунктови? 

Така се бутал, и Коце, и свети Коце, и така се ставало крај на едно расипништво пред очи од сите нас аминувано. По социјални мрежи, по Твитери, а на секој прекор јавно искажан, мани ги бе таму Соросоиди, мене политика не ме занима, а тоа што го бараше моментот е секој од нас да каже: И јас ќе бидам крив еден ден што Македонија остана запустена додека некој чекори на Марс како да чекори по стајковски полиња. На нашите деца треба да остане оваа држава, едвај стотина луѓе се сетија.

Не е лошо да си признаеме. 

Сите сме виновни. Сите у исти гомна пловиме. Сите изгубивме. 

Покој на душите дај Мајко Терезо. Нè заобиколи кај Смилковско. Си ебало мајката. 

Да умреш со давење во 21 век насред улица, еј. Доуништете ги тоа асфалтите ископани, зини земјо - сите голтни нè.

Со целата македонска долготрајна сервилност, не е фер ни ние да живееме. 

Сандра