24/7

Од небото над епархијата

Нашиве земаат ли земаат бугарски пасоши, и си заминуваат на запад. Деновиве чув дека во Битола направиле и некое предавање за начинот на кој најбрзо може да се дојде до пасапорта.

Велигден е зад нас.

Богослужев во Виена, на убавиот син Дунав. Виена ме виде, ама јас неа не ја видов. Не беше време за шетање. 

Но, видов многу наш народ на празникот. Многу стари познаници и сотрудници на нивата Господова, но и мноштво на новодојденци од разни краеви на Македонија.

Првпат сум за Велигден тука. Домаќиниве велат, ова е рекордна посета за овој празник. А штом е за овој празник кој е најпосетен, сигурно е и рекордна посетата на црквата воопшто. Правевме некои наши анализи, демек се погодило времето, моето присуство, добрата организација, работата на новиот одбор...

Како и да е, мина празникот, а ние Му благодаревме на Бога за постигнатите резултати.

Веќе следниот ден бев по патот со облаците кон Македонија. Го искористив патувањето да се јавам кај сите мои свештеници низ епархијата и да им кажам дека Христос воскресна. Сите од еден до последен беа радосни што убаво ги минале празниците. Сите се пофалија со рекордна посетеност. Викаат и убаво време, ама и многу непознати имало. Луѓе кои првпат ги гледаат, дојдени последниве година две. И тоа се млади луѓе. Од возачи до доктори, од ѕидари до програмери... Сe чув и со одборниците од општините каде што немаме стални свештеници. Истата ситуација.

Рекорд, многу нови нашинци.

Неколку дена пред Велигден служев и во Љубљана. Освен што и самиот видов многу нови и млади лица, одборниците ме информираа дека секоја недела без промашување има барем по една мала молитва, односно дека секоја недела се раѓа по едно Mакедонче таму. Дупло повеќе новородени имаме во Италија, т.е во Неиве и во Пјаченца, што би му дошло 250 - 300 деца годишно само во овие три општини.

Не знам дали овие деца влегуваат во оној просек на намален наталитет во Македонија за кој еден мој познаник постојано ми алармира преку пораки со прецизна годишна статистика. Негов став е дека земјата и условите во неа се повеќе од одлични, но не сакаат младиве ништо да направат за својата држава. Не сакаат ни барем по три деца да  ѝ подарат. Не сака да се согласи со мене дека пострашна ни е емиграцијата отколку наталитетот.

Стигнав во Македонија.

Ме израдуваа Швеѓаните поствелигденски со веста дека ми е одобрена работната виза. Треба само да се фотографирам во амбасада и да чекам уште некоја недела. Отидов. Си почекав скоро саат време бидејќи имаше многу семејства кои чекаа интервју за добивање виза. Воглавно Албанци од Косово. И велат секој ден е таква турканица.

Бугарите и понатаму издаваат пасоши за нашинци. Деновиве чув дека во Битола направиле и некое предавање за начинот на кој најбрзо може да се дојде до пасапорта.

Нашиве земаат ли земаат бугарски пасоши, и си заминуваат на запад. Додуша дамбетер е и со правите Бугари. Ги среќавам и нив гетоизирани низ многу градови на Европа. Ги среќавам и по границиве, по аеродромите. Романците распослани низ секој плоштад со армониките, а помладите околу секоја маса од баровите каде што се пие кафе, како просат за некој цент, за некое евро.

Денес патувам за Париз.

Пишувам во авионот на Визер кој е 90% полн со патници. Полни се и сите други летови на Визер од Македонија. Нема врска која дестинација и која сезона е. Авганистан и Дубаи се исклучок. Таму не се оди иселинички, таму се оди печалбарски.

Вчера имаше вест за удавени Африканци во обид да допловат до Европско тло. Не е ни прв ни последен пат, за жал.

И, се прашувам каде ни е онаа еуфорија кога рушевме системи на истоков од Европа, каде е онаа пролетна еуфорија на Арапите, каде ни е радоста што ја имавме кога прогласувавме слобода, кога прогласувавме нови и нови држави, кога се колневме дека живот даваме ама ни педа на комшиите не даваме?

Ништо од тоа не останало, за жал. Остана само желбата да се преживее па не е ни битно каде.
Остана и желбата што побргу да заминеме негде во потрага по парче леб, а подоцна и некоја пристојна кола со која ќе се враќаме секое лето за да покажеме дека сепак не сме се одродиле.

Остана само јаВната администрација и јаДниот Балкан.

О.Пимен