Пимен не сме пасти

Јајцето на газот

"Со пет фрлени јајца по оние кои сакаат да рушат цркви не може да се нахранат сиромашните, но со едно Порше Карера во какво е сликан Отец Пимен може да се нахранат стотици фамилии" стои во реакцијата на Веритас, здружението кое неколку дена по ред протестираше пред општина Центар, бранејќи ја православната вера пред „талибанскиот хват" на новиот шеф на општината Андреј Жерновски. И сè е јасно околу оваа ситуација, нели?

ЧЕКАЈ БЕ, ПИМЕН ВОЗИ ПОРШЕ?
Ма јок. Пимен се сликал во Порше, а Веритас го посоветуваа дека ако го продаде Поршето може да нахрани илјадници гладни семејствa. Ама изгледа дека отецот не го поседува Поршето, па многу семејства ќе мора да останат гладни. Иако има тука малку хулење, добацката за Поршето е кажана со зајадлив тон, како на Веритас да им е мака што немаат такво машинче, иако десетте божји заповеди завршуваат со една заповед која може да ја парафразираме вака: „Не го посакувај поршето на ближниот". Е сега, ако Пимен не го осеќаат за ближен, па тогаш немаме спор.

А ЗОШТО ДА ГО ПРОДАДЕ ПОРШЕТО ВООПШТО?
Види, отец Пимен им забележа на протестантите од Веритас дека не е во ред да фрлаат со јајца по општината и „да ја бранат црквата" оштетувајќи градски имот, и им посочи дека како прави верници јајцата можеле да ги искористат за да нахранат неколку гладни фамилии помочу трикова и магија од типот омлет, кајгана, јајце на око. Ама овие му се запнаа на отецот со маалски финти за шаблонот и за поршето наместо да бидат потемелни и да си кажат дека ако се продаде реалниот а не фиктивен возен парк на МПЦ ќе можеме да го купиме Кипар или Тенерифе и таму да ги праќаме на одмор сиромашните и гладните, полн пансион со шведски стол на доручек. Но добро, одлучија да почнат со јајцата и со сликите на Пимен. И тоа е нешто и е демократско, нема тука ништо спорно. Освен ако Пимен стварно го продаде поршето кое не е негово за да ги нахрани гладните. Тука и покрај робинхудовската желба за правичност и распределба на капитал, законот ќе скокне и ќе го искара. Фала му на Бога, Пимен е нормален и мудар.

ДОБРО, ОД КАДЕ ИМ НА ВЕРИТАС ЈАЈЦА?
На почетокот немаа јајца. После им се создадоа. Па, затоа што ги фрлија јајцата ваљда некој добродетел, некој добар сендвичарјанин ги награди и им донесе и сендвичи. Се троши енергија на јајчарењето и пцуењето (сега, кога мора да се опцуе мора, и Бог мора да разбере и да не се лути) па мора храбрите шампиони да јадат најубави сендвичиња за да ми имаат сила за повеќе. Перпетуујајчарење. Но пази, каква заткулисна играрија уствари се случува: луѓето демократски фрлија домашно произведени јајца за да јадат фаст-фуд награда. Нели ти мириса на расипано? Мене ако ме прашаш, ваков протест навидум за заштита на црквата и спречување на нејзиното наводно рушење може лесно да е прикриен дури и несвесен протест инициран од поддржувачите за пошто-пото влез во ЕУ, или во некоја дај-шта-даш алијанса со САД. Кој друг би уништувал најприродна здрава храна за да промовира јадење на сендвичи во кои има генетски модификувани состојки толку често колку што има месо во бурек со месо? А тамам после затворањето на Мекдоналдс мислев дека работите тргнаа на подобро.

ПО ЃАВОЛИТЕ! ГО ЗАТВОРИЛЕ МЕКДОНАЛДС?
Да. Пред месец дена им го удрија клучот, а денес и светлечките реклами ги симнаа од сите ресторани на синџирот. Добија шут-карта на голема врата. Уствари, кога ќе размислам подобро, протестот пред општина Центар може да е организирано смислено билдерберг-илуминатско праќање на потсвесни пораки до сите нас дека Мекдоналдс не смее да падне, а декларативно и свесно протестирајќи против „талибанските рушителите на црквата кои сакаат да прават нешто што ни Хитлер не го правел" Веритас протестира против рушителите на Мекдоналдс, потсвесно, со помош на хипнотичен инженеринг! Што ќе рече дека Мекдоналдс е издигнат на ниво на религија. Гледаш колку ништо не е случајно или едноставно?

ЕЈ, А ЗОШТО ЈАЈЦА, А НЕ КАМЕЊА?
Прво, секој го сака она што го нема. А бубрезите на сите ни се полни со камења. Второ: бидејќи се културни, како зошто. Проблематично е што го уништуваа велигденскиот симбол, симболот на животот, јајцето, фрлајќи го како да е нивно, ама подобро јајце на фасада него камен по глава.

А „СЕДМИЦА" БЕ?
Масоните ја затворија „Седмица" на 20 дена буцкајќи ги државните органи да делува дека божем одлучиле да се пресметаат со хамбургерите, ни извадија новински написи со списоци на генетски модифицирани производи кои ќе мора да ги јадеме ако влеземе во ЕУ, односно со искуства на благоевропските комшии Бугарите и Романците на кои ЕУ им кажала дека не им го сака семето. А депримира кога некој нема да ти го сака семето. Па и блудница каква што е Европа ако ти го одбие семето, ако не ти сака од помфритчето, како озрачен ќе се осеќаш. Мекдоналдс сака да ја дестабилизира Македонија, да ѝ врати за резилот.

ЗАТОА И НЕРВОЗАТА КАЈ ЈАЈЧАРИТЕ
Затоа. Има црква – има сендвич. Нема црква, аш сендвич. Павлов рефлекс 2014. Мекдоналдс има и многу причини за замерки со црквата. Во ваква религиозна средина во која се пости и во четврток, бизнисот пред големите празници им паѓа како Баумгартнер oд вселена: драматично и брзо.

А ДОБРО БЕ, НЕЛИ БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ ВЕЛАТ: НЕ ГО ТЕПАЈ УРБАНИСТОТ?
И ти сега цепидлачиш. Што велат божјите заповеди за тоа дали да пиеме уште по една или да си одиме одма? Ништо. Сам си ги толкуваш ти заповедите, а онаму каде фалат, ќе измислиш некој нов, не е страшно. Па ако некој општинар те убедува дека ван памети е во мирнодопска Македонија тој да прави нешто што ни Османлиите не го правеле во турско, ти може комотно да ја толкуваш Божјата воља на начин кој ти делува најкоректен и да му ставиш едно јајце на око, демократски и христијански пласирајќи му аргумент дека е лажов и талибанец. Ако пцуеш, пцуј од второ колено па натака. Сепак, не личи да спомнуваме мајки и сестри, воспитани луѓе сме.

И СЕГА, ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО ГЛАДНИТЕ?
Секогаш може да се приклучат на Веритас и да кркаат сендвич после добро изјајчарен протест. Ако е некој посериозен, ваљда и сокче ќе падне.

А ПИМЕН?
Па, Пимен може пак да се слика. Покрај Јустинијан. Или Агатангел.

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT 

12 јуни 2013 - 20:59