Останавме со бубашвабите

И една нова студија потврдува дека состојбата со бубачките е катастрофална. Во блиска иднина голем број на видови ќе исчезнат, и тоа од оние најфините, пчелите и пеперутките. Ќе останат само некои како мувите и бубашвабите кои лесно се снаоѓаат во секоја ситуација. Отприлика како политичката сцена во МК.

Научен преглед на нивниот број покажува дека 40% од нивните видови минуваат низ драматични нивоа на изумирање: пчелите, мравките и слични ним ги снемува од оваа планета осум пати побрзо од цицачите, птиците и рептилите. 

Истовремено, ваквите трендови прават почва некои други од нив допрва да експлодираат, првенствено мувите, лебарките, бубашвабите.

Како што претходно пишавме на оваа тема, кога Господ го правел живиот свет на Земјава, изгледа посебен мерак им има удрено на инсектите, Ги има склепано околу 10 милиони различни видови, што прави нивниот свет да е за 2.000 пати поразновиден и побогат од оној на цицачите.

Пчелите и другите фини суштества ќе ни се одмаздат токму со тоа што ќе ги уништиме: тие обезбедуваат храна за огромен број птици и ситни цицачи, тие опрашуваат околу 75% од посевите, тие ги држат штетниците под контрола.

И, каков е планот, ќе одиме од цвет до цвет и со машинчиња од Али експрес ќе опрашуваме?

19 февруари 2019 - 09:41