Кога ќе в село појдете, фаци да не правите

Научници седнале, прегледале еден тон видео материјал и после темелни анализи составиле научен каталог на фацијални изрази - кај коњите. А ние лек за рак чекаме од нив.

Револуционерниот чекор во областа се вика EuiFACS, и претставува коден систем за каталогизирање на „фацијалните изрази" на нашите четвороножни пријатели. И би помислеле дека ова е некој нов „кромид" доколку статијата не е објавена во најновиот број на PLOS, научно списание со отворен пристап. Материјалот произлезен од истражувањето се состои од 500GB видео (или околу 15 часа) на 86 коњи кои генерално прават некакви фаци. Статијата содржи дури и етички дисклејмер, дека некои од снимките не можеле да бидат во јавен домен заради тоа што „го разоткриваат идентитетот на учесниците".

Додека системи за препознавање човечки лица постојат од 1978, ова е првата систематски составена листа на различни изрази на коњите, и претставува некој вид енциклопедија на оваа тема. Како што ќе видите во ова инструктивно видео, кодот АU24, на пример, ја означува фацата „стиснати усни со подигната брада". Омилена ни е третата снимка со код AU5+AD1 што претставува „кревање на очен капак и зголемување на очна белка"

И сето ова за да се проучи однесувањето на коњите и сличноста на нивните фаци со човечките. Луѓето имаат 27 различни изрази на лицето, коњите 17, што е висока бројка во споредба со шимпанза (13) и кучиња (16). Иако споредбата меѓу коњи и луѓе би можела да биде навредлива, за некои коњи.

6 август 2015 - 13:04