Калифорниските школки начисто се сварија

Додека луѓе нагрнуваат на плажите на Калифорнија за да ја искористат ретката прилика кога океанската вода е со дојранска температура (27 целзиусови степени), луѓе кои со години се занимаваат со подводниот свет вакво нешто немаат забележано: од топлото школките се зготвиле самите во себе.

Во Бодега беј и многу други места на калифорнискиот брег во должина од 225 километри, топлотниот бран довел до рекорден помор на школки. Колонии од стотици илјади школки, истопорени на карпите, отворени, мртви и наполно зготвени од температурата.

Експертите очекуваат нивната катастрофа да предизвика верижни реакции во целиот крајбрежен еко-систем.

„Школките се познати како видови од основата на живиот свет. Нивен еквивалент во шумите се дрвјата бидејќи се хранилишта и засолништа за многу други животни,“ објаснуваат познавачи.

Поинаку објаснето, во поглед на климатските промени, школките се третираат како канаринците кои своевремено биле пуштани во рударските окна за да се провери дали е безбедно човек да влезе во нив. Ако престанат да црцорат, значи угинале, значи не може ни луѓето да преживеат.

„Кога се случуваат вакви жестоки работи, веќе не се прашуваме каква ќе биде иднината туку дали сме подготвени да се соочиме со неа,“ велат професори од Бритиш Колумбија.

1 јули 2019 - 21:06