Тост полн ПМ честички

Изгорен тост може да ги изложи луѓето на повеќе загаден воздух отколку ако стојат на улица сред сообраќајна гужва. Ништо полесно не се минува ни со печењето месо.

Правењето тост го зголемило нивото на ПМ2,5 честички во просторијата на 30 микрограми на метар кубен. Квалитетот на воздухот препорачан од Светската здравствена организација е 10 микрограми.

„Знаеме дека вдишувањето на овие честички, без разлика од што потекнуваат се штетни за здравјето. Дали е подеднакво штетно како вдишување честички од издувни гасови од автомобили? Тоа уште не знаеме.

Ова е споредба со многу загаден град, меѓутоа она што е важно да се запамети е дека е ова е на краток рок. Кога живееш во загаден град, ти си таму по 24 часови на ден,“ објаснува раководителката на експериментот на Универзитетот од Колорадо, Марина Ванс.

Во исто време печењето месо и зеленчук, ослободувало штетни честички кои би биле доволно за воздухот во домаќинството да го направат позагаден отколку оној во Њу Делхи. Ова мерење важи за плински шпорети и рерни.

„Комбинација од ситен гар и мали органски честички од огновите од плинот, зеленчукот, маслата и мастите, во домот создава ПМ2,5 честички на нивоа кои се 13 пати повисоки отколку оние што се измерени во воздухот во централен Лондон. Пикот на загадувањето во домот траел околу еден час,“ пишува уредникот за наука на Гардијан, Иан Семпл.

За експериментите се готвени серија оброци, меѓу кои и комплетна вечера за Денот на благодарноста, со мисирка и сè придружно.

Покрај изобилието на ПМ честички, во крајното пребројување излегло дека има многу повеќе честички од кожата и облеката на готвачот и гостите.

Мерењата покажале дека кога никој не готвел, тест куќата успеала да го спречи влегувањето на надворешното загадување. Меѓутоа кога имало целодневно готвење нивоата на честички во куќата биле 30 пати повисоки отколку надворешните.

Гардијан анкетира и еден експерт од Универзитетот во Есекс за загадување на воздухот, кој 10 години по ред го мери загадувањето во својата кујна во божиќниот период. Неговите резултати се дека за време на божиќното готвење „нивоата на штетни честички се повисоки отколку во градовите низ Британија. Печење месо е еден од најлошите начини на готвење во однос на загадување на воздухот“.

Предлогот од авторката на студијата е - отворете прозор кога гответе и користете аспиратор за вадење на воздухот од кујна.

18 февруари 2019 - 12:21