Не станавме дебели од што сакаме

Не е дека јадеме повеќе од порано и не е дека вежбаме помалку од порано, неочекувано тврди колумнист на Гардијан барајќи да престане товарењето на дебелите со грижа на совест дека немаат волја да ослабат. Потребна е волја, ама кај политиката и властите кои му дозволија на лакомиот капитализам да ги злоупотребува човечките слабости.

Велика Британија нема податоци за дебелината постари од 1998 година. САД имаат и на нив се гледа дека пресвртната точка се случува некаде 1976 година по што проблемот постојано расте.

Најочигледната причина, на која се инсистира по социјалните медиуми, е дека денес јадеме повеќе. Неколкумина потсетуваат - не без основа - дека храната во 70-тите беше грозна. И беше поскапа. И имаше помалку места за брза храна и дуќаните затвораа порано....

„Еве ви го првото изненадување. Во 1976 година јадевме повеќе. Според официјалните податоци, моментално консумираме во просек 2.130 калории на ден, сосе благо и алкохол. Но, во 1976 година се консумирале 2.280 калории, без благо и алкохол, односно 2.590 калории сосе нив,“ пишува Џорџ Монбиот.

Други инсистираат дека причина за гојазноста е намалувањето на мануелниот труд. И ова се чини логично, само што податоците не го потврдуваат. Минатогодишна меѓународна студија покажа дека луѓето кои обавуваат неквалификувана работа имаат 4 пати поголеми шанси да се класификуваат кај дебелите отколку луѓето со професии.

Во потрага по причините, логично е да се дојде и до доброволното вежбање, бидејќи е јасно дека попрво влегуваме во кола отколку да фатиме пешки или со точак. Но, студија на универзитетот Плимут покажа дека физичката активност кај децата денес е иста како и пред 50 години. А во меѓународниот журнал за епидемилогија се тврди дека, корегирано со големината на телото, нема значајна разлика колку калории се трошат во богатите и во сиромашните земји. А постојат многу студии кои докажуваат дека физичката активност, иако сосема позитивна за останатите аспекти на здравјето, во поглед на регулирањето на тежината е далеку понебитна од диетата, односно режимот на исхрана. 

Некои ги наведуваат

Па што тогаш се случило?

Монбиот вели дека случајот се расветлува ако во податоците погледнеме малку подетално. Да, во 1976 година јадевме повеќе, но поинаку. Денес пиеме двојно помалку млеко, но пет пати повеќе јогурт, три пати повеќе сладолед и - пазете сега - 39 пати повеќе млечни десерти. Јадеме дупло помалку компир но трипати повеќе чипс. И ако директниот шеќер го имаме намалено, оној кој се содржан во пијачките и храната е отиден до небо.

Не е тоа случајно. Како што покажува Жак Перети во филмот „Луѓето кои нè направија дебели“, прехранбените компании дебело инвестираа во создавање храна која го користи шеќерот за да ги бајпасира контролните механизми на нашиот апетит. Ангажираа армија научници и психолози за да нè натераат да го јадеме тоа што тие сакаат да го јадеме.

Патем, најмуваа подмитливи научници и тинк-тенкови за да нè збунат што е причина за дебелината. На крај, како со пушењето, ја прошверцуваа идејата дека дебелината е прашање на „лична одговорност.“

Откако потрошија милијарди долари за да ја пребришат нашата волја, нè обвинија нас дека ја немаме.

„Да, волјата мора да се вежба, ама на владите. Да, постои лична одговорност, но кај луѓето кои креираат политики. И да, контрола мора да постои, кај оние кои ги открија нашите слабости и безмилосно ги злоупотребија,“ пишува колумнистот на Гардијан.

12 јули 2019 - 15:44