За малку невеста на денот

25-годишна невеста откажува свадба од за сега необјавени причини. Свадба за која сè платено, а парите нормално дека не се враќаат. Се решава на потег кој е совршена комбинација на човечка добрина кон тие што немаат, и човечко зло кон тие што не враќаат платени пари.

Откако е јасно дека никој од 170-те гости нема да стапнат на свадбата вредна 30.000 долари и дека целата работа е откажана, барем што се однесува до сватовскиот дел, несудената невеста Сара Каминс, го контактира локалниот центар за бездомници.

Нејзината понуда е имам платено вечера за 170 луѓе, па ако вие имате 170 луѓе што би сакале да дојдат, повелете.

"Беше ужасно, им се јавив на сите, откажав сè, се извинував, плачев, се јавував на организаторите, плачев уште малку и почнав стварно да се нервирам што ќе се фрла толку храна што ја нарачав за приемот," објаснила Каминс за локалните медиуми.

Каминс организирала и превоз со автобуси за луѓето од центарот за бездомници, а неколку локални бизниси од градот Кармел, Индијана, донирале одела и слична свечена облека за гостите на приемот.

На настанот присуствувало и семејството на Каминс и трите старосватици.

Со планот на Каминс бил согласен и нејзиниот поранешен вереник, кој инаку го плаќа и најголемиот дел од 30-те илјади долари.

Во распаѓањето на целата работа, на Каминс и се паѓа и свадбеното патување. Со себе ја зема мајка ѝ.

17 јули 2017 - 13:12