Штедливоста на мозокот и митот за објективноста

За луѓе што не сакаат многу да му ја мислат обично велиме „не сака да си го троши мозокот“. Хемиски, не може да биде поточно од ова. Од друга страна, живееме во култура што од нас постојано бара да бидеме објективни. А како што знаете од медиумски примери, тоа најлесно се постигнува ако сам се прогласиш за објективен, без разлика колку од тебе вришти пристрасност.

Eдна од највисоко вреднуваните особини во тн. „западни“ култури е да се биде објективен - непристрасен, логичен и разумен. Уште од детството сме терани да бараме „вистински“ одговори на различните животни прашања, и да донесуваме исто такви одлуки и заклучоци. Но реалноста, а да не зборуваме за истражувањата, ги поткопуваат ваквите уверувања.

На Википедија постои список со 75 примери на „пристрасно мислење“ или „когнитивна склоност“ (cognitive bias) на кои психолозите им имаат дадено и имиња, и за кои сметаат дека се доволно интересни за истражување.

Едно од нив, најчестото, се нарекува „пристрасност на потврдувањето“ или селективна перцепција. Се работи за нашата тенденција да им придаваме поголема важност на доказите и на аргументите што ги поддржуваат нашите веќе стекнати убедувања, а едноставно да ги отфрламе, односно да сме слепи за докази што го потврдуваат спротивното. Ова до некаде може да ја објасни склоноста на голем број луѓе слепо да се држат до приврзаноста на една или на друга партија - кога веќе еднаш сме се одлучиле за нешто, не сакаме да се предомислуваме.

Когнитивните психолози велат дека мозокот мора да потроши екстра енергија во процесот на менување или приспособување на уверувањата, и дека едноставната невролошка мрзливост - тенденцијата да се чува гликозата и кислородот - прави мозокот да ги чува на куп конфигурациите што веќе ги има.

Современата медиумска култура, а особено нејзината социјална компонента, обезбедуваат бескрајни можности за однапред програмирано мислење, при што луѓето прифаќаат верувања и информации што се целосно неточни, од искривени факти до апла л'жги. Но кога некој „фактоид“ (или што би рекол Колберт, вистиникавост) ќе биде пренесен и доволно долго повторуван, нешто што почнало релативно невино станува општо прифатена вистина. Приказни што обично почнуваат со „експерти“, „добро информирани извори“ за да понудат кредибилитет на инаку фабрикуваните теории и податоци.

И ова не е сè. Психолозите идентификувале уште неколку варијанти на вакво мислење. Такво е т.н. „повратно пристрасно мислење“, тенденцијата на некои луѓе всушност да ги засилуваат постоечките убедувања кога ќе се соочат со спротивни аргументи, под мотото „Не ми е гајле што велат другите...“.

Знаев цело време“ е уште еден вид пристрасно мислење, тенденцијата кога ретроактивно анализираш некој комплициран настан или ситуација и си убеден дека и додека тие се одвивале си бил упатен во сите нивни нијанси, а всушност си бил труп. Има и такво мислење што се базира на афинитет, односно на тенденција да се согласуваш со идеите на луѓето што ги сакаш или на кои им се восхитуваш, а да не ги земеш предвид оние што не ги познаваш или што не ти се симпатични. Реактивен биас е тенденцијата да направи спротивно од она што некој ти го советува, затоа што се плашиш од губење на твојата автономија и од тоа да бидеш контролиран. И на крај, постои и предрасуда за предрасудите, односно ставот дека другите луѓе се попристрасни од тебе, кој си, нели, најобјективниот човек на планетава.

Наједноставниот лек за ова е токму оние кон чии мислења имаш развиено позитивна предрасуда од време на време да ти удрат по некој вербален шамар, потсетувајќи те на таа толку раширена човечка слабост, да си мислиш тоа што си сакаш без оглед на сите пречки што ти стојат на патот. Се разбира, ако и самите се способни да бидат објективни.

10 мај 2014 - 12:17