Велосипедизмот и женските права

Каде одат девојките со точак?

Дофрлањето "Женска, ти диши ланецот" и слични генијалности беше (е?) еден од најголемите дострели на маалските фраери заболени од хроничен неебитис. Веројатно не ни знаат дека токму со точакот, девојките почнаа да стануваат недостижни за дрипци како нив.

Во 19. век, кога сè уште бил нова технологија, велосипедот поминал низ повеќе дизајнерски прилагодувања додека не го добил обликот кој горе-долу го има и денес. Во 1890-тите Америка била опседната со него - имало милиони точаци на патиштата, а околу ова превозно средство се изградила цела една нова култура. Биле формирани клубови на велосипедисти и се организирале натпревари и заеднички возења.

Најентузијастични биле жените, бидејќи ова парче железо на тркала почнало да ги менува старовремските, забавени сфаќања за понежниот пол и да ги заменува со идеја за некои нови жени, на кои велосипедот им овозможува транспортна независност. Ваквата ситуација на некои од тогашните колумнисти-мажи им била трн во гума. Така, весникот The San Francisco Call од 1895 пишува:

„Не е важно каде одат сите овие поединечни млади жени на тркала. Можеби одат во паркот да поседат на клупа или во продавница по десетина шноли, или да посетат болна пријателка на другата страна на градот, или да разменат кројка или рецепт за белење на лицето. Тоа и не е важно. Она што заинтересираната публика би сакала да го знае е - каде одат сите овие жени на тркала? Да не има некое големо рандеву кон кое сите итаат, каде тие ќе го одржат состанокот на кој ќе направат стариот свет да се разбуди и да се прилагоди на нивните потреби?"

Други како Sunday Herald во 1891 биле уште поконзервативни:

„Жена на велосипед: Мислам дека најлошата работа која сум ја видел во мојот живот е жена на точак - а Вашингтон е полн со нив. Мислев дека пушењето цигара е најлошата работа што може да ја направи жена, но се премислив"

Точакот, како нова технологија, станал културолошка и политичка сила, симбол на женските права - жената возела кон поголема слобода, кон рамноправност со мажот. Таа почнала повеќе да се грижи за себеси, а возењето велосипед неминовно довело и до промени во женската облека, која морала да стане попрактична, па макар и не толку „нежна".

Во изданието на Њујорк Сан од 1897 има цел каталог со илустрации на различни обувки и други делови од облеката за жени кои се згодни за на точак. Авторот е В. Џ. Ламптон, а неговиот есеј е под наслов „Докази за велосипедот од бреговите на Атлантикот до оној на Пацификот - патека на чудесна и разновидна убавина". Насловот е сепак ироничен, бидејќи според него комбинацијата на штикли, тркала и асфалт се естетски грда комбинација, а целата опрема прави „погледот на женските нозе до колената да ја надмине глетката на планините со снежни врвови како најубава на светот".

Еве некои од модните детали кои главно се однесуваат на обувки и доколенки за на точак (нешто во стилот на „Точак кежуал"). Обрнете внимание на мрежестата хулахопка во примерот на Сан Франциско.

Колку и да изгледа саркастичноста на Ламптон без врска од денешна гледна точка, треба да се има предвид времето во кое тој ги коментирал неговите мобилни сограѓанки - Американките тогаш уште немале право да гласаат, социјалниот живот им бил тесно ограничен на семејството и најтесниот круг пријатели, па сцената во која некоја од нив се качува на точак и како шериф во брз галоп исчезнува на хоризонтот, оставајќи ги сите да се прашуваат каде ли се упатила, сигурно била не само кул, туку и револуционерна.

29 јуни 2014 - 11:14