Индија каде стигне ја забранува ПУБГ од страв дека создава психопати

ПУБГ е ултра популарна видео игра низ свет (во основа е Фортнајт без дечурлана) и низ цел свет го навлекува гневот те на власти, те на душебрижници. Ова посебно е истакнато во Индија.

Повеќе индиски градови го имаат забрането играњето на ПУБГ, а полицијата во Западна Индија уапси десет студенти за играње на игрицата.

Плус на ова, националната комисија за права на децата препорача забрана на играта заради нејзината насилна природа.

Плус, плус на ова, еден од најголемите хинду весници во земјата, Навбхарат тајмс, ја прогласи ПУБГ за „епидемија“ која ги претвора децата во психопати: „има многу опасни последици од играта, голем број од децата го изгубија својот ментален баланс“.

Она по што Индија се разликува од остатокот од светот е што таму видео игрите се раширија многу доцна и многу експресно, што посебно беше овозможено од немањето соодветни закони за нивно регулирање. Ваквата празнина, и немањето никаква дебата на темата, направи и реакцијата да биде прилично екстремна.

Што е тоа многу? Студентски натпревар во ПУБГ прекина со примање апликации на 250.000 регистрирани од 1.000 колеџи.

Аргументите на индиската јавност против ПУБГ се на ниво на аргументите што пред десетина години светот ги имаше против секоја од поновите продолженија на ГТА - зависност, насилство, деца, лоши навики и сл.

Една од последиците на тоа што гејмингот не е регулиран со закон, е што нема граница до која на децата им се забранува да ја играат ПУБГ. На пример во Кина играчи под 13 години не можат да се регистрираат, во Германија старосната граница е 16 година.

Индиската клиника за нарушување на дигитални зависности, водена од Националниот институт за ментално здравје и неврологија, секоја недела бележи по неколку нови случаи на ПУБГ зависност. Еден од неодамнешните примери е 11-годишно момче кое било донесено од своите родители затоа што сакало да се откаже од училиште и да стане професионален ПУБГ играч.

25 март 2019 - 15:01