1,5 милијарда долари бараат топол дом

Џек-пот од 1,5 милијарди долари неколку месеци дреме на конто на американска сојузна лотарија бидејќи уште никој не се решил да оди и да го покаже добитното ливче. А не дека нема рок на траење.

Наградата падна уште во октомври, и тоа на лоз продаден во мало гратче во Јужна Каролина. За сега никој од жителите се нема пријавено, па дилемите се движат од тоа дека тој или таа умрел/а на лице место кога разбрале за добивката, или дека некој го има изгубено, забаталено ливчето, па нема претстава за богатството што го има изгубено.

Меѓу објаснувањата кои се нудат е и дека добитникот собира екипа која треба да му помогне во справувањето со неочекуваното баснословно богатство, дека чека да заврши пријавувањето данок за 2018 или дека е групно ливче па сега адвокатите се обидуваат да направат спогодба кој колку пари ќе добие, дали на рати да се земе и слично.

Неизвесноста околу новиот американски милијардер, или само милионер ако реши да зема пола сума, максимум ќе трае уште неполни 2 месеца, до кога добитникот има рок да го приложи ливчето.

Како што одминува времето, а никој не се пријавува за наградата, почнуваат да се шират и теории на заговор од типот дека лотаријата го лажирала добитникот само колку да изгледа дека на некого му даваат награда.

Доколку никој не се пријави во законскиот рок, сумата од 1,5 милијарди долари ќе биде распределена во буџетот 44 американски сојузни држави. Освен човекот што потенцијално би ги изгубил милоните, најголем губитник од ваквото сценарио ќе биде Јужна Каролина, која би изгубила данок на приход во износ од 61 милион долари. Пари исто така би изгубил и сопственикот на продавницата во која е продаден добитникот тикетот, кој според правилата треба да добие 50.000 долари. Ова нема да се случи ако никој не го побара џек-потот.

Претходно најголемиот џек-пот од Мега милионс што пропаднал изнесува 68 милиони долари и е од извлекување од 2002.

25 февруари 2019 - 12:46