Што фали скопските џамии да користат вајбер?

Во обид да го намалат звучното загадување во главниот град, властите во Гана ги замолија одговорните мујезини во градските џамии, наместо да рокаат звучници, да ги повикуваат верниците на молитва преку WhatsApp. Нормално, овие веднаш реагираа дека е тоа шејтанска идеја.

Големите и динамични градови во Африка живеат во постојана и неподнослива бука. Од хаотичниот сообраќај, пазарите, сирените, трговците.... Во Гана се чини дека посебен проблем прават црквите и џамиите. Особено џамиите.

Од тие причини, властите им пристапиле на муслиманските заедници со молба да го сменат вообичаениот начин на повикување на молитва (минаре, звучници на најјако) и да размислат за некои помодерни и потивки алтернативи.

„Зошто кога е време на молитва не би се користел Воцап? Имамот ќе може да им прати порака на сите. Знам дека е контроверзна идејата ама мислам дека може да се размислува за неа“, претпазливо порачал министерот за животна средина Квабена Фримпонг - Боатенг.

Идејата не му наишла на баш топол прием. Некои од засегнатите се вадат дека и христијаните од црквите не се нешто потивки, некои велат дека не сите верници за технолошки писмени, за некои проблем се парите.

Сепак, како што рече мудриот Квабена Фримпонг - Боатенг, вреди да се размисли.