Бил Гејтс купи земја за да изгради град

На неполн час возење од Феникс, Бил Гејтс купи земјиште со површина од 101 километар квадратен (нешто повеќе од Центар, Карпош, Кисела Вода и Аеродром, заедно) за да создаде сопствен паметен град.

Локацијата се наоѓа на трасата на предложениот нов автопат кој ќе го поврзува новиот град и со Лас Вегас.

Од земјиштето, 15 километри квадратни ќе бидат искористени за продавници, канцелариски и комерцијален простор, а околу 2 км2 ќе бидат искористени за јавни училишта. Во градот предвидено е да се изградат и 80.000 домови.

„Белмонт ќе создаде напредна заедница со комуникациски и инфраструктурен ’рбет кој ќе ги искористи најнапредните технологии, дизајниран околу најбрзите дигитални мрежи, центри за податоци, нови производствени технологии и модели за дистрибуција, автономни возила и автономни логистички центри,“ се порачува во соопштението на Белмонт партнерс, инвеститорите кои треба да го изградат новиот град.

За почеток, Белмонт партнерс, инаку една од инвестициските компании на Гејтс, вложи 80 милиони долари за откупување на земјиштето и започнување на проектот.

13 ноември 2017 - 11:55