Од сè што можеше да се откаже на светот, откажано е Викторијас сикрет шоуто

Брендот за долна облека објави дека годинешниот спектакл го откажува заради растечките критики за немање разноликост и намалената публика. Со други зборови Викторијас сикрет попрво би го укинале шоуто отколку да пуштат дебели модели да им шетаат по писта.

Критиките кои му се лепат на шоуто е дека тоа е сексистичко (затоа што девојки шетаат во долна облека на писта), застарено (затоа што моделот на шоуто е речиси идентичен како на почетокот) и дека му недостасува разноликост (по основа на дебелина, родова припадност, и се она што излегува од калапот за Ангел на Викторија).

Компанијата што ја поседува Викторијас сикрет заедно со жалната вест наведе дека „е важно да ја еволуира својата маркетинг стратегија“ и дека се обидуваат да најдат начин како да го „унапредат позиционирањето на брендот и како најдобро тоа да им го комуницираат на потрошувачите“.

На страна шоуто ВС периодов има сериозни проблеми со продажбата па само за последното тромесечје тие имаат нето загуба од 252 милиони долари.

Од скандалите што минатата година и се случија на Викторијас сикрет, беше интервјуто на директорот за маркетинг на компанијата кој изјави дека транссексуалните модели никогаш нема да бидат дел од настанот (па се извинуваше), како и повторното ширење на информацијата дека основачот на компанијата Лес Векснер бил пријател со Џефри Епстин.

Шоуто годинава ќе имаше 24 години.

Во исто време Ријана растури со своето шоу за долна облека, а и целиот бренд го тера прилично профи.

22 ноември 2019 - 09:13