Каде греши Наркос околу војната против дрогата

Серијата е базирана на сите достапни материјали за Пабло Ескобари сведштвовата на главниот агент кој раководи со истрагата. Конкретните настани не се толку спорни колку што се проткајуваат некои погрешни концепти. Без разлика на она што ќе го прочитате, серијата останува задолжителна за гледање.

"Обвинението" е дека Наркос само ја продолжува и продлабочува заблудата на јавноста за тоа како функционира трговијата со кокаин. Прво нема картели, а второ, и таа организација што ја има не е така семоќна како што е претставена.

"Гледаме дека, и ова Наркос прецизно го прикажува, колку попрепознатливи стануваат овие групи толку потешко е за нив да го шират својот производ. Значи во реалноста нема стратешка, тактичка причина за постоење на картелите. Во мојата книга јас ја критикувам идејата дека нарко-картелите се некоја спонтано формирана криминална мрежа, кога всушност во голем дел од времето тие повеќе претставуваат медиумска креација. Од една друга книга излезе идејата дека картелот во основа е изум на американскиот Департман за правда како изговор да ги гони масовните случаи. Не е дека луѓево седеа, пушеа пури и разговараа 'ај да видиме како ќе го крстиме картелов.'

Наркос е одлична драма, ама генерално нашата жед за драма е она што не' спречува да ја разбереме војната против дрогата. Серијата не е точен приказ. Ќе отидеш во овие области, и ќе видиш дека таму е преполно со војници и полиција," објаснува авторката на Капитализмот на војната против дрогата, Дон Палеј.

Дополнителен пропуст е што наративот на серијата е базиран на сведоштвата на агентот на ДЕА, Стив Марфи, кој, според она што го прикажува Наркос, целата истрага ја води од втора рака.

"Човеков не ни зборува шпански. Мислам дека од тоа може да сфатиме дека, ако серијата е неговата верзија на она што се случило, тогаш таа не е баш најверодостојниот извор," анализира Палеј, дополнувајќи дека во целата работа американската армија е прикажана во позитивно светло, кога веќе се знае дека таа цело време соработува со паравојските и наркосите.

На Палеј посебно и пречи тоа што агентите на ДЕА ја мерат својата успешност врз основа на тоа колку е тешко да се купи кокаин во САД.

"Тие си мислат дека е еден човек, дека е Пабло - другар, не е еден човек. Ти требаат корумпирани американски граничари и полиција и колумбиски службеници. Плус, побарувачката е огромна. Колку е потешко да се внесе кокаин во САД, толку е тој поскап на улица, а со тоа што ќе го направиш дефицитарен го правиш само поскап, па сите вклучени на повисоки нивоа заработуваат повеќе пари," објаснува Палеј.

26 септември 2015 - 17:04