Програмери престанете да се кажувате дека сте инженери

Некако низ годините ИТ индустријата успеа на сите позиции во своите редови што не се поврзани со продажба, маркетинг и дизајн да им го накалеми терминот „инженер“. И ова е погрешно по голем број основи. На пример, инженер инженер има вистинска должност кон јавната безбедност и сигурност.

Иан Богост во Атлантик пишува „титулата ’инженер’ е девалвирана од технолошката индустрија“.

Како пример за кризите што ги минува светот а се последица на работата на „софтверските инженери“ Богост наведува неколку масовни протекувања на информации од гиганти како Таргет, Ласт Пасс, Харвард и слични, или скандалот со дизел возилата на Фолксваген кој исто така беше резултат на софтверска грешка, во овој случај намерно создадена. Плус на ова се редовните вести за тоа како некој апдејт на смартфон комплетно го блокирал телефонот, на корисници што не можат да стигнат до своите информации на платформи за чии услуги плаќаат, или некоја апликација што успеала да се прошверцува преку сите бариери и да направи хаос во оперативен систем.

„Ова може изгледаат како мали проблеми кога ќе ги споредиш со структурниот интегритет на зградата во која ти се канцелариите или со безбедноста на нуклеарниот арсенал на земјата.

Но треба да земеш предвид и колку често му се случило на твојот нов автомобил без никакво објаснување да не запали или на лифтот во зграда да те заглави меѓу спратови.

Компјутерите станаа инфраструктура, но не работат како инфраструктура.

Кога се во прашање облакодери и мостови и електрани и лифтови и слично, работата на инженерите била, и ќе продолжи да биде, менаџирана делумно од професионалните стандарди, и делумно од регулативата околу експертизата и должностите на инженерите. Меѓутоа 50-години напори развојот на софтвер да се преточи во легитимна инженерска пракса не успеваат,“ пишува Богост во Атлантик.

Уште некаде кон крајот на 1960-те, кога големите воени системи почнуваат да се управуваат со помош на компјутери, НАТО организира две конференции во обид да го воспостави „инженерски пристап во создавањето на софтвер“. Тука намерно е избрана фразата „софтверски инженеринг“ затоа што „е провокативна и наведува на потребата создавањето софтвер да се базира на теоретски основи и практични дисциплини, кои се традиционални во веќе воспоставените гранки на инженерството“.

Иако тогаш се поставуваат какви такви основи, на софтверот во следните децении му се случува револуцијата на персонални компјутери и демократизацијата на развивање софтвер. Па софтвер повеќе не се прави само од армијата за големите воени системи, туку Микрософт почнува да прави софтвер за сите, а глобални корпорации почнуваат целата своја работа да ја префрлаат на компјутерски системи кои се потпираат на мамутски големи софтверски решенија.

Десетина години подоцна стигнува втората пресвртница со која неформалноста во создавањето софтвер го достигнува својот пик - интернетот, и постепеното префрлање на софтверските услуги од хард дисковите на персоналните компјутери на веб страни, смартфони и облакот.

Тука се клучни две работи. Прво, повеќе нема притисок работите од прва да се како што треба, затоа што апдејтите и промените можат да се прават централно, без замарање на корисниците. И второ, додека софтверот станува сеприсутен, тој истовремено станува и поизолиран, па ако некогаш софтверски систем требало да поврзе салон за автомобили со банки, испорака, залиха или други дилери, денешните софтверски системи, пример како Инстаграм (проценет на 35 милијарди долари), се занимаваат со аплоуд и даунлод на слики меѓу серверот и апликацијата.

„Да, денешните алатки базирани на облакот и понатаму се потпираат на инфраструктура, посебно на физички сервери и мрежи кои се справуваат со милиони корисници кои пристапуваат до милијарди фајлови. Меѓутоа тие активности главно се аутсорсирани на гиганти за инфраструктура.

Исто така интеграции со пораки, финансии, и сториџ се апстрахирани на таков начин што програмерот може да ги третира како црни кутии. Ова понекогаш дозволува софтверот да работи подобро и постабилно, но исто така дозволува програмерите да избегнат контакт со замрсениот свет вон нивните канцеларии.

Како резултат на ова, развојот на софтвер стана институционално херметички. А тоа е спротивно на она што ’инженеринг’ треба да значи: соработка со светот, наместо посебен домен насочен кон доминација со светот,“ објаснува Богост.

Друга работа по која инженерите се разликуваат од софтверските инженери е што овие првите речиси задолжително мора да имаат добиено лиценца од државата, дека се сертифицирани според општи стандарди и дека ги имаат минато тестовите за полето во кое работат. Може државната сертификација не изгледа важна, но тоа е додека треба да избереш дали спратот на куќата ќе ти го сработи архитект со лиценца, или некој што посетувал он-лајн школо за архитектура.

И точно дека софтвер не е исто што и мост или зграда, ама во исто време функционирањето на комплетниот банкарски систем, авио или бродски превоз, медицински систем и секоја замислива област зависи од софтвер, кој е претворен во негова носечка инфраструктура, како мост.

Објаснувајќи дека според Американското биро за труд и статистика луѓето што работат во Гугл, Фејсбук и слично се водат како „компјутерски програмери“ или „развивачи на софтвер“, Богост потсетува дека и покрај тоа Силициумската долина е заљубена во терминот „инженер“, заради почитта што инженерството ја има создадено благодарејќи на „децении детална контрола, образование, сертификација насочена кон создавање на нови генерации“.

Во Канада секој инженер има железен прстен кој го добива за време на церемонијата за полагање инженерска заклетва. Легендата е дека прстените се изработуваат од железото од мост во Квебек кој се срушил за време на изградбата во 1907, притоа убивајќи десетици работници.

„Иако не е точен, митот се уште држи, барем сликовито. Дури и да не е од тоа, Железниот прстен го претставува мостот во Квебек и секој друг. Инженерите имаат товар пред јавноста, и кон нивната конкретна експертиза како дизајнери и градители на мостови или згради - или софтвер - кој потекнува од таа одговорност. Само откако ќе одговори на оваа должност инженерот може да создаде нешто, без разлика дали објект или софтвер,“ порачува Богост.

27 мај 2019 - 16:09