Ние банкротиравме, а Амазон се фали колку биле дарежливи

Прво беше објавено дека Амазон ја зголемува минималната плата на 15 долари за час, за следниот ден да се надополни веста со информацијата дека во исто време се укинуваат бонусите што до тогаш ги добиваа најниско платените вработени. Ова не му посмета на Безос да ги прозива конкурентите да ја кренат минималната плата на своите вработени (овие пак му вратија со - а ти да почнеше данок да плаќаш).

На терен, или во магацините на Амазон, расположеноста не е ни приближна на таа што компанијата и Безос се обидуваат да ја шират. Со укинување на програмата за бонуси и акции, за Безос (нето вредност од околу 150 милијарди долари) трошоците од зголемувањето на платите изнесуваат колку една квалитетна ПиАр кампања. За вработените на Амазон не е ни приближно рамнодушно.

Вработен како агент за корисничка поддршка на Амазон во писмо ја дава својата позиција околу покачувањето плати:

Работам како корисничка поддршка. Тука сум неколку години. Кога се случи зголемувањето на минималецот, беа укинати сите бонуси и делење акции. (Кај акциите колку повеќе си во Амазон толку повеќе добиваш, ама треба да чекаш пред да целосно да располагаш со нив.) Некогаш може ќе добиеш и по некој мал ваучер, колку да те потапшаат за добро завршена работа.

Бонусите се базираат на бројки. Конкретно, на бројот на ДА што си го добил во меил анкетата по секој контакт со корисниците што го имаш. Тешко е точно да се пресмета бидејќи ова важи за сите, но различни оддели се подобри во ова од други во зависност од комплексноста на контактите со кои се справуваат. Знам многумина кои зависеа од овие бонуси за да го надоместат мањакот од платата.

Нашиот попуст како вработени е 10%, ама тоа важи до 1000 долари. Па во реалност вкупно добиваме околу 100 долари годишно.

Секој што е нов вработен добива по 15 долари на час. Тие што веќе сме тука добиваат или плус 2,5 долари по час, или повишица на 16,5 долари на час, зависи што е повисоко.

Кога дојде зголемувањето јас заработував повеќе од 2,5 долари над мојата почетна плата. Верував дека требаше да ми ја дадат истата сума над новата почетна плата. Не ми ја дадоа.

16,5 долари што сега ги заработувам значи дека веќе не се квалификувам за бонови за храна, а новата плата не е доволна за да ја надомести разликата.

Мојот оддел постојано добива проблематични повици. Често пати од еден повик се префрламе на друг затоа што Амазон станува излуден околу продуктивноста и почнува нас да нè третира како роботи.

Уморни сме.

Банкрот сме, а Амазон на цел глас разгласува колку биле прекрасни заради повишицата.

Тешко е ова да се гледа.

Па, нема бонуси, нема акции, со бедни попусти, и дополнителен обем на работа со многу малку или без пауза меѓу повици, повишица која не е повишица, и без претстава дали некогаш ќе заработувам повеќе од она што го правам сега.

Не сакам да звучам алчно, но нам ни се истураат луѓе кои очекуваат нивните пратки да стигнат за два дена без разлика на што било. Имаме и перверзни кои се јавуваат само затоа што знаат дека мораме да бидеме учтиви (иако смееме да им спуштиме).

За СÈ ни се мери време. Ние сме далеку повеќе ограничени во она што го правиме отколку луѓето кои работат во канцеларија.

Да, работам од дома, ама со тоа не можам да си ги платам сметките. Не беше секогаш вака ужасно. Порано навистина си ја сакав работата, но изминатите неколку години работите навистина се променија. Проблемот е што работава МИ ТРЕБА.

Добиваме по 6 платени празници годишно, и најверојатно ќе треба сите нив да ги работам. Иако тоа значи плус пари за прекувременото работење, јас попрво би го минувал времето со моето семејство. Со години не сум имал цел одмор.

Не можеш да кажеш дека си живеел ако не си добил гневен телефонски повик на божиќното утро.

19 април 2019 - 14:41