Дома е постресно отколку на работа

Да, шефот знае да биде шупак и колегите да бидат неподносливи ама апарентли, 8-те работни часа испаѓаат најопуштениот дел од денот. Стресот живее дома.

На вработени луѓе им земале брис од грло шест пати на ден и откриле дека џабе кукаат на работа: нивото на кортезол, биолошкиот маркер на стресот, им е поголем кога се дома.

"Најопуштен дел од денот им е оној кога се на работа. Тоа важи за сите, без разлика на полот, професијата или нивото на образование," вели професорката Сара Дамаск која се занимава со социологија на трудот.

Во однос на перцепцијата на сопствениот стрес, мажите биле ѓонови па не забележувале промени во текот на денот, додека на жените им било јасно дека срањето ги чека после работа. Веројатно затоа што после цел работен ден треба да мијат чинии и да прават јадење.

Многумина испитаници знаеле да проценат дека најстресни им се утрата, кога будат деца, ги спремаат за школо, им пакуваат доручек и ранец. Потоа им доаѓа полабав период (на работа) па потоа драмата продолжува, кога треба децата да си соберат од школо.

"Ако сум добра на работа, постојат шанси некој надлежен да го забележи тоа и барем да те потапша по рамо. Кога сум добра дома, со двајца незадоволни тинејџери, не можеш да сториш ништо кое ќе ти го ценат," резимира една од нив.

Но, дома не е стресно само за оние со деца. Исто им е и на оние кои живеат сами:

"На работа можеш да дадеш отказ. Како и кому да дадеш отказ од личниот живот?" прашува еден таков човек.

Интензитетот на домашниот стрес е констатиран со студии уште пред повеќе од 20 години а истражувачите велат дека таквата ситуација има и позитивна страна, бидејќи укажува на тоа дека работата сепак испаѓа корисна за човекот.

25 мај 2014 - 07:22