Твојте другари по сокаци одат

Здравјето, среќата и општата благогостојба на еден маж директно зависи од можноста да го прави она што најчесто се дефинира како "бев со другарите, се заебававме." Чисто научно, пропишаната доза е два пати неделно. 

Резултатите од ова истражување на психолози од Оксфорд се такви што мажите можат да ги испечатат и да ги залепат на фрижидер пред да здувнат од дома за да денгубат со своите пријатели.

Оние што имаат доволно прилики за дружење со другарите се општо поздрави, побрзо закрепнуваат од болести, посреќни се и општата состојба им е подобра од оние кои немаат време за квалитетно поминато време со другарите.

А под квалитетно време се подразбираат сите вообичаени шеми: од заедничко спортување до пиење пиво на шанк.

Маж во просек има 150 познаници од различен емотивен ранг, и со нив одржува врски најчесто преку телефон, меил и сл. Но, квалитетот на неговиот живот зависи од можностите за лично, реално и непосредувано дружење со најблиските.

Според истражувањата, половина од мажите успеваат само еднаш неделно да се видат со другарите, а третина секогаш кубури со пожелниот ритам од двапати неделно.

Дополнување на првиот пасос: не гарантираме дека кога мажот ќе се врати дома, на влезна врата нема да го чекаат испечатени заклучоци од некое друго истражување во кое се тврди дека женската среќа зависи од спремноста на мажот некогаш да преспие на клупа.

23 октомври 2013 - 12:46