Зошто толку од нас сакаа да веруваат во системот за чистење океани што крахираше?

Мултимилионска направа која требаше систематски да го чисти ѓубрето во Пацификот во согласност со очекувањата на експертите се расипа и моментално ја влечат накај Хаваи за поправка.

Справата е заоблена пластична цевка долга околу 600 метри и треба да го собира отпадот кој плута на површината на океанот.

Проблемот на експертите со овој проект е што има многу подобри и подолгорочни решенија на проблемот, од закони кои би го намалувале производството на пластика, до „ловење“ на пластиката уште во реките пред да се влее во океанот или нивно собирање на плажите.

„Но масивна справа изгледаше полесно. Сепак, ако стартап успее со технологија да ни го реши  проблемот со загадувањето, тогаш сите ние нема да мораме да се менуваме,“ пишува Рејчел Бејкер во Верџ.

Притоа, научниците немаат точна бројка колку пластичен отпад има во океаните. Има некои општи пресметки според кои 244.000 тони ѓубре плови на површината, а дополнителни 8,5 милиони тони секоја година потонуваат на дното од океанот.

Човекот што требаше да го реши проблемот е Бојан Слат кој како студент се откажува од факултетот да работи на собирање на ѓубрето. Од почетокот на својата работа тој собра околу 40 милиони долари во донации, од кои 7 беа потрошени на создавањето на првата направа која пред некој ден ја вратија во Хаваи. Намерата на проектот е да се пуштат барем 60 вакви пластични цевки за собирање отпад.

Проектот уште на почеток имаше мани и слабости, плус системски забелешки од експерти кои тврдеа дека системот може да му наштети на живиот свет во океаните, како и тоа дека тој не е доволно тестиран во океан, предупредувајќи „тие навистина го потценуваат деструктивното влијание, па дури и услови во океаните.“

Без разлика на сето ова, проектот и Бојан Слат стануваат херои на медиумите, и завршуваат на најразлични топ листи од иноватори на годината до прогласување за чудотворци.

Бејкер потсетува дека причина за ваквиот статус е што изумот не бара од нас ништо да промениме околу начинот на кој зависиме од пластичниот отпад, па ако некој уред може да го чисти отпадот тогаш ние може да продолжиме да го создаваме.

„Ова го изнесува можното решение ’таму некаде’ каде што се наоѓа ѓубрето, наместо во нашите животи, каде што ѓубрето се создава,“ објаснува кураторот од британскиот Природнонаучен музеј во Лондон, Александар Бонд.

Во одбрана на Слат и проектот, дури и цевката од старт да беше успешна таа немаше да може да го реши општиот проблем со загадување со пластика. Ова му е јасно и на самиот Слат кој порачува дека треба многу повеќе да се направи, пример да се намали количината на отпад што завршува во океаните.

И покрај успехот на некои слични справи поставени на реки низ САД кои се влеваат во Пацификот, експертите порачуваат дека само чистење нема да заврши работа, бидејќи во 2017 произведени се речиси 350 милиони тони нови пластични производи. Тие повторно се враќаат на почетокот од приказната дека - многу е важно да се произведува и користи помалку пластика.

„Вистината е дека ниту едно од потенцијалните решенија не го добива заслуженото внимание. Причината зошто технолошко решение како она на Слат доби толку простор во медиумите може е затоа што тоа е едноставно: дава брзо решение без многу труд на индивидуално ниво - магично апче за проблемот со пластиката,“ пишува Бејкер.

10 јануари 2019 - 13:52