За мозочињата одгледани во (непартиски) лаборатории

Неодамна беа објавени резултати за мозочиња (органоиди составени од мозочни клетки) одгледувани во лабораторија. Некои од нив произведуваат мозочни бранови, а некои реагираат на светлина. Авторот, професор по когнитивна невронаука, се прашува каде води сето ова?

Врвна технологија за одгледување кластери од клетки кои самите се организираат во мини верзии на човечки мозоци добива сè поголемо внимание. Овие „мозочни органоиди“ даваат досега невиден увид во човечкиот мозок кој е озлогласено тежок за научно објаснување. 

Некои истражувачи се загрижени дека во овие мини-мозоци кои некогаш се трансплантираат во животни, еден ден може да се развие и свест. Во овој момент се многу едноставни во споредба со човечкиот мозок и не можат да бидат свесни. Поради недостаток од прихрана од крв, не можат да постигнат големина над 5-6 милиметри. Но затоа можат да произведат мозочни бранови слични на оние на предвремено родени бебиња и можат да развијат нервна мрежа која реагира на светлина.

Постојат и знаци дека овие органоиди можат да се врзат со други органи и рецептори во животните. Тоа значи дека можат да станат перцептивни за чувства и истовремено носат потенцијал за комуникација со надворешниот свет.

Како когнитивен невро научник, професорот Гијом Тери се радува на можноста еден ден овие органоиди да развијат свест но истовремено се прашува да не е можеби време за паника?

„Креирањето мини мозоци во животните, или, уште полошо, во вештачки био-околини треба сите да нè ужасне. Етичките импликации се поголеми од прашањето дали создаваме единка која можеби страда. Ако правиме мозок - колку и да е мал - ние правиме систем со капацитет да процесира информации и во крајна линија - да мисли,“ пишува Тери.

Оваа година во март, водечки светски научнуици и етичари побараа да се воведе мораториум за генетско едитирање на човековиот ДНК, барем додека не се воспостават меѓународни стандарди за оваа технологија и не се одговори на бројните прашања и дилеми поврзани со оваа контроверзна тематика.

31 октомври 2019 - 11:06