Времето не постои

Британски физичар, инаку противник на Теоријата за големата експлозија, во својата нова книга тврди дека времето (ден / час / минута) не постои како димензија. Наместо тоа имаме "сега."

Објаснувањето на Џулиен Барбор е дека времето не можеш да го фатиш со раце и тоа е најверојатно затоа што "тоа воопшто не е таму." Наместо тоа, Барбор го гледа секој посебен момент како целина, која постои сама за себе. И овие моменти ги нарекува "сега" (Nows). За Барбор секој "сега" е подредување на се во Универзумот.

"Во животот минуваме низ низа на 'сега' и прашањето е што се тие навистина? Имаме силно чувство дека работите имаат дефинитивна позиција релативна една кон друга. Мојата цел е да го одвојам се она што не можеме да го видиме (директно или индиректно) и едноставно да ја задржиме оваа идеја за многу различни работи кои коегзистираат одеднаш. Едноставно има 'сега,' ништо повеќе, ништо помалку," објаснува Барбор.

Најдобро објаснување за 'сега' е нив да ги замислиме како страници откорнати од книга и расфрлани на подот. Секоја страна е посебен ентитет кој постои без времето и надвор од него. Подредувањето на страниците по одреден редослед и минувањето низ нив чекор по чекор, развива една приказна. Сепак, без разлика како ги подредиме страниците, секоја страна е комплетна и независна од другите.

"Мачката што ќе скокне, не е истата мачка што ќе се приземји," објаснува Барбор.

За него не постои некој минат момент, кој се претопува во некој иден момент, туку сите различни можни конфигурации на универзумот, секоја можна локација, на секој можен атом, постојат симултано. Сите овие 'сега' постојат одеднаш во бескраен простор, комплетно и апсолутно без време.

20 септември 2012 - 18:06