Кога врне, истура, буквално

Во период нешто пократок од две недели врне 50% од годишниот дожд кој и следува на планетава, а како што минуваат годините до крајот на веков овој период само ќе се намалува.

Освен што ќе се намалува временската рамка во која ќе се истура целиот тој дожд, заради глобалното затоплување ќе се зголемува и количината на вода која годишно ќе се слева од небото.

„Она што го откривме е дека очекуваниот раст ќе се случи на најмокрите и најдождливите денови во годината,“ објаснува научничката од американскиот Национален центар за атмосферски студии, Анџелин Пендерграс.

Иако на прва звучи само како повеќе вода, во пракса ова ќе се реализира како посилни урагани и поројни дождови, што пак на одредени места ќе доведе до преплавување на инфраструктурата задолжена за регулирање на вишокот вода и спречување поплави.

Научниците признаваат дека е тешко да се дадат точни бројки како ќе изгледаат промените, па затоа решаваат во студијата да не шпекулираат со бројки. Она што за сега го знаат е дека половина од вкупниот фонд на вода што годишно се истура на Земјата, паѓа за само 12 дена, а околу 75% за 30 дена.

Глобално на најмокриот ден на летото отпаѓаат 5,2% од годишните атмосферски врнежи.   

22 ноември 2018 - 11:04