Черчил за потрагата по вонземјани

Неодамна откриен есеј (сред американски музеј) од 1939 покажува дека британскиот премиер бил отворен кон можноста за постоење на живот на други планети, и тоа речиси под истите услови кои и денес се сметаат за неопходни.

Текстот од 11 страни, веројатно наменет за објавување во весник, е откриен во Националниот Черчил музеј во Фултон, Мисури, кој најверојатно стигнал таму на почетокот од 1980-те и бил заборавен.

Черчил освен што е првиот британски премиер кој ангажира советник за наука, за време на мандатот, сред војна, има редовни средби со научници.

Насловот на текстот на Черчил е "Дали сме сами во Универзумот?", а во него тој ги има идентичните аргументи како и модерната астробиологија, дека луѓето не можат да се уникатни имајќи ја предвид обемноста на Универзумот, и дека живот е "се она што има способност да се размножува и да има поколенија". Тој ја забележува и неопходноста од вода за постоење на живот.

Повеќе од 50 години пред откривањето на ексопланети, тој ја разгледува веројатноста дека околу други ѕвезди би можело исто така да постојат планети, заклучувајќи дека голем дел од овие далечни светови "се со соодветна големина за на својата површина да задржат вода и да имаат одреден вид на атмосфера".

Воениот премиер на Британија предвидува дека постојат и големи можности за истражување на Сончевиот систем, и дека еден ден "во не така далечна иднина, ќе биде возможно да се патува до Месечината, па дури и до Венера и Марс". Негова проценка е дека Венера и Земјата се единствени планети во Сончевиот систем на кои може да има живот.

17 февруари 2017 - 11:30