Стара панкерска: Ако грешам, нека изгорам

Панкот одамна е мртов и тоа на најбизарен начин го потврди британската кралица која ја прогласи 2016-та за година на панкот (поголем сарказам од тоа нема). Но, мора ли и спомените од него да завршат в пепел?

Синот на Малколм Мекларен и Вивиен Вествуд најави ритуално палење на целата своја колекција од автентични, културолошко и  историски вредни панк сувенири проценети на 7, 1 милион долари. 

48 годишниот Џозеф Коре ваквото дозакопување на панкот планира да го изведе во ноември во Лондон и да врши директен пренос од таа панк клада.

Неговиот потег е реакција на фактот дека самата британска кралица, против чиј "фашистички режим" и беше создадена панк химната на Секс Пистолс, 40 години подоцна ја прогласи оваа година за година на панкот.

"Кралицата да прогласува година на панкот е најзастрашувачката работа која сум ја слушнал. Тажно е како алтернативната и панк сцена ја проголта меинстримот. Наместо движење за промени, панкот стана ебен музеј и предмет на почести," изјави Коре.

На едно друго, поприземно ниво, можно е ваквата намера на Коре да е мотивирана од фактот што неговиот татко Малколм Мекларен комплетно го исклучи од своето наследство.

Штета што Коре никогаш нема да дознае дека најприкладната посмртна песна за неговиот  ритуал би била онаа на Гоце Пепи Бафтировски: "Ако грешам, нека изгорам".

17 март 2016 - 14:07