Како си го чува гласот оној од Симпли ред?

Пејачите, особено оние долгометражните, имаат разни цаки да ја сочуваат основната алатка од која вадат леб. Пазат на животниот стил, што пијат и јадат, колку топло а колку ладно, земаат медицински и народски амброзии...Мик Хакнел има едноставен рецепт - преку ден не зборува кога не мора.   

Минаа 33 години откако деби албумот на Симпли ред (PIcture Book) му го претстави на светот занимливиот вокал на Мик Хакнел.

Прекршувајќи го своето основно правило, во интервју за Би Би Си тој ја открива техниката со која ја продолжува долговечноста на неговиот глас.

„Како што човек старее, добива сè повеќе басови во својот вокал. За среќа, јас сè уште успевам да ги дофатам високите тонови, веројатно благодарејќи на правило да си ја држам устата затворена,“ вели тој за тактиката која се покажала успешна.

58 годишниот Хакнел и неговиот бенд деновиве издадоа албум со жив настап, придружувани од 40-член филхармониски оркестар, на кој се отсвирени старите хитови на Симпли ред, а има нешто и Синатра, Нет Кинг Кол и други џез класики.

Хакнел важи за човек кој не сака да доаѓа на проби што знае да ги фрли во паника членовите на неговата група, но вели дека е среќен што овојпат сепак вежбал со оркестарот.

„Драго ми е што доаѓав на пробите бидејќи со оркестар е многу поинаку. Тие некако се лулаат и не се движат баш во ритамот на персната,“ вели тој за своето откритие.

Инаку, Хакнел ги распушти Симпли ред во 2009 година, после 25 годишно постоење. Тој е пораснат од татко му бидејќи неговата мајка ги напуштила кога бил мал. Вели дека кога добил син, го распуштил бендот бидејќи не сакал да биде од оние родители кои ќе го промашат проодувањето на своето дете затоа што се на турнеја во Нов Зеланд,.

 

26 ноември 2018 - 12:00