Њујорк Тајмс ги укинува политичките карикатури

Утнаа со една карикатура која беше доживена како анти-семитска па решија комплетно да го укинат овој жанр кој го имаат преку еден век. Ако беше така, после оние извештаи за хемиското оружје на Садам, требаше цел дуќан да го затворат.

Се работи за карикатура објавена во меѓународното издание на медиумот. Нетанјаху како куче - водич на слепиот Трамп кој на глава носи еврејска кипа.

Веднаш настана гужва и паника по социјалните мрежи и кај лојалните кербери на медиумската недопирливост на еврејската кауза (како CNN) кои бучно се ужаснаа од карикатурата, ја жигосаа како анти-семитска и како евоцирање на наци -пропагандата. Колку што ние контаме, не е проблем што Нетанјаху е куче ниту пак што Трамп е слеп; проблемот ќе да е во онаа Давидова ѕвезда на коланот на Биби.

Њујорк тајмс веднаш ја повлече карикатурата, па потоа темелно се посипа со пепел извинувајќи им се на сите за на крај реши дека е најпаметно, од први јули, воопшто да ги немаат секојдневните карикатури.

Автор на спорниот цртеж е португалскиот карикатурист Антонио Мореира Антунеш кој вели дека во неговото дело нема ништо анти-семитско и не е критика кон Евреите туку кон израелската политика кон Палестинците, наспроти напорите на ОН.

„Ѕвездата на Давид е ставена само за да се идентификува ликот на Нетанјаху кој во Португалија и не е општо познат. Ама еврејската десница не трпи да биде критикувана и секогаш кога ќе наиде на критика го повторува она „ние сме прогонет народ, ние сме трпеле... ова е анти-семитизам,“ изјавил Антонио за Експресо.

Ама затоа Ерусалим пост фати да копа по неговата долгогодишна кариера па заклучија дека тој е контроверзен автор откривајќи му карикатура од пред 35 години во која не е најблагонаклонет кон израелските војници и нивниот однос со либанските жени и деца.

Патем, од 2006 му го најдоа и ова па и тоа го прогласија за контроверзно и анти-семитско.

„Пази богати, кој политички карикатурист со 45 годишна кариера, немал контроверзи во минатото?“, не можат да се начудат колегите кои застанаа во одбрана на професијата. 

Отказ од Њуjорк Тајмс доби и легендарниот Патрик Чапате кој скоро 25 години создаваше две карикатури секоја недела, прво за Хералд Трибјун па потоа за Њујорк Тајмс.

„ Се плашам дека овде не се работи само за карикатурите туку и за новинарството и за мислењето воопшто. Живееме во свет во кој морализаторски банди од социјалните медиуми креираат бура која потоа со сета сила мава и ги пореметува новинарските редакции“, пишува тој во проштелното писмо.

Со ваквото портретирање на денешната медиумска атмосфера се согласува и Марк Вуркер, карикатурист со Пулицерова награда.

„Светот на карикатурите и сатиричните коментари пропаѓа затоа што денешните уредници немаат кичма да им се спротивстават на бесните кампањи на социјалните медиуми“.

„Престанете да им се плашите на гневните банди. Во лудиот свет во кој живееме, уметноста на визуелното коментирање е потребна повеќе од кога и да е. И хуморот исто така“.
Патрик Чапате, јуни 2019 

12 јуни 2019 - 22:27