Како умира весник

„Овенатиот и ослабен“ Денвер пост моментално е преплавен од профит како ретко кој весник и тоа не е на добро, објаснува Џек Шафер во Политико.

Сопственик на Пост е инвеститорот Рендал Смит, кој „станува број 1 душман на новинарството.“ Како стига до титулата? Смит купува весници, и нив ги оптимизира за правење пари, а не за новинарство.

Компанијата на Смит поседува 11 неделници и околу 70 дневни весници, меѓу кои, освен Денвер пост, и Ст. Пол Пионер прес, Сан Хозе Меркјури њуз и Оринџ каунти реџистер.

Откако доаѓа во Денвер пост, компанијата на Смит, Алден глобал капитал, во период од 2012 до 2017 го намалува бројот на новинари од 184 на 99. Во другите весници што ги поседува, има примери како Потстаун меркјури каде бројот на новинари го намалува од 73 на 10, или Нористаун тајмс-хералд каде паѓаат од 45 новинари на 12.

Ова резултираше со негодување на новинарите, протести пред седиштето на компанијата во Њујорк, едиторијали против компанијата и нејзиното работење, барање тој да ги продаде весниците, откази на уредници и отпуштања.

„Но зошто Смит би требало да продаде? Весниците на Алден забележаа рекордни профити од 160 милиони долари во фискалната 2017. Ланецот весници работи со маржа од 17% со што е еден од најуспешните во индустријата.

Во период од 7 години, Алден за два пати го зголеми профитот на весниците од Беј ареа њуз груп, уште едно место каде кратеше новинари. Во Пионер прес, каде персоналот е намален на 60 луѓе, весникот имаше 10 милиони долари профит при заработувачка од 13%.

Смит можеби е алчен човек, но неговиот главен криминал е што сфатил дека се ближи крајниот рок на печатот и делува во согласност со фактот дека повеќе вредност може да се извади со цедење на печатот отколку со поголемо инвестирање во него или продавање.

Дозволете си за момент да сочувствувате со Смит. Тој е длабоко навлезен во индустрија што стагнира, чија главна публика се ближи кон сопствениот краен рок. Замислете го Денвер пост и најголемиот дел од останатите весници како дедо кој е на дијализа, има пејсмејкер и до себе има боца со кислород. Тој изгледа жив, ама минато му е времето,“ пишува Шафер.

Бизнис праксата зад тактиката на Алден се нарекува „жнеење на пазарната позиција“ и во неа ги зголемуваш цените и го намалуваш квалитетот на производот, додека се потпираш на своите најлојални муштерии дека ќе продолжат да го купуваат твојот производ, и покрај уништената репутација. Секогаш кога весник почнува да намалува страници, големина на формат, области што покрива, број на вработени и тираж, а додека во исто време ја зголемува цената на претплата, тогаш тој ја користи оваа пракса.

Уште еден аргумент што Шафер го дава во одбрана на Смит е дека не може целата вина да се фрли на негов грб. Како пример е случка од 2008, кога испораката на Денвер пост до дома се намалува на само 3 дена неделно. Причина за ова не затоа што сопственикот одлучил да крати, „туку затоа што читателите решиле да престанат да се претплаќаат, и затоа што читателите решиле да престанат да користат огласи во весник, и затоа што читателите престанаа да читаат. Вистинските негативци во оваа крими-мистерија се читателите.“

„Зошто не може Денвер пост да најде свој Џеф Безос што ќе го спаси? За жал на весниците - и ова го пишувам како фанатик за медиумот - нема доволно милијардери заљубени во весници за сите.

Слободно мразете го Рендал Смит колку сакате, ама притоа разберете дека, како и погребна служба и тој сфатил како да заработи пари од смрт,“ пишува Шафер.