Јавноста најмногу му верува на јавното

Во САД постои еден интересен медиумски модел на јавни радио станици и телевизии кои не живеат од реклами. Моделот не е доминантен но дава исклучителни резултати. Не, тоа не значи да крадеш од други медиуми и тоа да им го наплаќаш на читателите. 

Во американскиот радио свет постои бостонскиот WBUR а на телевизиско ниво ја имаат PBS (Public Broadcasting Service). Првиве, двапати годишно ги отвораат телефоните и на своите слушатели им порачуваат:
"Ако ви се допаѓа нашата програма (а имаат сериозно квалитетна програма), и знаете дека не ве труеме со реклами, помагајте".
И слушателите помагаат: таксисти, фризерки, професори, менаџери, кој колку може и сака, од два до неколку стотици или илјади долари.

Резултатите им се одлични, а такви им се и на PBS, непрофитна мрежа од преку 350 ТВ членки  кои земаат и нешто буџетски пари но 60 проценти од приходите им се од приватни донации и грантови.

Тие неодамна објавија резултати од национално истражување на публиката по кои се убедливо прв американски медиум на кој луѓето му веруваат.

* 9 од 10 испитани Американци му веруваат на PBS.

* Само за воената одбрана Американците повеќе веруваат дека "се добро дадени даночни пари'. ПБС се втори на тој список.

* 8 од 10 Американци веруваат дека паметно е да се донира во јавната телевизија.

* 44 % го именувале PBS KIDS како најкорисен образовен медиумски бренд во државата. Далеку втори се Discovery Family со 21 процент а познатите Дизни и Никелодеон имаат само 6 проценти доверба во нивната детска програма. 

* 88 проценти луѓе веруваат дека PBS им помага на децата да ги подобрат своите вештини во читање и математика.

83 % луѓе сметаат дека PBS Kids помага во подготовката на децата за успех во училиштето и животот.

Слично високи проценти на доверба јавната телевизија има и за своите дигитални платформи и мобилни апликации.

Нереализирани обиди за пробување на овој модел на јавни медиуми со транспарентна финансираност имало и кај нас, но главно застанале заради општата претпазливост и сомничавост на изгорениот македонски медиумски конзумент и неговото универзално прашање: "Чии се бе тие?"

21 февруари 2015 - 14:56