Човекот што 2 месеца вестите ги дознаваше од весник

И покрај тоа што комплетно се изолира од електронски извори на вести или нотификации од кој било вид, сепак информацијата за масакрот во Паркленд некако успева да се пробие до Фарад Манџу од Њујорк тајмс. Освен инцидентот тој успешно го завршува 2-месечниот целибат.

И покрај тоа што дознава за Паркленд од нотификација на часовникот, Фарад е презадоволен што во следните 24 часа до него не стигнува никаква информација околу масакрот.

„Имаше многу работи што ми е мило што ги пропуштив. На пример, не ги видов лажните тврдења дека убиецот е левичар, анархист, член на ИСИС или дека имало повеќе убијци. Ја пропуштив веста од Фокс њуз дека тој е поврзан со сириски бунтовнички групи, објавена пред воопшто да биде соопштено неговото име. Исто така не ги видов ни тврдењата што ги вртеа повеќе медиуми (вклучително и Њујорк тајмс) како и Берни Сандерс и други либерали на Твитер, дека масакрот е 18-то пукање во училишта од почетокот на годината, што не е точно.

Наместо тоа, ден по пукањето, пријателски настроена личност која никогаш ја немам запознаено, ми остави три весници пред врата. Утрото, потрошив можеби 40 минути прегледувајќи ги ужасите од пукањето и милион други работи што весниците имаа да ми ги кажат.

Не само што потрошив помалку време на веста, отколку кога би ја следел на интернет како се развива, туку бев и подобро информиран. Бидејќи избегнав ненамерни грешки, и попакосно намерни лаги, кои преовладуваа во првите часови по пукањето, моето прво искуство со вестите беше точно сумирање на актуелните дневни настани,“ пишува Манџу.

Постот го почнува во јануари по завршување на „годината со најмногу вонредни вести во блиско сеќавање.“ Манџу гаси нотификации од секакви дигитални вести, се гаси од Твитер и останати социјални мрежи, и се претплаќа на три печатени весници: Њујорк тајмс, Вол стрит журнал и Сан Франциско хроникал, плус неделниот магазин Економист. Единствени дополнителни вести му се неколку подкасти и њузлетери на меил, „се обидував да ги забавам вестите, и понатаму сакав да сум информиран, ама барав формати кои ценат длабочина и точност пред брзина.“

„Искуството ми го промени животот. Гасењето на машината за вонредни вести што ја носам во џеб беше како да сум се откачил од чудовиште на кое сум му достапен на копче, постојано прекинувајќи ми го денот со половно подготвени информации.

Сега не само што сум помалку анкциозен и помалку зависен од вести, туку сум и пошироко информиран (иако има некои слепи точки). И срам ми е од тоа колку слободно време имам,“ објаснува испосникот.

Главно откровение му е личната улога што читателот на вести ја има во „нашата нарушена околина на дигитални вести“, посебно откако технологијата успешно ги заглави сите корисници во засебни балони, и со тоа го наруши начинот на кој се стига и се обработува информацијата.

Од своето искуство тој вади три лекции:

- Следи вести

Да не излезе дека е некој принт фанатик, Манџу објаснува дека далеку повеќе преферира екран отколку печатен весник „страниците се преголеми, фонтот премал, бојата остава трагови.“ Проблем е и што печатот дава помал опсег на идеи отколку интернет. Не можеш да најдеш печатена верзија на Базфид, Комплекс или Слејт, во Калифорнија на пример го немаш ни Вашингтон пост во печатено издание. Згора на ова и е скап. Месечна претплата на Њујорк тајмс, вон Њујорк, изнесува 81 долари, што годишно е исто колку и најскапиот Ајфон.

Меѓутоа за тие пари добиваш вести, „и ова не ти звучи ништо посебно се додека не ги пробаш сам - и да сфатиш колку од она што го добиваш на интернет не се баш вести, туку многу повеќе се бескраен низ на коментари, кои повеќе работат на извртување на твоето разбирање на светот, отколку што го разјаснуваат.“

Разликата што тој ја забележува е дека на интернет коментарот е поважен и им претходи на фактите „секоја вест ти доаѓа обработена, луѓето не објавуваат стории, туку сопствени ставови за овие стории“. И ова најчесто е придружено со истакнување на делови од веста кои се во нивна корист, игнорирајќи сè останато.

- Не брзај

За Манџу 2013 е годината кога станува јасно дека вонредните вести се неупотребливи, а моментот на прекршување е бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон по кој следува цела седмица на неверојатни теории на заговор.

„Вистинскиот живот е бавен; на професионалци им треба време за да сфатат што се случило и како тоа се вклопува во поширокиот контекст.

Технологијата е брза. Смартфоните и социјалните мрежи ни даваат факти за вестите многу побрзо отколку што можеме да ги соџвакаме, дозволувајќи шпекулации и дезинформации да ги пополнат празнините,“ објаснува Манџу.

Од тогаш работите стануваат само полоши, бидејќи медиумите се префрлија во дигиталниот свет и постојано се во трка што е можно побрзо да објават вести и преку најразлични апликации и нотификации тие да ги испорачаат до публиката.

Весникот токму тука изненадува, точно дека вестите стигаат еден ден подоцна „ама во тој период стотици искусни професионалци ја завршиле тешката работа наместо мене,“ па на читателот му останува само да ги чита вестите без да се чуди дали нешто од тоа е бесрамна лага.

Друг ќар е што кога читаш вести само еднаш дневно, наместо постојано да ги прегледуваш, „светот станува разбирлив и смирен, наместо да биде мешавина од наслови што чекаат на заклучениот екран од твојот мобилен.“

Неговиот совет е дека за да го постигнеш ова не мора да се префрлиш на печатни вести, може на пример да почнеш да вежбаш да ја отвораш апликацијата за вести еднаш на ден, или да се префрлиш на читање њузлетери. Најважно од ова е да ги изгасиш нотификациите за вести, кои постојано те пореметуваат ширејќи параноја околу состојбата во светот, „ако нешто важно се случи, ќе дознаеш.“

- Избегнувај социјални мрежи

„Ова е најважното правило од сите. По неколку недели на весници, она што почнав да сфаќам дека не е до весниците дека се толку добри, туку дека социјалните мрежи се лоши,“ пишува Манџу.

Според него секој еден проблем со вестите што го имаме денес е последица на социјалните мрежи, и нивното претпочитање на брзина пред длабочина на вестите, провокативни ставови пред факти, и луѓе што шират пропаганда пред добронамерни аналитичари на вести.

„Не мора да читаш печатен весник за да имаш подобар однос со вестите. Ама во име божје, ве молам Твитер и Фејсбук нека престанат да ви бидат главен извор на вести,“ порачува Манџу.