Чешка банка на годината

Една од најголемите банки во Чешка реши да ги повлече своите реклами од веб-сајтови што се занимаваат со дезинформации, пропаганда и лажни вести за политичко навивање.

Чешка споржителна е меѓу четирите најголеми банки во таа земја и е прва од големите компании што реши да ги повлече своите реклами од сајтови со сомнителен квалитет и уште посомнителен мотив за создавање содржини. 

„Веруваме дека нашата одговорност кон општеството ги надминува границите на банкарскиот свет. За нас е неприфатливо да ги помагаме изворите на непроверени, а понекогаш и намерно невистинити информации. Затоа од сега нашите реклами нема да се појавуваат на сајтови за дезинформирање“, порачаа од банкaтa.

Таа се решила на ваков чекор по анализата изработенa од невладини организации за чешката влада според која пропагандистичките и дезинформирачки портали се издржуваат не само од парите на нарачателите на таквата пропаганда, туку и од рекламите на вообичаените комерцијални огласувачи.

За второво највиновни се плиткоумните медија-планери што одлуките за дистрибуција на рекламните пораки по сајтови често ги базираат на приглупото „се чита тоа“.

Анализата покажала дека пред да реши да води сметка на какви сајтови ќе се појавува, рекламите на Чешка споржителна се појавилe на седум треш и пропагандистички портали.

Чешкиот министер за внатрешни работи, Милан Хановец, формираше и оддел во нивното МВР за следење на пропагандата на странските сили, но претседателот на земјата, Милош Земан, предупреди дека тоа може да значи враќање на тоталитаристичката цензура во Чешка.

19 декември 2016 - 16:19