За медиумските преторијанци на партиите:

Аман, не ги бранете

На примерот на влијателниот и популарен Фокс њуз, во врска со темата: како партизираните и навивачки медиуми не само што ја прават својата публика поглупа (тоа на наши примери го гледаме по Фејсбуци и Твитери) туку им прават штета и на партиите и каузите кои без усул ги бранат.

"Резултатите покажуваат дека има нешто во врска со гледањето на вестите на Фокс њуз поради што луѓето кои ги гледаат тие вести одговараат полошо од оние кои воопшто не гледаат вести".

Ден Казино, професор по политички науки.

Идејата е дека Фокс њуз ооперира со други цели и норми од медиумски аутлети каков што е, да речеме BBC. А собраните факти* водат кон заклучок дека:

а) најлојалната публика на Фокс се полошо информирани од оние кои следат други извори, но не само тоа, тие се полошо информирани дури и од оние кои воопшто не следат вести.

б) постојаниот гнев кој намерно го произведува Фокс кај своите гледачи стана сериозен проблем за Републиканската партија (чија кауза најбрутално ја брани).

Луѓето кои гледаат Fox News, најпопуларната кабловска мрежа во САД, за 18 поени имаат помалку шанси да знаат дека Египќаните ја собориле владата отколку оние што воопшто не гледаат вести. А за 6 поени помалку дека Сиријците сè уште не ја симнале својата влада.

Изложеноста на програмите на Фокс кои ги водат ликови како Бил О' Рајли или Шон Хенити водат кон поголем wishful thinking (што је баби мило....) ефект. Тоа се покажа со различните прогнози на шансите Мит Ромни да победи на претседателските избори во 2012-та.

Фокс стана проблем за Републиканската партија бидејќи држејќи ја својата крајно десничарска база постојано лута и мобилизирана, ја оневозможува партијата да мрдне кон центарот и да го зголеми опсегот на луѓе на кои им се обраќа. Тоа беше и една од причините на поразот на Ромни кој не можеше да мрдне од радикалните позиции токму заради постојаните с'скања од Фокс.

Кога Републиканците на кои им е важно да победат и да ја добијат власта ќе престанат да мислат дека Фокс им е помош и ќе сфатат дека им е пречка и што ќе се случи кога дојдат до тоа сознание?, прашува Џејмс Фалоус од Атлантик.

* Ако некому се чита, деталната студија на Брус Барлет "How Fox News Changed American Media and Political Dynamics" (18 страни, PDF), ја има овде.