Ти си ќерко татин син

Ако во Канада роден син или ќерка ти каже дека се чувствува полово обратно а ти кажеш: „Не се глупирај, оди донеси му на тато едно пиво“, ќе останеш не само без пивото туку и без детето.

Канадската влада ќе може легално да одзема деца од фамилии ако во нив некој им се спротивставува на нивната родова само - идентификација. Така вели новиот закон деновиве донесен во провинцијата Онтарио според кој на државата ѝ се дава право да отстранува деца од нивните семејства доколку родителите не го прифаќаат и поддржуваат нивниот избор за полова припадност.

Надлежниот министер кој го избутка ваквиот закон смета дека родителското одбивање да го прифатат, да се помират или поддржат родовата себе-идентификација на нивните малолетни деца ќе се смета за малтретирање а во случај на малтретирање деца, државата има право да ги извади од „малтретирачката“ средина и да ги смести на место на кое ќе бидат заштитени од тоа.

Во новиот закон извадено е и претходното право на родителите „да го усмеруваат образованието и религиозното созревање на своите деца“ на што посебно се побунија христијански групи.

„Со овој закон влегуваме во тоталитарна ера предводена од државата каква што немаме видено во канадската историја. Не се сомневајте дека законот за смртна закана за христијанството и сите верници кои имаат деца“, изјави Џек Фонсека од една про-живот организација. 

Канада и досега имала бизарни случаи на микро-менаџирање на деца кога државата зема за право да се прогласи за главна инстанца која решава што е најдобро за нив. Таков е примерот со двајца згрижувачки родители на кои им биле одземени две деца само затоа што не ја послушале наредбата на социјалниот работник да им кажат на малите (ќеркички од по 3 и 4 години) дека Велигденски зајачиња навистина постојат.

„Ние имавме политика на не-лажење на децата. Ако нè прашаат за нешто, им ја кажуваме вистината“, велат родителите кои сега ја тужат државата за одземањето.