Интервју за Офф.нет:

Мишо Ковач: Моите песни можете да ги игнорирате, сè додека не се вљубите

Од кај па сега Мишо Ковач на Офф.нет? Знаете, има луѓе кои и за време на животот станале поголеми од себе, од збирот на сите свои плусеви и минуси. Дали и колку нивните дела ви биле битни, што мислите за нивниот стил и слични, во други случаи обично важни работи, за таквите калибри не важат. Таквите се баждарени поинаку и не се судат со овоземни мерки. Од таквите Хајлендери, ние го имавме Гоце Арнаудов, а Далмација го има Мишо Ковач. Повеќекратен шампион во областа на музиката и повеќекратен губитник во областа на животот, Мишо е некој за кој ви е јасно дека колку и да мислите дека грешел, за тоа можат да судат само виши инстанци.

Има две имиња и едно презиме, но најчесто го викаат легенда. Мате Мишо Ковач овој епитет несомнено и го заслужува. Како и мноштвото други, поинакви. Самоуверен. Надмен. Харизматичен. Горделив. Автентичен. Енергичен. Избувлив. Единствен. Сето ова заедно е пејачот што некогаш со својот громогласен вокал грмел низ салите и стадионите во поранешните Ју-републики, а требало да биде тапетар. Или макар фудбалер.

Пишува и разговара: Ноне Абрашева Ноциќ

Арно ама нешто чудно се случува на улицата Никола Тесла во населбата Варош во Шибеник, каде што пред седумдесет и шест години е роден Мате. На истата таа улица во последните осум децении пораснале и Арсен Дедиќ, Вице Вуков, Иво Патиера, Горан Каран, Здравко Шкендер... Можеби затоа на музичарот кој е сопственик на скапоцениот дискографски рекорд од дваесетина милиони продадени плочи во бившојугословенската естрадна историја, судбината му била предодредена. А кога се зборува за неговата судбина, неговата животна приказна и сите негови подеми и падови, добивате материјал за неколку холивудски долгометражни филмови.

Човекот, кого пријателите и обожавателите го познаваат како Мишо, дури три пати ѝ погледнал на смртта во очи: далечната 1971 година во сообраќајната несреќа кај Задар во која ја спечалил лузната на горната усна, во 1999 година кога со пиштол си пукал во градите за да си го одземе животот и пред неколку години кога доживеал два последователни инфаркта. Некаде помеѓу сите овие настани корпулентниот мустаклија со златен ланец околу вратот, три пати се женел и два пати се разведувал: од првата сопруга Љубица по 4 години брак, а од некогашната југословенска мисица Анита Батурина по смртта на нивниот син Еди, кој страдал под сè уште неразјаснети околности, како припадник на единицата „Шкорпиони“ во Загреб 1992 година. По сите животни трагедии и искушенија тој се венчал со Лидија Пинтариќ, со која веќе 20 години живее во Загреб.  

Музичка средба по две и пол децении

На 17 овој месец по цели две и пол децении, Мате Ковач ќе одржи концерт во Скопје. Во ексклузивното интервју за Офф.нет човекот што испеа некои од најнезаборавните музички рефрени, зборува за своите почетоци, стравови, желби, радости и надежи. 

„Секогаш се радувам на средбите со македонската публика. Кога треба да работам и пеам низ салите во Македонија сигурен сум дека се ќе биде добро. Македонците ме прифаќале отсекогаш, дури и на почетокот на мојата кариера, кога не бев ѕвезда. За да им се заблагодарам и да им го возвратам почитувањето, одамна ја препеав македонската народна песна „Калеш Анѓа“. Барав од моите соработници да ми ја најдат нумерата во изведба на Нина Спирова. За мене Нина е најдобра македонска пејачка на сите времиња“.

Несудениот тапетар кој својата кариера ја започнал на почетокот на шеесетите години од минатиот век, маѓепсан од звуците на Радио Луксембург и појавата на фестивалот Сан Ремо, каде тогаш царувале имиња како Адријано Челентано и Лучиано Тајоли, вели дека и сега има многу млади луѓе на неговите концерти.

„Тинејџерите и младите се „најопасна“ публика. Тие слушаат музика која мене не ми се допаѓа. И не мора. Јас разбирам дека секое време носи свои предизвици и различни музички правци. Но, првиот пат кога ќе се вљубат, почнуваат да ги слушаат моите песни. И да ги сакаат. Е, тоа ме прави среќен. Да не е така, нема и денес да настапувам во најголемите сали кои се полни до последното место. Да немам и денес своја публика не би излегувал повеќе на сцена, затоа што мојата прва плоча ја снимив во 1964 –та година“.

Од друга страна Мишо смета дека денес пејач може да стане секој и било кој да компонира музика. Тоа, вели, воопшто не му се допаѓа.

Некрунисаниот крал на Торцида

Во своите песни покрај љубовта, чест мотив му е неговата сакана Далмација, небото, морето, галебите и шеталиштата, но во јавните настапи никогаш не пропушта да спомене колку многу го сака својот роден град.

„Сум го пропатувал целиот свет. Сите континенти. Ама моите корени се во Шибеник веќе 700 години. За мене нема поубаво место на светот. Последен пат таму пеев лани, на јубилејот - 950 години од постоењето на градот. И верувајте ми, секогаш имам најголема трема кога настапувам дома. Интересно е што пред концертот зад бината ми пријде едно младо момче и ми рече: јас сум од Романија, живеам во Лондон, но ги имам сите ваши плочи, научив хрватски слушајќи ги вашите песни. А јас се топам од милина.“

Пејачот што со својата музика одбележа една цела епоха е и некрунисан крал на хајдуковата Торцида. Вели дека не го мрази Динамо, но дека безусловно навива за Хајдук. Некогашниот голман на јуниорската фудбалска екипа на „Шибеник“, не го сакал премногу друштвото на луѓето од својата бранша. Самиот раскажува дека повеќе се дружел со тогашните врвни спортисти, кои ги бодрел во секоја прилика.

 „Најдобар пријател од детството ми беше фудбалерот Петар Надовеза, но и Мате Парлов, Игор Штимац, Ќиро Блажевиќ, Давор Шукер...Мои големи фанови беа Дражен Петровиќ, Зоран Славниќ, Сафет Сушиќ...Сакав да гледам бокс, додека Парлов беше жив. Тоа беше спортист! За Хајдук навивам од својата петнаесетта година. Тогаш не постоеше автопатот Сплит-Шибеник, па одев од Шибеник на натпревар во 4 часот наутро со товарен прекуокеански брод за Сплит, а дури другиот ден со истиот брод се враќав дома.“

До небото и назад

Иако во својата кариера ги достигнал ѕвездените височини, Ковач во текот на својот живот се борел и со најтешките човечки искушенија: неразјаснетата смрт на неговиот син која во официјалните извештаи е запишана како самоубиство, никогаш не ја прифатиле ниту тој ниту Анита, постојано тврдејќи дека станува збор за убиство. Пејачот пребродил и тежок период на депресија и зависност, обид за самоубиство, но и макотрпна борба за животот на својата миленичка, ќерката Ивана, во тоа време зависничка од хероин.

Неволно разговара за овие теми и за најтешкиот период од неговиот живот, но вели дека „Господ не го сака кај него ни по двата тешки срцеви удари, бидејќи најверојатно сè уште му треба, овде на Земјата“. Но, Мишо не крие дека по сите здравствени проблеми и операцијата на срцето пред седум години, комплетно ги променил животните навики.

 „Внимавам на исхраната, престанав да пушам, да пијам кафе без кое не можев, ја исфрлив кока-колата и слатките. Новата животна рутина веќе ми стана навика, но јас не размислувам премногу за тоа. За мене, признавам, повеќе се грижи мојата сопруга Лидија која внимава навреме да ги испијам сите лекови. Не се плашам од болести, од смрт, затоа што сфатив дека животот е непредвидлив. Се вратив на сцената, сè уште снимам песни, полнам сали, а тоа ми е сосема доволно.“

Најголема радост-внуката Елена

Популарниот хрватски пејач е задоволен од својот живот. Себе си се гледа како скромен човек, задоволен со малку,  не оди по скапи ресторани и не носи дизајнерска облека. „Откако Хрватска е членка на Европската Унија, работите одат на подобро,“вели тој, и искрено се надева и сака и Македонија еден ден да му се придружи на ова семејство. Раскажува дека живее спокојно и мирно со својата сопруга Лидија во загрепскиот кварт Малешница. Друштво им прават двата домашни миленика, кучињата Пакс Тор и Амор Тор, за кои што зборува со многу љубов и посветеност.

„Јас сакам кучиња, и тие ме сакаат мене. И двајцата мои миленици се од расата „кане корсо“ и водат потекло од Сицилија. Двајцата се сложуваат одлично, иако понекогаш едниот знае да му биде љубоморен на другиот. Ги шетам јас. За се друго околу нив, се грижи Лидија“, искрен е Ковач.

На крајот, на прашањето што после сè, што го радува и го прави среќен, одговара дека тоа е неговата ќерка Ивана. Таа по долгогодишното лекување тргнала по неговите стапки, веќе има издадено неколку албуми, а според неговите зборови е одличена пејачка и исклучително талентирана музичарка, која допрва ќе го гази својот сопствен музички пат.

„Ивана минатата година на свет ја донесе мојата внука Елена, која мене и на Лидија ни приреди најголема радост и неизмерна среќа. Со Лидија  поминуваме дваесет заеднички години, а никогаш не се налутивме еден на друг, никогаш не си рековме лош збор, никогаш не се погледнавме попреку. Кажете ми, што повеќе можам да барам?“

 

11 февруари 2018 - 16:54