Милан Кундера:

Ме плаши светот кој има изгубено смисла за хумор

Тоталитаризам не е само пеколот туку и сонувањето за рајот - древен сон каде што сите живеат складно, обединети со единствена волја и вера, без тајни едни пред други. Кога сонот за рајот ќе почне да се претвора во стварност, одеднаш се појавуваат луѓе кои му стојат на патот, и владетелите на рајот мораат да изградат мал гулаг недалеку од рајската градина.

Филип Рот: Смеењето секогаш ти било блиско. Твоите книги предизвикуваат смеа со хумор и иронија. Кога твоите ликови ќе доживеат болка, тоа е така зашто наишле на свет кој ја изгубил смислата за хумор.

Милан Кундера: Ја сфатив вредноста на хуморот во ерата на сталинистичкиот терор. Тогаш имав 20 години. Секогаш можев да препознам човек кој не е сталинист, лице од кое не мора да се плашам, по начинот на којшто се смееше. Смислата за хумор беше сигурен знак на препознавање. Уште оттогаш ме плашеше светот кој ја изгубил смислата за хумор.

Рот: Во "Книгата на смеата и заборавот" се разви нешто друго. Во мала парабола, ја споредуваш смеата на анѓелот со онаа на ѓаволот. Ѓаволот се смее затоа што божјиот свет му изгледа бесмислено, ангелите се смеат од радост, бидејќи се во божјиот свет има смисла.

Кундера:  Да, човек ја користи истата физиолошка манифестација - смеата - за да изрази два различни метафизички крешенда. Ако некому му падне капата во нечиј гроб, погребот го губи значењето и се раѓа смеа. Двајца љубовници трчаат по ливада држејќи се за раце, и се смеат. Нивната смеа нема никаква врска со шеги или хумор; тоа е сериозна смеа на ангелите кои ја изразуваат радоста на постоењето. Двата вида смеење припаѓаат на животни задоволства, но, кога ќе се истераат до крајност, обата означуваат двојна апокалипса: одушевената смеа на залудените од ангелите кои на тој начин се уверени во своето значење за светот, дека се подготвени да обесат секого кој не ја споделува  нивната радост. И другата смеа која се слуша од спротивната страна, смеа која тврди дека сè станува бесмислено, дека дури и погребите се смешни а групниот секс е само комична пантомима. Човечкиот живот е ограничен од тие провалии: фанатизам од една и потполн скептицизам од друга страна.

Она што ти сега го нарекуваш смеа на ангелите, е назив за нов лирски пристап кон животот од твоите претходни романи Во една своја книга, го опишуваш времето на сталинистичкиот терор како владеење на џелатите и поетите.

Кундера: Тоталитаризам не е само пеколот туку и сонувањето за рајот - древен сон каде што сите живеат складно, обединети  со единствена волја и вера, без тајни едни пред други. И Андре Бретон сонуваше за тој рај, кога говореше за стаклената куќа во која чезнеел да живее. Да не ги експлоатираше тие стереотипи кои се длабоко во нас и имаат корени во сите религии, тоталитаризмот никогаш немаше да привлече толку многу луѓе, особено во првата фаза од своето постоење. Кога сонот за рајот ќе почне да се претвора во стварност, одеднаш се појавуваат луѓе кои му стојат на патот, и владетелите на рајот мораат да изградат мал гулаг недалеку од рајската градина. Со текот на времето, тој гулаг станува сè поголем и сè посовршен, додека соседскиот рај станува сè помал и посиромашен.  

Во твојата книга, големиот француски поет, Пол Елијар, пеејќи лета над рајот и гулагот. Дали тоа делче историја кое го спомнуваш е вистинито?

Кундера; После војната Пол Елијар го напушти надреализмот и стана најголем заговорник на она што се нарекува "поезија на тоталитаризмот". Пееше за братството, мирот, правдата, подоброто утре, пееше за другарството и против изолацијата, за невиноста и против цинизмот. Кога во 1950-та, владетелите на рајот го осудија неговиот прашки пријател, надреалистот Завиш Каландра, на смрт со бесење, Елијар ги потиснува своите чувства за пријателство во име на надличните идеали и јавно го подржува погубувањето на својот другар. Џелатот убиваше додека поетот пееше.

И не само поетот. Целиот период на сталинистички терор беше период на колективен лирски делириум. Тоа е сега целосно заборавено но тоа е клучното прашање. Луѓето сакаат да кажат: револуцијата е прекрасна, дури кога од неа ќе се роди терор, таа станува зла. Но тоа не е вистина. Злото е веќе присутно во прекрасното, пеколот веќе се наоѓа во сонот за рајот а ако сакаме да ја сфатиме суштината не пеколот, мораме да ја проучиме суштината на рајот од кој тој произлегува. Исклучително лесно е да се осудат гулазите, но да се отфрли тоталитарната поезија која води до гулаг преку рајот, денес е потешко од кога и да е.  Денеска луѓето ширум светот едногласно ја отфрлуваат идејата за гулагот, но сè уште си дозволуваат да бидат заведени од тоталитарната поезија и да маршираат во нови гулази придружени од мелодијата на истата лирска песна која ја свиреше Елијар лебдејќи над Прага како голем архангел на лириката, додека чадот од телото на Календра се дигаше в небо од оџакот на крематориумот.

повеќе

23 април 2016 - 14:29