Кога храната ќе стане порно

Видео рецепт за мисирка полнета со пита кашкавал и прекирена со Читос чипс, е инспирацијата за новинарот на Би-би-си малку подлабоко да навлезе во светот на „фуд-порн“.

Терминот фуд-порн се користи за да се прикаже нешто „нереално“ или според Википедија „гламурозна визуелна презентација на готвење или јадење“ (без готвење и јадење, важи и за оригиналната намена на терминот порно).

Растревожен од комбинациите што ги изгледал на Јутјуб (без да е свесен што сè друго постои) тој разговара со готвач и автор на тема храна, Том Игл, кој го објаснува фуд-порн како „одвратно, гадно, неверојатно расипнички и ужасно нездрав“ (пример за ова е целиот опус на Епик миал тајм).

Но и покрај ова Игл посочува дека константно е сведок на моќта на социјалните медиуми, односно дека ако на Инстаграм ставиш неодолив фуд-порн, пред ресторан ќе ти се нацртаат гости што сакаат да го пробаат.

Ќар од ова имаат и брендовите кои на секој начин гледаат да популаризираат некој свој производ да стане дел од поп-културата и годишните трендови, пример: Нутела или Срирача, кои неколку години не се симнуваа од топ листите на најкористени состојки во фуд-порн и задолжителен дел од насловот на милионите видеа на темата.

Иако годиниве се лакташе со разни трендови (пржено сè, сланина сè...) во последно време топениот кашкавал е еден од доминантните трендови во фуд порн. Тоа што луѓето што снимаат реклами за пица го знаеа со години, сега и стана јасно и на пошироката публика и креатори „има некаква привлечност во тегнењето“ на кашкавалот. Ресторанот Раклет Њујорк го рашири трендот на цедење топен кашкавал врз бургери, што му донесе масовна популарност и масовен број копии. Преку ноќ видеото на Раклет доби осум милиони преглед, и веќе следниот ден тој е преплавен со резервации.

Кажувајќи колку да биде кажано, Игл, а потоа и нутриционисти со кои разговара Би-би-си, објаснуваат дека фуд-порн и масовните количини нездрави состојки што овие рецепти ги содржат (уште не е направен успешен фуд-порн со грашок и леќа), не се баш најздравиот избор на храна. Ова е посебен проблем затоа што претерувањето со одредени состојки е она што го прави фуд-порн да биде вирален.

Ако има некој ќар од ова тоа е вакви видеа знаат да прелажат човек да помисли „и јас знам ова да го направам“ и да почне да готви дома, а истражувањата упорно покажуваат дека луѓето кои се хранат дома имаат поздрава исхрана.

 

10 декември 2019 - 16:42