Битката за јагоди со вкус на јагоди

За супермаркетите (и препродавачите на пазарите) важно е јагодите по боја и големина да изгледаат како на слика, да имаат колку може подолг рок на траење и да се отпорни на болести. Вкусот на јагода е факултативен.

Група научници од Универзитетот Калифорнија, Дејвис, работат на враќање на "славата" на јагодата и нејзиниот автентичен вкус. Ова можат да го постигнат само со вкрстување на различни видови јагоди, ама проблемот е што нишката на вкус е многу потешко да се изолира отколку други карактеристики како боја, големина или отпорност на болести.

"Кога зборуваме за нешто како вкус, во него се вклучени премногу компоненти: текстура, шеќер, видови шеќер, арома," објаснува Стив Кнап новиот директор на 6-децениската програма на Универзитетот Калифорнија, за вкрстување јагоди.

Тоа што е тешко, не значи дека е неизводливо, па сега научнициве прво ја утврдуваат хемиската структура на вкусот што го бараат. По ова тие вкрстуваат растенија кај кои вкусот е изразен, со растенија со блуткав вкус. Потоа ја вадат ДНК-та на двата родители и на поколенијата и почнуваат со барање на вкусот. Со споредба на физичкиот изглед и генетскиот материјал, научниците почнуваат со создавање на датабаза за тоа кој ген код е за која карактеристика.

Од вкупно 100-те ароматични соединенија на јагодите, научниците до сега имаат квалитетни генетски податоци за две.

Годишниот принос на јагоди во САД изнесува 2,2 милијарди долари (петто по вредност овошје во САД), и стравот на одгледувачите е дека ако не го средат проблемот со вкусот, луѓето ќе се префрлат на друго овошје.

25 јуни 2015 - 10:57