Како да заштедиш 90 милиони долари на филм? Отпушти го Џони Деп

Откако 5-ката од Пиратите не им излезе по мерак Дизни реши сепак да продолжи со франшизата и да сними и 6-ти филм, но овој пат без една од најголемите ставки во буџетот на досегашните филмови - Џони Деп.

Разочарувањето на Дизни околу 5-от дел е што во САД на кино-благајните филмот заработи само 172 милиони долари на буџет од 230 милиони долари. Бројките Дизни и понатаму ги смета за неуспех иако заедно сосе светските кино-благајни филмот донесе 788 милиони долари, (или ако ви е полесно за перцепција - им остануваат пола милијарда долари откако ќе ги исплатат сите фактури за снимањето).

За 6-от дел Дизни ги ангажираа сценаристите на Дедпул, Рет Рис и Пол Верник, да го состават новото сценарио и да ја освежат 16 години старата франшиза.

Ова последното, намерата за освежување на франшизата, е и голем дел од објаснувањето за откажувањето на Дизни од Џони Деп, иако во тоа многу придонесе висината на неговиот хонорар кој се движи околу 90 милиони долари.

„Ова на ниту еден начин не значи дека Деп го изгубил својот талент, или својот осет, или дека влегува во залезот на својата кариера како ѕвезда. Последното продолжение направи тон пари. Туку повеќе се работи за тоа дека внесување свежина во големата, мулти-милијарди долари вредна франшиза е неверојатно тешко да се изведе за сите вклучени страни, писателите, актерите, екипата и продуцентите...

... Моментално проблемот за создавање на Пирати без Деп е во рацете на господата од Дедпул, кои докажаа дека можат да играат по тенката граница меѓу инстантна смрт и величествен триумф, и кои можат да бидат забавни во исто време. Се уште не знаеме што тие ќе испорачаат,“ пишува Гај Мартин во текстот за Форбс.

2 јануари 2019 - 10:39