УКИМување на разумот

Како што ни е фала Богу познато, Ректорот на Држaвниот Универзитет "Св. Кирил и Методиј" годинава ги покани своите декани, проректори и колеги професори новата учебна година да ја започнат со двете прочуени академски дисциплини - Литургија и Молебен.

Љубопитни дали e ова само еден шармантен научен гест на неговото Високопреосвештенство или најава за долгоочекуваниот коперникански пресврт во македонското високо образование, испративме искусен репортер кој маскиран во чистачка (се одзива на Васка) успеа да дојде до досега необјавени белешки и идеи на Ректорот за трансформација на УКИМ.

Текстот е пречукан бидејќи оригиналот е во црквенословенски фонт/ курзив а идеите се пишувани во најделикатната фаза на научниот процес, наречена тихување.

работна тетратка, белешки:

КАКО ТРЕБА ДА БИДЕ?
или:
"Јас сум твојот Универзитет и ти друг Универзитет освен мене немаш. Особено не приватен".

МИСИЈА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ

  • Мисијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" е тој да биде автокефален, научен, високообразовен универзитет, кој обезбедува наставно - верска, научно-верска и апликативно-верска дејност во техничките, природно-математичките, биотехничките, уметничките, медицинските и општествените науки кои ни се дадени со Божја воља;

ОРГАНИ И ТЕЛА НА УКИМ

  • Заради потребата од следење на современите и модерни тендеции во образованието, Универзитетот се преструктуира во формација на Синод. УКИМ е телото универзитетско а верата е неговата душа. Деканите и Професорите се пастири на студентското стадо а Ректорот станува "Ректор Ректор".

ОПШТИ ИДЕИ И ПРЕПОРАКИ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА:

  • Копчето ENTER на универзитетските компјутери да се замени со копче АМИН.
  • УКИМ постојано ќе настојува да ги убеди братските Универзитети од Екумената да ги признаат дипломите на УКИМ.
  • Универзитетските колеги од ист ранг меѓусебно да се ословуваат со брате и сестро. Пожелно е студентите на професорите да им се обраќаат со "оче" (важи и за професорки!) а овие да им возвраќаат со: "Синко, немам сега време".
  • Се забранува употреба на калкулатори во наставно научниот процес и тие се заменуваат со бројаници.
  • Меѓу студентите да се шири сознанието дека таксени марки најлесно се лепат со восок од свеќа купена во продажните салони на МПЦ.
  • Бројот на Нечестивиот, Лукавиот, Натемаго е 555.
  • Одделите за студентски прашања да се реновираат по модел на исповедалници. За полесни гревови во однос на студирањето се препорачуваат молитви, а за потешки - се даваат уплатници.
  • За попријатна работна атмосфера се препорачува училниците и амфитеатрите да бидат украсени со рачно извезени пароли од типот:

- Не лажи, не кради, не препишувај на испит.
- Не спомнувај го залудно името на твојот Ректор.
- Шест дена учи а седмиот повтори си го материјалот.
- Ако некој ти залепи петка, сврти му го другиот лист од индексот.
- Меѓу две сесии, љуби го ближниот свој.
- Не фрлај десетки пред свињи.

  • Да се олабави со тој Дарвин. Постепено. А заблудата Cogito ergo sum да се преточи во коректната Cogito ergo NE sum.
  • Универзитетската химна "Gaudeamus Igitur" се заменува со песната "Молитва" од Марија Шерифовиќ. На професорите (и само ним!) им е дозволено да јa потпевнуваат и "Лане моје".
  • Студентите да бидат охрабрувани дека во случај научните методи да не ги дадат саканите резултати, не е крај на светот. Истражувачкиот дух секогаш може да прибегне кон ефикасните алтернативи какви што се Литургијата и Молебенот.
  • Времето на испитни сесии се прогласува за тежок пост. Во тој период на студентите им се забранува конзумирање храна од растително и животинско потекло како и пиење течности а на самиот ден на испитот сето тоа - без зејтин.
  • 40 дена по губењето година, се собираат најблиските членови на семејството на упокоениот студент и заедно ги жалат парите дадени за негово студирање. Во тие моменти најчесто се слушаат гласови од духот на покојникот: Мее мраааази профееесороооот....
  • При упис на нови студенти, заради потребата од упростување на бирократските процедури, не се бараат документи за завршено претходно образование и покажан успех. Доволно е да се донесе крштеница.
  • Приемниот испит се бодува по транспарентни критериуми:

Беспрекорно положен приемен испит - максимум 20 бода.
Дипломи и други признанија - максимум 20 бода.
Вера во Бога - минимум 100 бода.
------------------------------------------
Неопходен број на бодови за влез во државна квота - 100 бода.

* Сите горенаведени мерки и предлози имаат една единствена цел - еден ден нашиот Свет Универзитет да стане славен. Право - славен.

во името на Професорот, Деканот и Светиот Ректор,

Ректор Ректор
В. С.

 

15 септември 2012 - 17:22