Од нас лошите што сакаме да ви ги замирисаме џемперчињата:

Пушењето, лагите и државата-дадилка

Толку многу сме пишувале за пушењето и другите нездрави навики што ни го прават животот поубав, што не чувствуваме посебна потреба да се вклучуваме во последната епизода за законот. Ама па, зошто да не?
ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Ви подготвивме текст за кој ќе треба да одвоите доста време. За непушачите тоа не би требало да биде проблем бидејќи и онака ќе живеат долго.

Пред да се фатиме за озбилна работа, неколку нафрлани локални факти:

  • Кога последен пат го видовме државниот грб на Македонија, на него имаше и листови тутун. Да се покренеше граѓанска иницијатива да се смени таквиот грб, за тој веќе да не го рекламира овој  злосторник?
  • Дали законот ќе биде оваков или онаков, не се секирајте дека ние баш толку многу се секираме. Знаеме ние доволно места по градов и надвор од него на кои можеме да сме раат. За законот требаше и досега да се покаже бар малку секирација што не важи во цели делови на Скопје или во цели градови во Македонија.
  • Никој не инсистира да седи со вас, непушачите. Ние кога излегуваме не ни е најбитно да ви ги замирисаме џемперчињата. Да си седиме башка-башка, што ви фали? Ако треба да се тоа посебни објекти, супер. Ако е тоа во истиот ресторан а во одвоени простории, супер. Знаете како е кај нас на маса, бујрум. Знаеме како е кај вас на маса, седете си.
  • Келнерите, тоест зошто тие да се трујат на работното место. Ах, душа ве заболе за други. Знаете колку бензиски пумпи има во државава и колку пумпаши има на нив? Она што тие го дишат на работното место е супер? Или е дизел? Уште поедноставно, доаѓа човек од питомите делови на Македонија во Скопје и наоѓа работа. Зошто тој да се труе во скопскиот смог? Што не правите секое сабајле барикади пред влезовите на градов, да им држите пароли: Не влегувајте, ќе се труете!
  • Баталете ја онаа симболика од државниот грб. Симболика ко симболика. Но. Не знаете ли дека производството на тутун (главниот злотвор во оваа приказна) со години се субвенционира со десетици милиони евра??? Еве линк - 25 милиони евра. Народни пари, пари на граѓаните, наши пари, како што обично се интимизира кога треба да се долови неоправданоста на трошењето на некои пари. Дваесет и пет милиони евра секоја година државата дава за да се произведе тој отров. Не само што не одат на нешто попаметно (децата, болните, одливот на младите...) туку директно одат за да се создадат тони и тони канцероген продукт. Го памтите она кутро, кутро девојче чие име од уста не се извади а чиј живот служеше само како конвертор на пари потрошени за нешто? Колку животи се тие 25 милиони евра кои, без ниеден протест, секоја година одат за субвенционирано производство на тутун?

А сега, молиме за внимание:

Пушење, лаги и државата дадилка

Илјадници години во Америка, а околу 500 години прилично насекаде во светот, тутунот му беше пријател на човештвото. Тој се користеше за релаксирање, за стимулирање и за лекување разни болести. Тој беше клучен дел од ритуалите, и социјалните и духовните. Се користеше како валута. Цели заедници се засновани на него - вклучувајќи ги, веројатно, и Соединетите Американски Држави.

Чекај малце. Бриши тоа! Пушењето е грда, валкана навика, која речиси неизбежно ќе ве убие. Никој не пуши доброволно; пушачите едноставно се патетични зависници, прелажани од злобните тутунски компании. Тутунот е чума што мора да биде збришана.

Како и повеќето луѓе деновиве, јас до пред неколку години бев посклон да верувам во вториот став отколку во првиот. Бев многу умерен пушач и за малку ќе ги оставев цигарите. Но нешто во таа комплетна хистерија на антипушачкото движење, како и различните дупки и контрадикторности во нивните аргументи, ме направија сомничав. Некаде во доцните деведесетти години дојдов во Лос Анџелес и, додека моето такси излегуваше од аеродромот, пред мене никна огромен црвен билборд: ПАСИВНОТО ПУШЕЊЕ УБИВА. Си помислив: дури и на страсните пушачи им требаат неколку децении за да добијат рак на белите дробови. Сигурно еден непушач, дури и редовно изложен на чад во воздухот, би требало да живее околу 300 години за да ги стигне? И како точно вие би знаеле дека баш чадот од цигарите ги убил, а не, да речеме, ужасниот смог во ЛА?

Оттогаш детално го истражувам проблемот со пушењето. Открив стотици страници статистика, се сретнав со доктори и академици и се споив со голем број други истражувачи и активисти што се обидуваат да дојдат до вистината. Сега сум убеден дека опасностите од пушењето, а особено од „пасивното“ пушење, се значително претерани, од причини што повеќе имаат врска со политиката, моќта и профитот отколку со објективната наука. Верувам дека антипушачкото движење - особено лоби-групите како АСХ (Акција за пушењето и здравјето) - има премногу пари и влијание, и дека нивната нечесност и тиранизирачки тактики треба да ги загрижат дури и оние што го мразат тутунот.

Овој есеј има четири дела. Првиот ги испитува ризиците од пушењето; вториот, „пасивното пушење“; третиот, забраните за пушење; и четвртиот (а можеби и најважен) некои пошироки општествени и политички контексти. Исто така, на крај има листа на други извори, ресурси и начини човек да се вклучи. Бидејќи мојата намера е да дадам вовед во некои од овие прашања, а не прирачник, се воздржав од фусноти или листи на извори, но можам да му ветам на читателот дека сите тие може да се најдат - и пак да се потврдат - преку таа листа.

ЕДЕН

Општо познато

Стана „општо познато“ дека пушењето е една од најлошите работи што можете да си ги направите; „сите експерти се согласни“. Се разбира, „сите експерти“ некогаш беа согласни и дека мастурбацијата предизвикува слепило, дека хомосексуалноста е болест и дека марихуаната ги претвора луѓето во убиствени манијаци. Во 1970-тите и 80-тите британските лекари им велеа на мајките да ги легнуваат своите бебиња со лицата надолу. Смртните случаи беа сè почести сè додека кампањата на една медицинска сестра не успеа да ја промени оваа политика, за која сега знаеме дека одзела околу 15.000 животи.

Повеќето лекари, институции и лоби-групи се трудољубиви и добронамерни. Но тие лесно може да се неразумни, пристрасни или корумпирани, а да не зборуваме дека сè почесто, и сè позагрижувачко, се дел од фармацевтската индустрија. Сепак, додека претседателите и премиерите секојдневно се жигосуваат како лажговци и измамници, ретко може да го сретнете дури и она што јас би го опишал како здрав скептицизам кон здравствените работници. Зошто ова е така?

Знам дека мора во некого да веруваме, и дека како што опаѓаше нашата вера во политичките и религиозните лидери, почнавме не само претерано да им веруваме на лекарите и научниците, туку сè повеќе сме спремни да им дозволиме да ги диктираат нашите животни стилови и принципи. Здравјето се смета за најдоброто нешто. Кој може да биде против „здравјето“? На сличен начин, „науката“ се изедначува со интегритетот и сигурноста. Таа стана нашата религија.

За жал, во објавите на медиумските експерти и политичарите може да се најде само малку од скапоцената вистинска наука. Наместо тоа, нас редовно нè хранат со „ѓубре-наука“: факти извадени од контекст и пренапумпани, бесмислени тврдења врз основа на сомнителна методологија и лукави игри со статистиката. Просечниот политичар или медиумски уредник има тенденција да ја промовира онаа наука што им одговара на неговите предрасуди или агенда.

Работи што треба да се имаат на ум

Пушењето отсекогаш било нешто што многу луѓе го сакаат, а многу други едноставно не можат да го разберат. За нив, тоа буквално смрди. Така, тие имаат тенденција да поверуваат во секоја ужасна приказна што ќе ја чујат.

Исто така, отсекогаш имало луѓе што сакаат да нѐ спречат да пушиме. Тие се прилично лоша банда, од турскиот султан Мурад IV (кој ги кастрирал пушачите) сè до Адолф Хитлер. Но какви и да се вашите лични чувства кон тутунот, треба да имате на ум дека антипушачите отсекогаш ја преувеличувале опасноста од него. Тие отсекогаш мораа да го прават тоа, бидејќи не е доволно да им зборувате на луѓето - особено на младите - дека нешто во што тие уживаат би можело да ги разболи за некои, на пример, 40 години. Но ајде да пробаме да бидеме поконкретни.

Ракот на белите дробови и прикладните бројки

Се чини дека денес сме толку опседнати со ракот, можеби затоа што комплетно нè вади од памет идејата дека нешто сè уште е надвор од моќта на лекарите и научниците. Немам никаква намера да тривијализирам; татко ми почина од рак. Сепак, мислам дека сме премногу ревносни во нашата потрага по жртвени јагниња (некои понови текстови во медиумите тврдат дека можеме да добиеме рак од боја за коса, безалкохолни пијалаци и орален секс). Исто така, сакам да истакнам - во случајов претворајќи го негативното во позитивно - дека ракот е претежно болест на старите, а една од причините зошто е толку масовно присутен е тоа што ние сега живееме подолг и главно поздрав живот отколку во кое било време во историјата.

Ракот на белите дробови е болест што најмногу се поврзува со пушењето, иако дури и ова е статистичка, а не причинска врска. Со други зборови, статистички е покажано дека пушачите имаат поголема веројатност да добијат рак на белите дробови, а не е научно покажано дека ракот е конкретно предизвикан од пушењето. Оваа разлика е поважна отколку што можеби изгледа. Голем број од аргументите на антипушачите се базираат на статистика, а статистиката не е наука.

И има логика - ако не ви пречи да ги тероризирате луѓето одземајќи им ги задоволствата - да се обидете да ја намалите стапката на рак на белите дробови со тоа што ќе ги убедувате луѓето да се откажат од пушењето. Но доказите што го поврзуваат пушењето со ракот на белите дробови се многу помалку уверливи отколку што нè наведуваат да веруваме. Како прво, има големи несогласувања околу тоа кој е вистинскиот фактор на ризик.

Се чини дека генералниот консензус ги одразува пионерските студии на професорот сер Ричард Дол во 1950-тите и 60-тите, кои сè уште се сметаат за „репери“. Дол изброи дека околу 160 од 100.000 пушачи добиле рак на белите дробови, наспроти 7 од 100.000 непушачи; така што имате 24 пати поголем ризик ако пушите. Ова исто така може да се изрази како „2.400%“. Но пазете се од процените за „зголемен ризик“, особено ако се изразени во проценти; тие се добар знак дека некој повеќе се обидува да ве заплаши отколку да ве информира.

Ако купите 25 лото-ливчиња наместо едно, вашите шанси за победа се зголемуваат за 2.500%. Но иако бројот звучи импресивно, вашите реални шанси за победа сепак се мали. Слично на тоа, ако проф. Дол е во право, вие сепак имате 99,8% шанси да не добиете рак на белите дробови. Ова не е ништо друго туку повторно презентирање или препакување на истите податоци. Но тоа веднаш звучи многу помалку страшно. Особено ако пушењето е нешто што го сакате.

Уште неприкладни бројки

Статистиката секогаш претставува една верзија на реалноста, додека изоставува многу други. На пример: процените за зголемен ризик направени од антипушачите го изоставуваат фактот дека повеќето случаи на рак на белите дробови се во рамките на нормалната смртна граница, или ја надминуваат. Со други зборови, ако ве нападне рак на белите дробови, најверојатно ќе ве нападне отприлика во време кога нешто секако ќе ве нападне, без разлика дали пушите или не.

Исто така, постојат и голем број контрадикторни статистики ако некој сака да ги најде. Индијанците имаат дупло помала стапка на рак на белите дробови од белите Американци, иако пушат многу повеќе. Многу малку кинески жени пушат, а сепак имаат една од највисоките стапки на рак на белите дробови во светот. Стапките на рак на белите дробови практично насекаде се зголемуваат од 1930 година па наваму и во некои случаи (на пример, кај американските жени) сè уште не го достигнале зенитот, и покрај фактот дека стапките на пушење постојано се намалуваат. Јапонија, една од најпушачките земји во светот, исто така е во првите две-три места по очекуваниот животен век. Сепак, јапонските стапки на рак на белите дробови и срцеви заболувања се зголемуваат во последните 3 децении - истовремено со нивното намалување на пушењето. Можеби ова е затоа што нивната исхрана и начин на живот стануваат сè поамериканизирани. Навистина не знам. Само сакам да кажам дека „неприкладните“ факти треба да се испитаат, а не да се туркаат под тепих.

Колку повеќе навлегувате во овие работи, толку помрачно станува. Дури и терминот „пушач“ е дефиниран различно во различни студии; некои ги опфаќаат само долгогодишните пушачи на цигари (во секој случај има мала разлика меѓу пушачите на цигара и на луле), но други го дефинираат како „пушач“ секој што испушил 100 цигари во животот, други како пушачи ги сметаат луѓето што ги оставиле цигарите пред 20 години итн.

Антипушачите тврдат дека пушењето е одговорно за околу 90% од смртните случаи на рак на белите дробови. Но Алијансата за рак на белите дробови, американска лоби-група, тврди дека половина од заболените од рак на белите дробови никогаш не пушеле.

Сите видови рак имаат повеќе фактори на ризик (ракот на белите дробови ги има околу 40) и никој не знае зошто некои луѓе се разболуваат, а други не. Ракот на белите дробови е болеста што најлесно се поврзува со пушењето, но дури и да е така, опасноста не може да е ни приближно толку голема колку што во моментов ни кажуваат. Се разбира, многу луѓе се откажаа откако во 1964 година американското здравство објави дека пушењето може да предизвика рак на белите дробови. Но без оглед на тоа колку луѓе се откажуваат, на поборниците за непушење никогаш не им е доволно. Ова е причината зошто тие сè повеќе и повеќе се вртат кон:

Болест поврзана со пушењето

Ова е еден од најлукавите изуми на антипушачите. Да се ​​каже дека болеста е „поврзана со пушењето“ не е исто како да се каже дека таа е директно предизвикана од пушење или дека постои вистински доказ за нешто, за што било. Тоа едноставно значи дека некој одлучил дека пушењето може да биде фактор за таа болест.

Во последните неколку децении, сè повеќе и повеќе болести се додаваат на листата, честопати со многу малку докази. Срцевата болест беше една од првите, иако има околу 300 фактори на ризик, а некои големи студии (на пример, онаа на граѓаните на Фрамингем, Масачусетс, која се одвива од 1948 година) покажаа дека не само што врската со пушењето е слаба, туку и дека умерените пушачи имаат помалку срцеви заболувања од непушачите.

Од неодамна стана мода пушењето да се обвинува за сè и сешто, од „затнувањето“ на артериите (што им се случува на сите кога стареат) преку слепилото (е па веќе не можат да ја обвинуваат мастурбацијата), па сè до сидата. Исто така стана мода, секој пат кога ќе умре некој пушач, да пробате некако за неговата смрт да го обвините пушењето.

Поновите медиумски заплашувачи тврдат дека пушењето „може“ да предизвика импотенција или неплодност. Но луѓето за време на двете светски војни пушеа повеќе отколку во кое било друго време од историјата, и што имавме во 1950-тите? Бејби-бум! Други заплашувачи си најдоа место на кутиите цигари. „Пушењето предизвикува стареење на кожата“, вели едно. Па да, можеби, за некои луѓе, но очигледно е дека има поважни фактори. Како сонцето. И стареењето.

Факт е дека многу статистички податоци за пушењето (а особено „индиректниот“ чад) едноставно се измислени. На пример, сè додека неодамна не се докажа дека ракот на грлото на матката е предизвикан од вирус, 13% од случаите најпроизволно му се припишуваа на пушењето. Голем број од процените за смртност од пушење ги произведува една компјутерска програма. Се вика САМЕК (Болестите, смртноста и економската цена од пушењето), и во зависност од тоа кои податоци ги внесувате, а кои ги изоставате, таа може да ви ја даде секоја бројка што ја сакате.
Кај „болеста поврзана со пушењето“ е одлично тоа што ви овозможува да создадете перцепција на растечка епидемија. Владата на Велика Британија вели дека 100.000 или 120.000 смртни случаи годишно (во зависност од тоа кој и кога зборува) се предизвикани од „болест поврзана со пушењето“. Впечатокот што се добива е дека сите тие смртни случаи конкретно, и докажано, се предизвикани од пушење, но тоа не е точно. Меѓу нив има и непушачи што умираат од бронхитис или од мозочни удари, и пушачи што умираат од срцев удар на 80 и кусур години. Меѓу нив има и луѓе што пред неколку децении се откажале од пушење. Тоа не е конкретно лажење, но е намерно доведување во заблуда, тоа е ширење страв, и според мене, овие луѓе треба да се засрамат.

Дозата го прави отровот

Ова е стара, но често игнорирана научна аксиома. Нејзиното значење е дека има безбедна и небезбедна доза од сè. Малку арсеник е добро. Огромно количество сок од портокал може да ве убие. Но антипушачите сега се обидуваат да ни продадат научен апсурд: дека пушењето е опасно на кое било ниво.

Се чини очигледно дека има голема разлика помеѓу пушењето пет на ден и педесет на ден. Сепак, на крај на памет не ни паѓа да го впрегнеме сопствениот здрав разум. Постојат многу докази дека умереното пушење - до десет на ден - не е штетно и дека всушност има реална корист од него. Освен што носи задоволство (кое според моменталното медицинско размислување е неважно), тоа и го ублажува стресот, помага при контрола на телесната тежина и ги штити или ги ублажува симптомите на неколку болести, вклучувајќи ги Алцхајмеровата болест, Паркинсоновата болест, улцеративниот колитис и канцерите на цревата и на матката. Неколку лекари ми го признаа ова насамо, но нема да го слушнете од медицинските установи и лоби-групите што толку напорно работеа да го направат пушењето непријател број 1 на јавното здравје.

Пред неколку години го имав задоволството да го сретнам со сега починатиот д-р Кен Денсон, раководител на Истражувачкиот центар за тромбози и хемостази во Тејм, Оксфордшир, кој беше редок и инспиративен противник на она што тој го нарекуваше антипушачки „лов на вештерки“. Д-р Денсон посвети десет години на истражување на пушењето и објави неколку статии во медицински списанија елоквентно тврдејќи дека доказите, ако се гледаат објективно и целосно, се недвосмислени. Тој откопал безброј студии што покажале дека промените во исхраната може да ги надоместат сите ризици, дека умерените пушачи што вежбаат имаат помалку болести отколку непушачите и така натаму, и едноставно сакаше да знае зошто таквите студии биле игнорирани, додека за сè што укажува и на најмал ризик се труби на цел глас.

Според д-р Денсон, лекарите не им помагаат на пушачите со тоа што проповедаат нулта-толеранција наместо рамнотежа и умереност. Тој, исто така, сугерираше дека треба да зборуваме за „болести поврзани со пушачите“, а не за „болести поврзани со пушењето“, бидејќи мнозинството пушачи се склони да имаат генерално нездрав начин на живот.

Нам во Британија сега ни велат дека работничката класа и сиромашните имаат многу повеќе болести од средната класа, а главната причина е пушењето. Но посиромашните и помалку образованите луѓе имаат поголема веројатност да добијат лоша здравствена заштита, да имаат лоша исхрана, да пијат премногу, да работат пренапорно, да вежбаат премалку, да бидат повеќе погодени од стрес и загадување итн. итн... сите фактори за болест „поврзана со пушењето“, кои е невозможно да се одвојат од самото пушење. Секогаш можете да одберете нешто како Проклетство на работните класи. Во 1920-тите години во Америка тоа беше алкохолот; сега е тутунот.

СПЗ (Синдром на патетичен зависник)

Антипушачите ни велат дека луѓето пушат само затоа што се „зависници од никотин“ и дека повеќето пушачи всушност сакаат да се откажат. Но повеќето пушачи уживаат во пушењето, а ретко кој сака да се откаже од нешто во што ужива. Меѓутоа, ако доволно им досаѓате и ги плашите, сигурно ќе можете да ги убедите да веруваат дека треба да се откажат.

„Зависност“ не е јасно дефиниран научен поим, и многу е тешко да се разликуваат „зависностите“ од навиките, ритуалите или задоволствата што постојано ги повторуваме, бидејќи тие се - пријатни. Веројатно секој е „зависник“ од нешто: алкохол, шеќер, кофеин, лекови и легални и нелегални, секс, телевизија, диети, коцкање, шопинг, компјутерски игри, фудбал, автомобили или вежбање. Се разбира, признавам дека за некои луѓе е тешко да бидат умерени. Но мислам дека ова е прашање на личноста, или можеби на генетската предиспозиција, а не „вина“ на односната супстанција - или на оној што ви ја продал.

Елизабетанците, кои биле првите европски пушачи, забележале дека тутунот може да стане навика за која некои сметаат дека многу тешко се искоренува. Но, како што укажува Јан Гејтли во својата одлична историја на тутунот, „Ла дива никотина“, тие би биле збунети од нашиот концепт на „зависност“, бидејќи тие верувале дека на сите човечки суштества Бог им подарил слободна волја. Идејата дека еден човек би можел да му биде роб на некое растение би им била апсурдна. Морам да признаам дека ова гледиште ми има повеќе смисла од модерниот современ став, кој насекаде гледа беспомошни жртви, кои сите треба да се заштитат или од самите себе или од злите сили како што се тутунските компании - кои потоа мошне прикладно може да бидат тужени за големи суми пари.

Никотинот не е штетен. Тоа е супстанција што природно се појавува не само во тутунот, туку и во, на пример, доматите. Потенцијално штетните состојки во цигарата се катранот и јаглерод моноксидот создаден со согорувањето, заедно со разни други вообичаени карциногени и отрови на бесконечно мали нивоа. (Забелешка за вас, бивши хипици, кои скокнавте во антитутунската банда: ова важи и за другите работи што се пушат). Како и да е, ако никотинот е опасен, зошто побогу лекарите од петни жили се трудат да ни го продадат во форма на лепенки, гуми за џвакање и инхалатори?
Антипушачите мора да продолжат да притискаат со „зависноста“, бидејќи или не можат да поверуваат, или не можат да признаат, дека луѓето не само што слободно решаваат да пушат, туку и уживаат во тоа. „Зависноста“, исто така, дополнително ги стигматизира пушачите прикажувајќи нè како наркомани достојни за презир. Се разбира, ако пушите под принуда и не уживате во тоа, би рекол дека лесно може и да престанете. На крајот на краиштата, ако сакате да направите нешто што не само што има потенцијални ризици врз здравјето, туку и поради него сè почесто ве третираат како ѓубре, тогаш може барем да добиете некакво задоволство од тоа. Но илјадници луѓе се имаат откажано по сопствена волја, а многумина други пушат умерено, или само одредени периоди, или преминуваат на пури. Јас вакви луѓе среќавам цело време, но според антипушачите тие не постојат. Јас лично палам цигара само со пијачка. Можеби ни јас не постојам.

Како да се биде здрав

Мислам дека војната против тутунот е дел од пошироките напори да нè оттргнат од традиционалните задоволства, лечења и удобности, и да нè претворат во консументи на терапии и технички или фармацевтски алтернативи. Нас, на пример, нè совладаа нејасните тврдења и контратврдења на темата нутриционизам. Пред триесет години ние немавме ни слушнато за „нутриционизам“; наместо тоа, имаме нешто што се нарекува храна, која перфектно функционираше илјадници години. Сега сите ние пропаѓаме во минското поле од полинезаситени масти, антиоксиданти, аминокиселини, омега-3 итн., толку збунети околу основната работа на сопствено хранење што сè повеќе се потпираме на „експерти“ за да нè водат. Ова е добар бизнис за „експертите“, но ние другите завршивме не само со уште повеќе стрес и анксиозност, туку и со уште повеќе дебелина и дијабетес.

Антипушачите, меѓу другото, го користат тутунот како жртвено јагне за здравствените проблеми, кои се многу поповрзани со исхраната и со други фактори. Признавам дека постои ризик во пушењето. Но „Пушењето убива“ е бесмислена изјава, бидејќи не можете да докажете дека пушењето е конкретна и единствена причина за смртта на некој човек, а огромно мнозинство дури и страсни долгорочни пушачи доживуваат нормална старост - како што ќе можеме да видиме и од наше сопствено искуство само ако престанеме да бидеме хипнотизирани со статистики.

Јас, исто така, не мислам дека треба со сила да ме тераат да се откажам од пушењето, повеќе отколку што треба да ме тераат да станам вегетаријанец или антиалкохоличар, дури и покрај тоа што ќе имав понизок „зголемен ризик“ од рак на дебелото црево во првиот случај и од заболувања на црниот дроб во вториот случај. Стануваме чудна култура со одбивност кон ризикот и на чудно селективни начини. Секој лек на рецепт има потенцијално лоши несакани ефекти, кои секоја година убиваат илјадници луѓе; но ако почувствуваме болка, или дури и ако се почувствуваме тажни, креваме раменици и си ги пиеме. Илјадници луѓе умираат секоја година во сообраќајни незгоди, но ние сепак креваме раменици и влегуваме во нашите автомобили. Но кога некој ризик е поврзан со задоволство, се мачиме да се откажеме од тоа задоволство, а животот го претвораме во стресна трка со пречки.

Ова е перверзно. Луѓето се суштества во потрага по задоволства. Што е поповолно за здравјето: задоволството или стравот? Задоволството и слободата на избор не се само „фина работа ако можете да ја добиете“; тие се од клучно значење. Се чини дека нашите лекари и политичари го заборавиле ова, и како резултат на тоа стануваат лоши и диктаторски.

ДВА

Светиот грал

Одново и одново, хејтерите на пушењето ни велат дека никој нема право да им „наметнува“ чад. Но постојат работи што на сите нас секојдневно ни се „наметнуваат“ - загадувањето, карциногените, миризбите, бучавата - кои, за разлика од чадот од тутунот, се многу тешки за контрола со вентилација или раздвојување. Можеби, наместо да смислуваме вообразени морални аргументи, треба да се запрашаме дали нешто реално ни прави штета.

(Да не ги заборавиме зрачењата и радиоактивните елементи што во изобилство ги има во секој сантиметар од воздухот што го вдишуваме, благодарение на илјадниците нуклеарни експлозии што нашите влади ни ги прават уште од 1945 година. И сè уште ве загрижува чадот од цигарите?)

„Чадот од втора рака“ - познат и како „пасивен“ чад или, отсега во овој есеј, енвироментален тутунски чад (ЕТЧ) - отсекогаш бил светиот грал на антипушачите. Кога би можело да се докаже - дури и да се согледа - дека е штетен, тогаш сите аргументи на пушачите за правата, изборот, толеранцијата и така натаму може да бидат поништени. Во текот на 1970-тите, попаметните политички членови на антипушачкото движење почнаа да зборуваат за потребата да покажат дека тутунскиот чад им штети на невините минувачи. Тие стануваа сè пофрустрирани од тоа што, и покрај нивните испообјавени научни (и псевдонаучни) откритија за злото на тутунот, и покрај различните кампањи против пушењето, зголемените даноци и сè поголемите ограничувања на тутунската индустрија, луѓето имаа муда да го задржат правото на пушење, масовно (иако во сè помали броеви).

Антипушачите тогаш почнаа активно да бараат „доказ“.

Каде се Телата?

Немам апсолутно никаков сомнеж дека „пасивното пушење“ не штети никому, освен можеби во многу екстремни случаи. Проблемот со „мојата“ страна од овој аргумент е дека е потребен напор за тоа да се разбере, и време за да се објасни, со оглед на тоа што антипушачите имаат жестоки пароли („Пасивното пушење убива!“). Сепак, не мора да бидете нуклеарен физичар, и сите докази се достапни на интернет. Главните точки накратко се:

(1) Лоша методологија. Луѓето претпоставуваат дека студиите за ЕТЧ ги прават благородни и брилијантни мажи во бели мантили што имаат непогрешливи начини да ги откриваат нештата - начини што ние не можеме да ги разбереме. Но едноставно не е можно да се изолира и да се измери долгорочниот ефект врз луѓето од чадот од тутун во воздухот. Така повеќето студии за ЕТЧ се статистичко ѓубре, базирано на глупави прашалници во кои од луѓето се бара да се потсетат кој пушел околу нив во нивното детство, колку пушел и дали прозорците биле отворени итн. Студиите исто така не ги опфаќаат ни противречните фактори (на пример, фактот дека непушачите-сопружници на пушачите секогаш ги делат истите прехранбени и други фактори на ризик од „начинот на живот“).

(2) Недоследност. До овој текст, направени се 70 студии за ЕТЧ. Само во 24 од нив се покажува зголемување на ризикот. Сепак...

(3) Статистичка безначајност. Овие 24 студии не се ни блиску до наоѓање доказ дека треба да се загрижиме. Бројките се толку ниски и толку несигурни, што лесно може да бидат објаснети со цела низа противречни фактори.
(4) Најдобрите студии не докажуваат ништо. Студиите што покажуваат ризик од ЕТЧ дури не се ни најдобрите. Најголемите и научно веродостојни студии до денес се 10-годишната европска студија на Светската здравствена организација (објавена во 1998 година) и 39-годишната калифорниска студија на професорите Енстром и Кабат (објавена од Британски медицински журнал во 2003 година). Ниедна од нив не успеа да најде вистинска опасност од ЕТЧ (поточно: СЗО призна дека нејзините резултати не се статистички значајни, потоа ги закопа и престана да зборува за нив; Енстром и Кабат заклучија дека некои ризици од ЕТЧ не може да се исклучат, но дека во суштина се премногу мали за да се измерат).

(5) Некои сензационални студии беа дискредитирани. Забраната за пушење во Калифорнија - онаа со која почна сè - беше заснована на студија на Агенцијата за заштита на животната средина, која беше толкава научна пародија што беше прогласена за невалидна и отфрлена од федерален суд. Иако ЕПА успеа да ја поништи одлуката на судијата Остин, тврдејќи дека тој нема надлежност над нив, неговите заклучоци во врска со науката никогаш не беа оспорени. Други сензационални студии беа комплетни измами; на пример, онаа што тврдеше дека бројот на инфарктите во малиот град Хелена, Монтана, се намалил веднаш по забраната за пушење и баш поради неа.

(6) Селективна употреба на податоци. Антипушачките групи постојано го верглаат митот за ЕТЧ одбирајќи податоци од неколкуте истражувања што им се допаѓаат, а потоа и со извлекување статистики од нив. Резултатите потоа се претставуваат како „нова студија“.

(7) Пристрасност. Практично сите ЕТЧ-студии ги прават групи со докажана антипушачка агенда и најчесто се финансирани од фармацевтски компании, кои имаат интерес сите да нè откажат од цигари и да нè навлечат на никотински лепенки и антидепресиви.

(8) Каде се телата? Процените за илјадници смртни случаи од ЕТЧ се базираат на статистички компјутерски проекции. Никаде во светот нема ниту една официјална потврда на смрт во која како причина се наведува ЕТЧ. Не постои ниту еден документиран случај на смрт за која се докажало дека е предизвикана конкретно од ЕТЧ.

Статистички (одиме пак), откриени се повисоки ризици за рак од јадењето печурки, носењето градник или чувањето птици како домашни миленици отколку од ЕТЧ. Келнерот има многу повисоки статистички шанси да умре во велосипедска несреќа отколку од изложеност на чад од тутун. Се колнам дека не ги измислувам овие работи.

Интуиција и суеверие

Многу луѓе сега веруваат дека е интуитивно очигледно дека „пасивниот“ чад мора да е штетен, бидејќи веруваат дека и самото „активно“ пушење е смртоносно. Аргументите генерално се сведуваат на „ЕТЧ убива затоа што ние велиме така“. Светската здравствена организација, на пример, инсистира на тоа дека „ЕТЧ убива“, иако нејзината сопствена голема студија покажа дека не убива. Ова е класичен пример на недозволување фактите да ѝ попречат на агендата.

За жал, ова е и апсолутно типично. Антипушачкото движење - особено по „откривањето“ на ЕТЧ - многу повеќе заличи на некакво евангелистичко религиозно движење отколку на научно. Само треба да верувате, а не да поставувате непријатни прашања. Секој што се осмелува да го стори тоа мора да е во дослух со Ѓаволот (т.е. Големиот тутун). Секој здравствен работник што ќе изрази сомнеж е малтретиран да се врати на „официјалниот став“.

Еден од многуте примери: во 2004 година, Асоцијацијата на производители на тутун спонзорираше конференција за ЕТЧ во Кралската институција во Лондон, на која неколку научници зборуваа против измамата, а беа поканети претставници на АСХ и други антипушачи да дискутираат за тоа. Тие не само што одбија да го сторат тоа, туку и јавно ја нападнаа Кралската институција што воопшто се осмелила да го организира настанот. Ако здравјето е новата религија, антипушачите се нејзината шпанска инквизиција.

Се враќаме на „активното“ наспроти „пасивното“ пушење: најголемата студија до денес за изложеноста на ЕТЧ беше објавена од страна на Американскиот национален центар за енвироментално здравје, која ги испитала нивоата на котинин кај 10.000 изложени непушачи (котинин е дериват на никотинот за кој се смета дека го покажува нивото на изложеност на тутунски чад). Било утврдено дека просечното ниво на котинин кај непушачите е 1/500 од тоа кај активниот пушач. И патем: (а) постојат и други извори на котинин, вклучувајќи го зеленчукот, и (б) да покажете дека луѓето имаат мали количества котинин во крвта не е исто како да покажете дека тој им штети.

28 студии до денес даваат повеќе докази за намалување на ризикот отколку за зголемување. Значи, ако е политички целисходно да го сторите тоа, може да изградите аргумент дека ЕТЧ е добар за вас. Не е невозможно мал број многу несреќни луѓе, изложени на многу чад, да се разболат или дури и да умрат. Но таква можност постои во секоја интеракција меѓу луѓето со која било супстанција. Она што луѓето треба да го разберат е дека ако ептен многу сакате да докажете нешто и ако доволно истражувате и доволно ги местите бројките, вие може да „докажете“ сè што ќе ви падне на памет. Но да се тврди дека ЕТЧ е сериозна закана за јавното здравје е нечесно предизвикување страв од срамни размери. Па зошто тоа се случува?

Секој што навистина ќе ги проучи доказите мора да дојде до еден неизбежен заклучок: дека намерата не е да се заштити јавноста од опасност, туку да се стигматизираат пушачите и пушењето да се направи „општествено неприфатливо“. Ќе помислите дека на антипушачите барем би требало да им биде драго што барем „пасивниот“ чад не наштетува никому. Напротив: ако го признаат ова, ќе го предадат своето најефикасно оружје.

ТРИ

Голиот шанк

Забраните за пушење се политички каприц, кој се шири низ Северна Америка и, сè повеќе, низ Европа. Политичарите денес обожаваат да забрануваат. Во случајот со пушењето, тие сметаат дека со тоа изгледаат добро („здраво!“) и дека нема многу луѓе да им се противат (мнозинството не пуши и не му е многу гајле). Што се однесува на пушачите: тие се валкани и глупави, нели? Кому му е гајле за нив?

Има три можни оправдувања на забраните за пушење и сите три паѓаат на испит.

1. На многу луѓе не им се допаѓа чадот, но глупост е владите да донесуваат закони врз база на вкус и мода. Мене не ми пречи пушењето во паб, но има неколку работи што ми пречат. Кучиња (алергичен сум на нив). Големи ТВ-екрани. Луѓе што се дерат на мобилни телефони. Гласна музика. Лоша музика. Лошо пиво. Може ли бе и јас да си одберам забрана?

Ако на луѓето не им се допаѓа чадот, треба да се подобри вентилацијата. Ако тоа не е доволно, треба да има посебни простории, а ако ни тоа не е доволно, треба да има локации за пушачи и за непушачи.

Но за прашањата за вкусот и модата одлучува слободниот пазар, а не владата.

Пушачите можеби се малцинство (иако големо), но неразбирање на демократијата е да се каже дека вкусот на мнозинството треба да му се наметне на секого (Томас Џеферсон предупреди на „тиранијата од мнозинството“). Како и да е, јас не верувам дека мнозинството сака да се забрани пушењето; повеќето луѓе што денес одат во пабови се спремни да го прифатат сè додека воздухот не е премногу зачаден и сè додека луѓето што чадот навистина ги трауматизира имаат непушачки места на кои може да одат. Сочувствувам со тие луѓе, но да инсистираат пушењето да биде забрането во секој паб во земјата само затоа што тие може некогаш да посакаат да влезат во него е чиста себичност.

Во меѓувреме, за некои од нас шанкот без пепеларници е гол, а барот во кој е забрането пушењето едноставно не е бар. Тоа е како ресторан во кој се забранети солта и оцетот. Одвратно.

2. Забраните ги присилуваат луѓето да ги намалат или да ги прекинат цигарите. Од либертаријанска гледна точка, ова е непристојна политизација на личниот избор. Но, од практична гледна точка, ова всушност не функционира. Пушењето сè уште е легално, а тврдокорните пушачи, кои всушност се тие што „треба“ да се откажат, не се откажуваат. Статистичките податоци што покажуваат опаѓање на пушењето по воведувањето забрана не се многу импресивни, и во секој случај не се истакнуваат од тековниот долгорочен тренд. Ирските пушачи, според еден извор на тутунската индустрија, пушат една цигара помалку на ден. Во Италија продажбата на цигари всушност се зголеми.

Забраните може да натераат некои луѓе да престанат, но кај повеќето од нас тие раѓаат гнев и пркос. Се разбира, има пушачи што сакаат да се откажат и ја поддржуваат забраната за пушење верувајќи дека тоа ќе им помогне. Антипушачите ги обожаваат овие типови и тие се масовно застапени во медиумите. Лично, мене и тие и тие ми се прилично патетични (затоа што сакаат државата да одлучува за нив) и себични (бидејќи забраните што тие ги поддржуваат влијаат врз милиони други пушачи што немаат намера да се откажат). Со вакви пријатели, на кого му требаат непријатели?

3. Јавноста, а особено вработените, мора да бидат заштитени од „пасивното пушење“ во затворен простор. Ова е единственото потенцијално валидно образложение за забраните, но тоа е лажно, и многу застапници на забраните го знаат тоа. Дури и ако е вистина, зошто го забрануваат или се обидуваат да го забранат пушењето пред баровите или во парковите или на плажите? Кога последен пат сте слушнале некој антипушач да им се извинува на пушачи за непријатностите и да се грижи дали удобно седиме на отворено со грејачи?

Очигледно е: забраните за пушење имаат цел да го направат пушењето колку што е можно потешко и понепријатно, да направат пушачите да изгледаат лошо и да го унапредат она што антипушачите го нарекуваат „денормализација“ на пушењето.

Популарен прохибиционизам?

Антипушачите тврдат дека забраните за пушење се популарни и добри за бизнисот. Како и обично, во нивниот аргумент има зрно вистина, а тоа е дека многу места беа премногу зачадени, па многу непушачи, дури и оние што првично ѝ се противеле на забраната, се прилично задоволни со резултатот. Како и да е, кога забраната станува закон - спроведуван со строги казни - луѓето немаат многу избор. Пушачите се премногу измалтретирани за да протестираат на улица. Рестораните не пропаѓаат. Пушењето не е единствената причина поради која луѓето излегуваат во град.

Сепак, не постои забрана за пушење што произлегува од барање на народот. Покрај тоа, ако имаше толку масовно барање, немаше да требаат закони. Исто така, едноставно не е точно дека забраните се добри за бизнисот. Секако, некои места успеаја да се трансформираат, но забраните предизвикуваат загуби на пари и работни места во секој град, област или држава во кои ги воведоа, барем според луѓето што најмногу го знаат тоа - управниците на баровите, клубовите и рестораните.

Многу барови во Њујорк ги пуштаат луѓето нелегално да пушат, но сите мора да истакнат белешка со број на кој може да се јавите за да „пријавите прекршоци“ - т.е. да го „исцинкате“ комшијата. Британската влада предлага да го стори истото - ни помалку ни повеќе туку со бесплатен број. Ова се тактики на Штази или на КГБ; на режими без поддршка од народот, кои се сведени на тоа граѓаните да се плашат еден од друг.

Игнорирајќи ги сите овие аргументи, антипушачите практично стенкаа од задоволство кога некои претставници на британската угостителска индустрија се приклучија во повиците за целосна забрана, а не за некој вид компромис. Причината зошто го отфрлија тоа: беа преплашени дека сите места што сè уште ќе дозволуваат да се пуши би имале „нефер“ предност.

На крајот на краиштата, на ниеден аргумент базиран на права, слобода на избор, економија, толеранција или традиција не му се дозволи да ги прекине забраните за пушење. Сите тие беа отфрлени од лекарите - како пабовите сега да треба да се дефинираат не само како „јавни“ или „работни“ места, туку како здравствени бањи или клиники. Па се разбира дека лекарите сакаат да се забрани пушењето. Но да ги ставиш лекарите одговорни за јавната политика е како да ги ставиш водоинсталатерите одговорни за архитектурата.

Ослободување од чадот, не од пушачите

Големата иронија на сегашниот бран забрани за пушење е дека во секој случај повеќе не постои изговорот за зачадената средина, бидејќи современите системи за чистење на воздухот постојано може да го цицаат чадот (заедно со помалку видливите загадувачи, алергени и сл.) и да внесат свеж воздух. Добрите системи се широко достапни, а најдобрите од нив може да го направат воздухот во некое пушачко место видно почист од гнасниот надворешен градски воздух. Честичките од тутунскиот чад се мерат на околу 1 микрон; добриот систем може да отстрани сè до .30 микрони.

Ништо од ова не им е доволно на антипушачите. Иронично, колку е позачаден воздухот, толку тие се посреќни, бидејќи им помага да ја оправдаат нетолеранцијата и да им ги прифаќаат забраните за пушење. Затоа, тие напорно работеа да ја потиснат темата за чистење на воздухот од агендата. Кога се притиснати, тие тврдат дека ниту еден систем за чистење на воздухот не е „доволно добар“. Џејмс Репас, професионален активист за борба против пушењето во САД, неодамна изјави дека ви се потребни „урагански ветришта“ за да се отарасите од чадот. Ова би требало да го изненади секого што некогаш успеал да исчисти поголем дел од чадот со едноставно отворање прозорец.

Во секој случај, тоа не е точно. Стандардните системи за прочистување на воздухот се сметаат за „доволно добри“ за лабораториите што работат со отровни хемикалии и за болничките оддели за заразни болести; не можам да замислам зошто не би биле доволно добри за еден бар.

Затоа, пазете се антипушачи што ви велат дека иако системите за чистење на воздухот може да го направат воздухот помалку „непријателски“, тие не можат да се ослободат од сите видови лоши токсини и карциногени. Ова може, технички, да биде точно, со оглед на тоа што, без разлика каде одиме, или што правиме, секогаш постојат отрови и карциногени, кои е невозможно да се отстранат. Но запомнете: „дозата го прави отровот“. Да, тутунскиот чад содржи арсен; него го содржи и водата од вашата чешма. Чадот од тутун содржи бензен; него го содржи и кафето. Во секој случај, количествата на токсичните хемикалии во чадот од тутун се толку занемарливи што дури и честото продолжено изложување нема да ви наштети.

Вистинската штета

Јас сметам дека забраните за пушење прават голема штета, и не само економска штета. Тие промовираат нетолеранција и социјална тензија. Тие отфрлаат голем дел од населението што го почитува законот. Тие поставија загрижувачки преседан и ги внесоа дадилките во ноќниот живот: последното место на кое припаѓаат.

Но јас сум искрено уморен од гледање како хушкачите на страв од ЕТЧ со презир ги одбиваат слободарските аргументи против забраните за пушење. Вистинското прашање е дека, без оглед што рекле здравствените служби, единственото веродостојно образложение за таквите забрани е неточно. Ако е точно, и ако „пасивното пушење“ е навистина голема опасност за јавното здравје, тогаш тутунот треба да биде целосно нелегален, за да нѐ спречи да ги убиваме нашите семејства, домашните миленици и цвеќињата во саксиите. Ако ЕТЧ е навистина толку лош, тогаш тутунот е полош и од хероинот или кокаинот. Никогаш не сум слушнал дека некој умрел од „пасивно инјектирање“ или „пасивно шмркање“. Ако слабиот доказ за ЕТЧ ја оправдува забраната за пушење во баровите, тогаш треба да ја забраниме и музиката (бидејќи може да биде премногу гласна и да оштети нечиј слух) и готвењето на храната (зашто готвењето, особено печењето или пржењето, произведуваат карциногени).

Најголемата штета предизвикана од забраната за пушење е штетата врз вистината.

ЧЕТИРИ

Затоа што можат

Пред година-две престојував во еден хотел во Флорида, во кој сите соби беа непушачки, и преку големи плакати на секој пушач му се закануваа со такса за чистење од 200 долари. Додека мозокот ми вриеше откако ги замислив сите грди работи што смеам да ги направам без да заслужам таква казна, го замолив менаџерот да објасни. Забраната за пушење во Флорида се однесува само на местата што служат храна, а секако не на домовите - и додека сум во Флорида, мојата соба е мојот дом. Ми кажаа едноставно дека тоа е правилото и оттогаш кон мене се однесуваа со комплетен презир.

Кога се вратив во Велика Британија, тргнав да фатам воз од Лондон до мојот роден град Портсмут и здогледав соопштение што велеше дека единственото пушачко купе во возот е укинато поради инцидент со некаков пепел од цигари, кој некако влегол во системот за климатизација. Таму имаше телефонски број за да се јавам ако сакам да го „дискутирам“ ова. Разговорот одеше вака:

Јас: Се јавувам за да ве прашам зошто го укинувате пушачкото купе.

Вработениот во железницата (мошне изненаден): Да, точно, сите наши возови ќе бидат целосно непушачки од јули.

Јас: Ама тоа стварно е само поради еден инцидент? Што ќе правите ако имате инцидент... да кажеме со куфер? Или со велосипед? Или ако некој се изгори со врело кафе, ќе го забраните кафето?

Вработениот: Па... всушност тоа не е главната причина. Главната причина е што повеќето наши клиенти ни велат дека претпочитаат непушачка средина.
Јас: Ама поголем дел од возот е непушачка средина. Има само еден пушачки оддел, кој се состои од половина вагон, а има најмалку шест, понекогаш осум или десет вагони?

Вработениот: Да, господине, ве сфаќам, но нашата политика е комплетно непушачка.

Јас: Па ако веќе сте ја одлучиле политиката, зошто се мачите на соопштениево да ставате „јави се на овој број за да дискутираш“? Мислам, никој ништо не може да направи околу тоа, нели?

Вработениот: Слушајте... Преку глава ми е од ова. Па и јас сум пушач!

Јас: Стварно?

Вработениот: Да, и морам да одговарам на ваквите повици... океј, не ми се јавуваат многу, бидејќи во право сте, никој ништо не може да направи околу тоа. Ми се смачи веќе, да бидам искрен, ама не можам да направам ништо. Стварно извинете.

Овие приказни всушност се прилично благи во споредба со некои што сум ги слушнал од пушачи што биле подложени на сè, вклучувајќи и физичко насилство. Но поентата во двата случаи е дека луѓето го забрануваат пушењето не затоа што некако се поврзани со некоја медицинска установа или поради каква било законска обврска, туку само затоа што можат.

Мавачи и плукачи

Можеби пушачите треба да бидат јавно врзувани и гаѓани со скапан зеленчук. Тука може да се извлече една добра аналогија. Во деновите кога јавно се врзувале луѓе, на граѓаните им било дозволено, дури биле и охрабрувани, да ги удираат и да ги плукаат додека поминуваат. Можеби врзуваните биле стварно прилично лоши момци. Но не ли ви е чудно, малку барем, што оние послушни и чесни луѓе уживале во можноста малку да маваат и да плукаат, и сето тоа со ореолот на самоправедност?

Пушачите сега се напаѓани од мавачите и плукачите. Зошто? Еден психијатар што го знам сугерира дека луѓето го истураат својот страв и омраза кон ракот врз пушачите. Јас повеќе сум склон да мислам дека во општеството постои некоја скриена потреба за малцинство што би било тепано, и кон кое би се чувствувала супериорност, сега кога сите други малцинства се заштитени. Без оглед на причината, ова е сезона на лов по нас, и дозволени се сите беспричински забрани или навреди. Еден британски колумнист неодамна го опиша пушењето како „мастурбирање во јавноста“. Дури ни мртвите не се поштедени од злоупотреба. Кога Леонард Бернштајн и Џони Карсон починаа од рак на белите дробови, на возраст од 74 и 79 години, бесмислено антипушачкиот Њујорк тајмс ги нападна дека ги лишиле своите фанови од уште неколку години присуство на Земјината топка. Кинескиот лидер Денг Ксијаопинг, страстен пушач, беше осудуван како „лош пример за младите“ кога почина на возраст од 92 години.

Еден од најзастапените митови, според моето мислење, е оној дека пушачите неправедно ги оптоваруваат здравствените служби, бидејќи нашите болести се „самопредизвикани“. Размислете една минутка за ова. Ама баш за секоја можна болест што ќе ви падне на памет може да се каже дека е „самопредизвикана“. Што е со сидата? Што е со луѓето што добиваат инфаркт додека џогираат? Овој аргумент може да се прошири бесконечно, и навистина тоа веќе се случува, со тоа што луѓето се дискриминирани поради тоа што имаат прекумерна тежина, а здравствените власти бараат поголема моќ да го спроведат она што тие го сметаат за здрав начин на живот и всушност да ги лишат од лекување оние што не се послушни.

Како и да е, ова се истите луѓе што ни велат дека пушачите умираат помлади, во кој случај ние ги штедиме државните пари. И конечно, забораваме ли колку многу пушачите придонесуваат во даночната каса? Во Велика Британија ова изнесува околу 10 милијарди фунти годишно. Пушачите не се товар, туку се придобивка.

Но чистата злоба кон пушачите од страна на антипушачкото движење и неговите корпоративни и медиумски поддржувачи е една од работите што ме натераа да се посомневам во нив. Ако медицинските власти ми советуваат дека пушењето може да биде лошо за моето здравје, може да кажеме дека тие само ја вршат својата работа. Кога ќе почнат да ме викаат глупав, патетичен, антисоцијален, валкан, смрдлив итн, тогаш се случува нешто друго. Ми се чини дека тие или (а) ги изневеруваат естетските предрасуди за кои не би требало да им е гајле, ама помагаат да се објасни нивната ревност; или, (б) премолчено признаваат дека пушењето има толку моќна привлечност што искрените здравствени предупредувања не се доволни.

Постојат причини за оваа антипушачка хистерија, кои ги надминуваат помодарството или предрасудите.

Злите империи

Не толку одамна, тутунските компании спонзорираа настани, собираа огромен приход од реклами и генерално се сметаа за столбови на заедницата. Потоа дојде соопштението на здравствените власти дека пушењето е причина за рак. Некое време, Големиот тутун возвраќаше со борба, но тие не можеа да докажат дека нивните производи не предизвикуваат рак на белите дробови (ништо повеќе отколку што нивните противници реално можеа да докажат дека предизвикуваат), а судиите одбраа да застанат на страната на здравствените власти. Кога почнаа да фрштат тужби против него, Големиот тутун постепено премина од негирање на капитулација.
Конечно, во 1998 година, тутунските компании склучија договор со своите непријатели, кој ги обврза да ги зголемат своите цени и парите да ги внесат директно во кампањите против пушењето; да престанат да се рекламираат; да ги затворат своите пи-ар и истражувачки оддели; да ги предадат сите свои документи; и генерално да станат примерни граѓани. За возврат тие добија некаков имунитет од понатамошни тужби, но всушност само го добија правото да останат во бизнисот.

Јас не сум голем обожавател на тутунската индустрија. Сигурен сум дека и тие имаат добар удел во лагите и измамите. Но тие беа жртви од неверојатен, дури и неуставен обем.

Заедно со судењата на Големиот тутун дојде и сознанието дека можеби е попрофитабилно, и финансиски и политички, да се биде против пушењето отколку за него. Адвокатите, даночните власти и сите видови лоби-групи на кои им треба финансирање влегоа во тој филм бидејќи сè повеќе и повеќе пари стануваа достапни за „контрола на тутунот“. А ниеден политичар не сака да сметаат дека е „против здравјето“, или дека е застапник на Големиот тутун, кој, без разлика колку се тие компромитирани, сè уште се прикажува како подмолно моќна „злобна империја“. На секое движење му треба негативец.

Исто како што природата го презира вакуумот, на местото што Големиот тутун го остави празно се преселија други интереси. Меѓу нив предничи оној чие богатство, моќ и влијание сега се зголемува до височини незамисливи пред 20 или 30 години: фармацевтската индустрија.

Постојат над 1,2 милијарди пушачи во светот. Убедете ги сите дека пушењето убива, и дека тие се зависници што имаат потреба од терапевтска помош, и имате колосален пазар за фармацевтскиот никотин, во облик на лепенки, гуми и инхалатори. Пушачите се целна група и за антидепресивни лекови.

Така, не е случајно што фармацевтската индустрија сега е главна движечка сила на антипушачкото движење. „Џонсон и Џонсон“, преку нивната фондација „Роберт Вуд Џонсон“, потроши повеќе од половина милијарда долари за кампањи против пушењето. Повеќето истражувања цитирани од антипушачите на еден или на друг начин се финансирани од фармацевтските компании. Постојат безброј примери на фармацевтски компании што ги наградуваат политичарите што се залагаат против пушењето.

Друга движечка сила во антипушачкото движење е Светската здравствена организација, тело чиешто име кај повеќето луѓе предизвикува почит, но кое со право предизвикува сè повеќе критики од оние што работите ги гледаат од поблиску. СЗО беше создадена во 1948 од Обединетите нации за да се бори со заразните болести и неухранетоста, особено кај нациите во развој, на кои им треба таква помош.
Во 1999 година СЗО го создаде Партнерскиот проект за зависност од тутун. Нејзини официјални партнери се три големи фармацевтски компании: Глаксо велкам, Новартис консумер хелт и Фармациа & Апџон. СЗО е исто така тесно поврзана со Меѓународниот монетарен фонд, во кој многу директори и советници се, или биле, директори и советници на фармацевтски компании.

Во 2005 година, СЗО и нејзините партнери ја создадоа Рамковната конвенција за контрола на тутунот, која е потпишана од повеќе од 100 земји. Потписниците се обврзани да го прекинат рекламирањето тутун, да ги едуцираат луѓето за ужасите на „активното“ и „пасивното“ пушење и да ги заштитат непушачите со забрани за пушење (иако деталите до одреден степен се флексибилни). Фактот дека ваквите акции се во спротивност со уставите на некои од вклучените земји или фактот дека сопственото истражување на СЗО не успеа да најде вистинска опасност во ЕТЧ, или фактот дека дури и во релативно тутунофобната Британија самите владини статистики покажуваат дека 68% од населението не сака забрана на пушењето - а да не зборуваме за легитимните прашања за тоа колкава моќ треба да има едно неизбрано тело, кое не одговара пред никого - сето тоа е целосно отфрлено.

Зошто сум толку проклето бесен

Еве на што се сведуваат работите.

Прво, проклето сум бесен затоа што мене, како одговорно возрасно лице, ми е забрането да запалам цигара со пијачка во локал - насекаде во земјата. Меѓутоа, она што уште повеќе ме разбеснува е дека националната здравствена служба ни е во хаос, се отпуштаат лекари и медицински сестри, се затвораат болници и луѓе чекаат со месеци за важни операции; а сепак тие трошат милиони фунти од парите на даночните обврзници (моите пари!) за вешти телевизиски реклами, со спилберговски специјални ефекти за злото што произлегува од „пасивното пушење“ што напаѓа невини жртви, за да шират страв и нетолеранција и да ги прикажуваат пушачите како мене - без ниеден валиден доказ - како убијци.

Проклето сум бесен затоа што САД не успеваат да ги решат главните проблеми со тероризмот, сиромаштијата, насилниот криминал или еколошката катастрофа, но трошат повеќе од една милијарда долари годишно на нечесна пропаганда против пушењето.

Проклето сум бесен затоа што сидата, тифусот и дизентеријата беснеат во земјите во развој и што повеќе од 2 милиони деца годишно умираат едноставно зашто немаат пристап до чиста вода; сепак, Светската здравствена организација троши милиони обидувајќи се да им ги одземе задоволствата на мирните граѓани на просперитетните земји, а тие граѓани во секој случај ќе живеат долг и генерално здрав живот.

Проклето сум бесен поради вообразеноста што ја придружува актуелната антипушачка клима, а тоа во голема мера е политички и економски феномен.

Многу е просто, тутунската индустрија беше победена од богатата и моќна антипушачка индустрија, чија тактика е исто толку праведна колку и оние на уличниот тепач, кој, откако ќе го собори противникот, крвнички продолжува да го мава.

Секое прохибистичко движење во суштина е за моќ и профит, маскирани како здравје и морал. Секогаш кога ќе се покаже дека човечкото задоволство можеби носи некаков ризик, се отвораат вратите за оние што сакаат да оданочуваат, да тужат, да регулираат, да донесуваат закони и да дискриминираат.

И конечно, јас сум проклето бесен поради тоа што „јавното здравје“ рапидно собира моќ што целосно го игнорира демократскиот процес. Ова може да се види на многу нивоа: здравствените инспектори на градоначалникот Блумберг имаат овластувања да влегуваат и да претресуваат што ги надминуваат оние на полицијата (меѓу другото, тие извршија рација во приватни канцеларии на луѓе и ги казнија за кривично дело Поседување пепеларник). Но тоа оди сè до врвот, па така СЗО ја диктира политиката на демократски избрани влади. Иако ова на некои може да им личи на „теорија на заговор“, сите докази сугерираат дека здравствените власти и нивните фармацевтски сојузници воспоставуваат наднационална чувар-држава, која сè повеќе ќе ги диктира нашите животни стилови без разлика дали нам ни се допаѓа или не.

Валетудинарски фашизам

Последните неколку години одев во една лондонска вежбална, каде што, додека трчав на лентата, со часови ми беа пуштани музички видеа - на телевизори без звук. Добро, некои од нив се забавни, но изгледа дека кај сите важат строги правила. Никој не изгледа постар од околу 25 години. Сите се тенки и привлечни, а камерите се задржуваат на извајаните стомачни мускули. Енергичниот танц никогаш не престанува. На крај сфатив зошто овие видеа прават да се чувствувам непријатно. Тие ме потсетуваа на нацистичките пропагандни филмови на Лени Рифенштал, во кои големи поворки од совршени млади ариевски примероци изведуваа спорт и гимнастика за да ја инспирираат германската нација.

Потоа, на телевизија се прикажуваат реалити-шоуа и емисии за шминкање, во кои луѓето се понижувани да станат послаби, помлади или подотерани. Секако, добро е да бидете згодни и здрави. Но тоа е и помодарско и нарцисоидно, а ние сме во опасност да станеме општество на хронични валетудинари.

Валетудинар е некој невротично опседнат со состојбата на своето здравје (близок роднина на хипохондрикот, кој е оној што секогаш мисли дека е болен). Ваквата состојба нè прави ранливи на сите видови манипулации, исто како и паралелната опсесија со „безбедноста“. Идејата за нула-ризик е исто така помодарска, но верувам дека колку повеќе властите нè охрабруваат да го бараме, толку повеќе сме инфантилизирани. Зрелата личност треба да прифати дека „нула-ризикот“ е илузија.

Прашањето за пушењето е дел од една многу поширока тема, во која „јавното здравје“ сè помалку значи лекување на болните, а сè повеќе значи социјален инженеринг на доброто. И ние им играме како што ни свират. Ние им овозможуваме на нашите задоволства, навики, ќефови и несовршености да бидат редефинирани како синдроми што имаат потреба од (профитабилна) терапевтска интервенција. Ние постојано бараме жртвени јагниња и панацеи и изгледа (особено во САД) како да го гледаме животот како прилично очајна игра, која се игра многу напорно, а победник е оној што ќе живее најдолго. Проблемот е што забораваме како да уживаме во играта.

Дали сме создале плодна почва за џихад против тутунот? Или нашата култура, всушност, ја создаваат самите антипушачи и слични крстоносци? Мислам дека веројатно е по малку од двете. Во секој случај, тоа ми предизвикува морници.

Заклучок

Тука насликав една прилично мрачна слика и сигурен сум дека некои читатели ќе си помислат: сигурно не е толку лошо. Па, можеби не е. Признавам, на пример, дека многу антипушачи се добронамерни. Но морам да го кажам тоа што го гледам: многумина се исто така неуки, наивни, со предрасуди, или само обични силеџии. Некои од најлошите се бивши пушачи, кои ја надоместуваат загубата на љубовта претворајќи ја во омраза. Без оглед кои им се мотивите, антипушачите ги користеа стравот и безвредните „научни факти“ за да претворат милиони луѓе во жртвени јарци и да изградат моќно прохибилистичко движење, кое не е подложно на критика или одговорност.

Некаква утеха ми е фактот дека иако победуваат во најголем дел од битките, тие не можат на крај да победат во војната. Вие не можете да го „одизмислите“ тутунот, и секогаш ќе има многу луѓе што го сакаат. Сигурно ќе се врати бумерангот; дури и сега се појавуваат искри на надеж. Холандскиот парламент, за разлика од британскиот парламент, всушност имаше темелна и отворена дебата за ЕТЧ, а во 2005 година гласаше против забраната за пушење. Наместо забрана, угостителството ќе воведе подобра вентилација и поголеми непушачки зони до 2009 година. Меѓутоа, во американските или британските медиуми немаше ниту збор за ова.

Во блиска иднина, работите ќе станат уште полоши не само за пушачите, туку за сите чиј животен стил или навики се сметаат за „ризични“ или „нездрави“. Оние од нас што сакаат да се спротивстават, треба да се едуцираат. Нема смисла да се залагаме за нашите „права“; сè додека нè гледаат како некои што вршат самоубиство и убиство, ние ги немаме. Она што треба да се реши многу похрабро е научната неискреност на антипушачите, како и нивните конфликти на интерес. Овие работи се докажуваат на суд.

Во меѓувреме, забавувајте се во кој било простор во кој ќе ве остават, правете сè што треба за да останете нормални, и благодарам што ме слушавте.

Џо Џексон

*****

Од средбата Заев-Ахмети, Тетово, октомври 2017. Пепељарите се за лушпи од ф'стаци.

 

 


 

 

27 октомври 2017 - 12:02