Она што останува кога ќе умреш

"Shit my Dad Says" беше една од најбурлeскните приказни што му се случиле на интернетот. Син почнува да ги твита работите кои у пролазу ги одаламува неговиот стар татко. А стариот - гениј. Накурчен, џангризав, недоверлив, саркастичен, циничен.... Потоа стануваат интернет ѕвезди, прават од тоа книга, ситком со Вилијам Шетнер и сè како што треба. Деновиве, истиот тој син го посетува истиот тој татко, кој сега полни 78 години. Еве ја приказната за што зборувале.

Задолжително стискање плеј, за да не читате во тишина:

Минатиот месец татко ми наполни 78. Неколку дена пред неговиот роденден отидов во Сан Диего да го видам.

„Што сакаш за роденден?", го прашав додека седевме во неговата дневна соба.

„Сакам да зборуваме за нешто. Ајде да го прошетаме кучето", рече тој, земајќи го поводникот кој стоеше до неговата столица на лулање. „Ти земи ја ќесата за гомната", додаде, подавајќи ми згужвано пластично ќесе.

Тргнавме по тивката улица во предградието, додека неговиот голем кафеав ротвајлер мешанец одеше пред нас.

„Човечкото тело не е направено да живее волку долго", рече тој.

„Седумдeсет и осум не е толку многу", одговорив.

„Дали мораме да стоиме тука и да правдаме очигледно срање од мислење како ова твоево, или може да престанеш да тропаш и само да муабетиме?"

„Ок. 78 е старост".

Си ги поднамести тренерките и почна да оди побргу.

„Не се жалам. Само велам дека луѓето ја имаат таа смешна идеја дека можеш да бидеш стар и да скијаш на вода, и да се ебеш каде сакаш, и тоа се глупости. Тоа е ебена ароганција која е карактеристична само за луѓето и за ниту еден друг животински вид", рече тој, додека го тегнеше каишот на кучето, тргајќи го од тревникот на комшијата за да не им ги уништи цвеќињата.

„Другата опција е едноставно да прифатиш дека смртта доаѓа", одговорив.

„Да, дефинитивно доаѓа. Не можеш да ја излажеш смртта. Таа е ненадјебива. И ако и се спротивставиш, ќе те понижи. Ќе те врзе за кревет и ќе направи некој да мора да ти го брише газот. Ќе направи да заборавиш кои ти се децата. Ти го зема достоинството, си го вади курот и моча врз тебе. Кога си помлад и кога таа ќе ти дојде, тогаш вреди да се бориш и да минеш низ тоа понижување. Но кога си постар, што ѓавол ако минеш низ сето тоа?", рече, а потоа зема длабок здив и застана на тротоарот.

Го погледнав додека си ги собираше мислите и секој мускул во мојот стомак се стегаше од јанѕа. Едвај ги извадив од себе моите следни зборови.

„Ти умираш?", прашав.

„Што? Не бре! Да умирав ќе ти се јавев и ќе ти речев 'Еј, јас умирам'"

„Повеќе би сакал да не го направиш тоа така", реков, издивнувајќи со олеснување.

„Многу ќе ми биде гајле што ти е тебе подраго кога ќе умирам", се насмеа, и почна пак да оди.

„Па зошто тогаш ми го зборуваш ова?"

„Погледни го кучето", рече, покажувајќи на неговиот најдобар пријател. „Нему му е гајле за три нешта, по овој редослед: живеење, ебење, јадење. Сега, ако јаде, и му се пружи шанса за ебење, тој ќе престане да јаде за да може да ебе. А ако се ебе, и нешто му се види како закана по живот, ќе престане да се ебе за да се заштити. Што ти кажува ова?", праша.

„Не знам, нели е тоа нешто како Масловата хиерархија на потреби или нешто така?"

„ОК е ако кажеш и 'не знам'. Всушност повеќе би го ценел тоа отколку глуп одговор".

„Не знам, тато", реков, помалку изнервиран.

„Кучето, како и секое друго животно вклучувајќи нè и нас, најпрво и најмногу мисли за тоа како да остане живо и да ги пренесе своите гени. Нашата ДНК нè тера така да се однесуваме. Го трошиш времето на тоа да обезбедиш дека ќе го имаш најдоброто јадење, ебење и живеење. Но потоа старееш како мене и не можеш веќе да кажеш дали си прднал, и ништо во твоето тело не работи како што работело некогаш. И почнуваш да мислиш, или барем јас мислам, за тоа како си ги минал сите тие најефективни години од твојот живот на оваа планета, која е населена со милијарди луѓе и на кои не им е гајле за никој друг освен за десетина мадафакери кои ја делат нивната крв. И мислам дека луѓето се способни за повеќе отколку само за ова. И би требало да бидеме повеќе од ова. Затоа што, кога ќе умреш, она што ти останува се луѓето кои нешто ти значат. Секој сака да каже колку сме еволуирале, но вистинската мерка за тоа дали некој животински вид еволуирал е дали може да си ја погледне сопствената ДНК во очи и да рече, 'Еби се, можам повеќе од тоа што мислиш дека го можам'.

Свртивме во неговата улица и тој си го избриша челото со марамче.

„Кога сме кај тоа, сакам фино шише бурбон за роденден, затоа што сум ти факинг татко".

26 март 2014 - 20:53