Кога Леми го виде Тито

Звучи неверојатно но стварно се имаат сретнато, вечерано и притоа немаат прозборено ни збор. Едниот чија смрт лани ова време ја започна лавината која 2016-та ја направи црна година и другиот, чија смрт покрена лавина срања кои уште трујат наоколу. Што мислите, од кај му на Леми инспирација за онолкави прстени и ордени?

Во 1966 година Леми доаѓа во Белград како член на групата The Rockin’ Vickers, а ги дочекува лично Јосип Броз.

- Многу добро се сеќавам на тој ден. Свиревме со воен оркестар по што бевме повикани од Тито на вечера на која не разменивме ни збор. Се сеќавам дека по протоколот, не седнаа на спротивната страна на масата. Не му приоѓавме, како што и тој не ни приоѓаше", откри Леми своевремено за Јутарњи лист.

На таа средба се сеќава и легендарниот рок критичар Драган Кремер (Џубокс, Време, Е- новине).

- Некаде на средината на шеесетите, неговиот бенд кој се викаше 'Rockin' Vickars' гостуваше во рамки на некаква студентска размена. Од наша страна надвор одеше некое културно уметничко а во возврата посета, меѓу другите, стигна и бенд со уредно исчешлани но долгокоси дечки, во светни кошули. Еден од нив беше Леми.

Кремер вели дека Леми ја чувал фотографијата од примето кај Тито кои некои ја гледаат како инспирација за неговиот подоцнежен имиџ.

- На еден од раните албуми на Моторхед, во внатрешниот омот се наоѓа токму таа фотографија, Леми без ниедна брчка, без прстени, метали и сè друго... А подоцна својата фасцинација ја продолжи така што почна да собира ордена од сите земји. Меѓу нив имаше и три ордена за народен херој бидејќи знаеше дека само другарот Тито имаше три такви ордена. Еднаш бев во прилика да ми ги покаже тие ордени кога бев кај него дома на гости, вели Кремер.

Ние нешто друго памтиме од смртта на Леми. Тоа што нашиот омаж за него (направен со многу љубов) го имаа исполајкано повеќе луѓе отколку што би му дошле на концерт. Можеби немаа луѓето одамна жалено по некого па има тргна.

 

28 декември 2016 - 15:56